Корупцијата стана централен фокус на глобалниот неолиберален поредок. Таа е препознаена како главната причина за човековото страдање и лишеност: ја поткопува компетентноста, правичноста и демократскиот легитимитет на модерната држава, води до кршење на човековите права, го нагризува квалитетот на животот и дозволува ширење на организираниот криминал и другите закани по човековата безбедност
ЕЛЕНА МИХАЈЛОВА СТРАТИЛАТИ
Неолибералната фасцинација со проблемот на корупцијата се вкрстува со нормативниот проект за дијагностицирање на причините и последиците од корупцијата и изнаоѓање на лекови. За правниците, корупцијата е главно проблем на спроведување на правото/законите. Па така, глобалните стратегии за борба со корупцијата се обидуваат да ја затегнат контролата на модерната рационална држава преку апстрактни, бирократски практики на дисциплина. Во својата криминализирачка оптика, тие имаат тенденција да ги гледаат практиките на корупција како отуѓени, индивидуални чинови на алчни јавни службеници кои се настрвени на националните ресурси и како себични и пресметани криминални акти во отсуство на јавна дисциплина. Оттука, се претпоставува дека посеопфатното спроведување на социјалната дисциплина преку државните институции ќе работи на спречување на корупцијата преку задушување на себичната алчност на поединците.
Корупцијата може да изгледа како проблем на социополитичко отуѓување и себично калкулирање на алчни јавни службеници во премолчена соработка со циничното граѓанство. Ова е секако еден начин на размислување за корупцијата; модел кој предлага решенија насочени кон враќање на отчетноста, транспарентноста, довербата на јавноста и другите бирократски механизми на демократско „градење на институции“. И националните влади и меѓународните тела имаат на располагање широко прифатени принципи, регулативи и алатки за борба против корупцијата на домашен и на транснационален план.
АНТИКОРУПЦИСКА АРХИТЕКТУРА Сепак, антикорупциската архитектура не функционира секогаш или секаде според планираното. Ова не значи дека официјалната корупција е погрешно дијагностицирана. Она што овој нормативен проект сепак не успева да го препознае е тоа дека формите на желба што ја поттикнуваат корпуцијата не се само себични и приватни, туку можат да бидат и длабоко социјални, обликувани од поголемите социокултурни поими за моќ, привилегија и одговорност.
Дополнително, овие сложени форми на социокултурна желба што ја создаваат корупцијата се вметнати во самата држава, бидејќи државата не е само сфера на индивидуализирачка дисциплина, туку сфера на општественост и припадност, како и материјална акумулација. Како што истакнува Џенифер Хести: задоволствата од корупцијата се задоволствата на самата држава, нејзината моќ да ги задоволи желбите за социјално, културно и материјално изобилство, како и легитимност и солидарност.
СОЦИОКУЛТУРНИТЕ ЖЕЛБИ КАКО ПРОВОКАЦИЈА Во оваа смисла дисциплинските мерки насочени кон себични поединци целосно ќе го пропуштат општествено вграденото или „домородното“ корумпирано јас што се конструира преку државата. Со криминализирање на социјалноста и задоволството во областа на државата, глобалниот апарат на антикорупцијата во некои контексти (како на пример нашиот), може исто толку да ги провоцира социокултурните желби колку што има за цел да ги искорени и на крајот да ги фетишизира задоволствата од корупцијата како локално посакувани и политички легитимни.
Корупцијата во сите нејзини безбројни форми се јавува на пресекот помеѓу културата, пазарот и државата. Нејзината распространетост нè принудува да се соочиме со заплетканите врски помеѓу приватното богатство и јавната моќ и помеѓу културната практика и создавањето на компетентна и непристрасна влада. Сосема настрана од глобалната дисциплинска кампања против рационалното пресметување на себичната индивидуална желба, во нашето локално произведено разбирање, на корупцијата не се гледа како на егоцентрично отуѓување и повлекување од општествените односи на доверба, туку, попрво, како на интензивирање на контактот со виталните текови кои циркулираат низ политичкото тело, една хиперповрзаност со социокултурните комплексности на капиталот и желбата коишто минуваат низ државата и општеството.
Сложените социокултурни желби кои ја проникнуваат нашата политичката култура (и кои се вградени во локалните практики на корупција) гравитираат околку државата како стратешко место на „задоволство“. Па така, конзумирањето на државните добра се одвива како едно ненаситно јадење и последователно станување буквално или фигуративно дебел. Оваа логика која некои автори ја нарекуваат „политика на стомакот“ е операционализирана во клептократските шеми на македонските елити. Да се јаде, акумулира, искористува, цица, присвојува, разграбува….. Политиката на стомакот е форма на владеење што во суштина ја конституира македонската држава како „плен“, спроведена преку конкурентни, но изврзани мрежи на непотизам и трибализам.
Следењето на „политиката на стомакот“ во јавната област и востановувањето на оваа форма на владеење подразбира предаторски авторитет кој ги ништи алтернативните форми на политички разум и пракса, но и самото постоење на поимот јавен интерес. Случај по случај на присвојување на државни ресурси, екстремни бонуси и надоместоци за патување, приватни исплати од државни средства, земање/присвојување на земјиште, даночно затајување, поткуп и мито при доделување на договори, концесии и приватизација на државните претпријатија и природните ресурси.
Во оваа културна логика парите не се само инструментални за општествените односи, туку се суштински за самата човечка супстанца, движејќи се низ социјалните мрежи со хуманизирачка сила. Протоците на социјалноста и афектот генерирани од парите го дефинираат општествениот живот на луѓето тука. Ако паричните трансакции го придвижуваат животот/крвотокот низ социополитичкото тело, корупцијата може да се види како стратешки канал на вредност создаден на место на блокирање или ограничување, чија цел е да се забрзаат материјалните и социополитичките текови, притоа придвижувајќи ги во нови насоки.
СУДБИНАТА НА СЈО Се додека корупцијата се генерира преку афективен меѓукултурен ангажман, силите на антикорупција би требало да се генерираат преку афективно отуѓување или културна дислокација. Сепак, доволно е да се погледне судбината на поранешното Специјално јавно обвинителство и станува јасно колку обликот на неговата политизирана антикорупција е повторно поврзување со трансформативните текови на капитал и влијанието што го одржува овој циркулаторен систем. Во оваа смисла дури може и да се каже дека поранешната шефица на СЈО одговараше на затоа што се впушти во тековите на желба и социјалност кои ја мотивираат самата корупција, туку затоа што не се впушти потполно/посилно. Нејзиниот подарен кауч останува да биде ироничен симбол на уништените соништа за политичко достоинство, стабилност и просперитет, но и да потсети на разликата помеѓу нејзината судбина и судбината на оние кои таа ги гонеше.
Сите тие – причините и последиците од корупцијата, како и нашите локални напори за антикорупција – се спојуваат во заедничка точка: хиперангажираност во виталните социополитички текови на желба и афект, како и на материјалност. Ова радикално го менува криминалниот профил на оние кои се прогласени за виновни за корупција, како и професионалниот профил на оние кои ги разоткриваат и ги изведуваат пред лицето на правдата. Според тоа, сторителите на корупција не се себични, неморални социопати, туку екстровертни социофили, длабоко ангажирани во морално наелектризираното генерирање, трансформација и циркулација на различни форми на вредност (без разлика дали јадат или споделуваат, земаат или даваат, исцицуваат или внесуваат, штетат или помагаат). Исто така, и нашите обезбедувачи на антикорупцијата не се критични крстоносци морално позиционирани надвор од корумпираниот систем (или не само тоа), туку мотивирани политички актери кои работат да се репозиционираат во динамиката на социополитичкиот тек.
Во социополитичкиот систем на РСМ зборот интегритет е заменет со интеграција, нешто што треба да произведе содружништво, солидарност или доверба во односите на заемна потреба и обврска да се заштити и обезбеди пристапот до материјалното богатство на државата. Истото се пресликува и кај клучните стратегии за борба со корупцијата, чиј незаобиколив дел е потребата од создавање на силно судство и обвинителство. На пример, предлозите на нашите вечни законописци, сега и антикорупциски стратези, ветингот на судиите да се одвива преку нивна меѓусебна проверка на одлучувањето по предметите, во основа ќе ја произведе истата солидарност меѓу (корумпирани) содружници и лов на вештерки или изолирање на секој судија кој ќе пројави интегритет.
(Текстот е презмен од Либертас а опремата е на Глобус)
(ПРОДОЛЖУВА)