Без реконфигурирање на динамиката на желба и дисциплина антикорупциските механизми однапред се осудени да бидат поништени од секојдневните практики на преговарање, мрежи на солидарност, предаторски авторитет и редистрибутивна акумулација
ЕЛЕНА МИХАЈЛОВА СТРАТИЛАТИ
Се додека формите на желба – желба за социјалност, домородност/локалност, политичка легитимност, како и материјално богатство – кои ја мотивираат корупцијата се длабоко социјални, канализирани низ државата, самата таа стимулира корупција. Па така, додека одоздолу ја поттикнува, а одозгоре се бори со неа, крајниот резултат е поништување на разликата помеѓу забраната и дозволата
УЛОГАТА НА АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ Или, пак, Академијата за судии и јавни обвинители, која е клучна во судските реформи како единствен влез во судскиот систем, и која наместо филтер функционира како инкубатор на силите што не владеат со децении. Повикувањето на уставните права на овие насадени непотисти од страна на Директорката на Академијата (кои можат семејно бираат што сакаат да бидат, бидејќи се во прашање имоти, пари и државни функции) или надевањето на Претседателката на Антикорупциската комисија дека тие самите во иднина ќе се повлекуваат од случаи каде има конфликт на интереси, само додава навреда на повредата. Зборувајќи со силата на својата професионална легитимност, тие повеќе ја потврдуваат нивната социјална легитимност која зависи од усогласувањето со локалните норми, каде аномалијата се доизградува за да функционира како правило.
Се додека формите на желба – желба за социјалност, домородност/локалност, политичка легитимност, како и материјално богатство – кои ја мотивираат корупцијата се длабоко социјални, канализирани низ државата, самата таа стимулира корупција. Па така, додека одоздолу ја поттикнува, а одозгоре се бори со неа, крајниот резултат е поништување на разликата помеѓу забраната и дозволата.
Можеби најдобрата метафора за оваа наша состојба ја дава Жижек, опишувајќи ја случката во хотел во Скопје, каде на прашањето дали е дозволено пушење во хотелската соба, рецепциониерот изречно одговара дека не е, дека е забрането со закон, за да додаде дека има пепелници во собата, така што тоа не е проблем. Контрадикторноста меѓу забраната и дозволата е отворено претпоставена и со тоа откажана, третирана како непостоечка, т.е. пораката е: „Забрането е, а еве како го правите тоа“. Она што се случува денес е дека отворено се признава оваа дисонанца и поради таа причина се третира како неважна.
ПАТОЛОГИЗИРАН ЛОКАЛИТЕТ Дополнително, нашиот патологизиран локалитет не може да се реши со полибералните текови на трговијата. Глобализацијата нѝ покажа дека политиките насочени кон отворање пазари и олабавување на транснационалните текови на трговија всушност размножуваат и забрзуваат нови форми на корупција. Така, примената на неолибералната дисциплина во демократската дистрибуција не ги затвора локалните криминализирани канали на желба кои ја поттикнуваат корупцијата во националниот контекст, но ги насочува тие желби во транснационални канали, подложни на нова динамика на слобода и контрола, динамика уште подлабоко обликувана од дијалектиката на глобалното и локалното. Наеднаш борејќи се и поттикнувајќи ја корупцијата, неолибералната држава мора истовремено да ја повика и глобалната либерална агенда за поддршка и легитимност за да го преживее сопствениот политички парадокс.
Сепак, она што постојано не демне не мора да е непробојна темнина. Истражувањата покажуваат дека повеќето луѓе ја препознаваат корупцијата како длабок проблем дури и кога ги потврдуваат социјалните врски што таа ги изразува. Основната осуда на корупцијата, дури и од оние кои профитираат од неа во нивниот секојдневен живот, сугерира простор за реформи.
Како и да е, за реформите да имаат резултат тие мора да се судрат со афективно ангажираната социјална желба. Без реконфигурирање на динамиката на желба и дисциплина антикорупциските механизми однапред се осудени да бидат поништени од секојдневните практики на преговарање, мрежи на солидарност, предаторски авторитет и редистрибутивна акумулација. Во оваа смисла, разрешувањето на корупцијата може да дојде само како неочекуван нуспроизвод (на социо-културната трансформација), никогаш како постигнување на поставена цел.
Затоа, вистинскиот избор е: дали треба да продолжиме да ја играме политичката „хуманитарна“ игра на грижа за ослободување на граѓаните од корумпирани поединци или да се справиме со многу потешката задача да го промениме системот што нив ги генерира? Без таква промена, нашата ситуација ќе биде сè понерационална.
ПОСТОИ ЛИ ВГРАДЕНОСТ ВО КУЛТУРАТА Корупцијата не е неизбежен резултат на историјата и културата. Општествените норми може да бидат длабоко вградени и да се самозајакнуваат, но тие не се нужно замрзнати во времето. Аргументите кои се засноваат на суштината на човечката природа, на културниот релативизам и/или на неспроведливоста веќе долго време беа користени за негирање на основните човекови права како што се слободата од ропство, тортура и политичка репресија.
Глобализацијата сега ја предизвикува меѓународната заедница да ја подигне антикорупцијата како мерка за слободата на поединецот во општеството. Компетентниот развој на јавната политика, ефективната испорака на услуги од страна на бирократијата и правичното решавање на споровите – а кои корупцијата директно ги оневозможува – се основите за едно пристојно општество. Глодарите на јавните добра и јавните интереси го оневозможуваат остварувањето на функционалните одговорности на државата и на тој начин и остварувањето на нашите основни граѓански и политички, како и економски и социјални права, но и условите во кои можеме слободно да создаваме, градиме и да напредуваме.
Важно е нашите промени да се одвиваат по оваа линија. Барањето на индивидуата да биде ослободена од корупција е витален израз на човечката волја и капацитет за слобода. Повторно, подеднакво важно е ова будење да не се претвори во само уште еден случај каде политичката легитимизација се заснова на статусот на жртва на субектот, жртва на околностите. Опасноста е што, на хомологен начин, во тековното будење идеологијата на личната слобода може тивко да се спои со логиката на жртва (тука слободата се сведува на слободата да се изнесе сопствената жртва). Борбата против корупцијата лесно може да се присвои и од националистичките антилиберални сили, кои во револтот на граѓаните кон државниот криминал упорно го втуткуваат ресентиментот на вечно онеправданиот Македонец. Можеби во оваа хаотична мешавина на гласови каде сочувството се комбинира со опортунизам, невиноста со корупција, страста за слобода со вешта манипулација, токму во општествено изопштените, сите оние кои се излишни, неприлагодени, неснајдени, невмрежени – лежи вистинската еманципаторна волја.
(Текстот е презмен од Либертас а опремата е на Глобус)