Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ЗАД КОРМИЛОТО НА ПРОРУСКИТЕ СТАВОВИ НА МПЦ СТОИ ВЛАДИКАТА ПЕТАР

June 24, 2025 Filed Under: Македонија

Начинот на кој се случуваат работите во врвот на МПЦ ОА не се по волја на дел од верниците. Посебно е валкана кампаата против првиот човек на манастирот Бигорски Партениј. Во основа кај нашите великодостојници влијанието на дневната политика не било отсутно, туку почесто правило

ГРУПНА ФОТОГРАФИЈА Во средината на снимката од спомен на одбележувањето на Денот на Русија е митрополитот Петар – случајно или како јасен симбол на средбата со амбасадорот Баздникин

Потпретседателот на Владата, министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, на 12 јуни присуствуваше на приемот по повод Денот на Русија во амбасадата на Руската Федерација во Скопје – jавува Цивил медиа. Се констатира дека „е општо познато а тој тоа и не го крие, напротив, се гордее дека е спона помеѓу Македонија, или поточно кажано, Владата на Христијан Мицкоски и ДПМНЕ со ’српскиот свет’ и ’рускиот свет“. Покрај Стоилковиќ, на приемот во руската амбасада биле и високи претставници на МПЦ ОА, од Архиепископот на г.г. Стефан, потоа митрополитите Петар, Јосиф, Григориј, преку новопоставениот Георгиј, се до Климент.

Контекстот на претставниците на земјава во амбасадата секако е значаен иако не е познато дали вицепремиерот на Владата  бил во свое лично име, во име на државата или во име на својата партија? На настанот присуствуваа и пратениците на Собранието, левичарите Сашко Јанчев и Јована Мојсоска и членот на Демократска партија на Србите, Драган Недељковиќ. Од дипломатскиот кор присуството било крајно проретчено.

Разбирливо е дека делегацијата на МПЦ ОА била највпечатлива на тој собир, пред се заради својата бројност ама и заради согледувањето на она „кој е кој“ во Светиот синод, кој секако не е еднодушен по многу прашања. Во конкретниот случај заради тоа што последниот избор што се направи во цркавата, со кој се доенсе одлука кој ќе управува со охридско-дебарската епархија што го возбуди верничкиот дел од нацијата.

За што се работи секако најдобро објаснува колегата Марјан Николовски на својот портал „Религија.мк“ во текстот насловен како „Синодско искушение“ (https://religija.mk/sinodsko-iskushenie/).

Текстот е пишуван воочи носењето на одлука кога на многу места во земјава верниците протестираа. Николовски ја нарекува одлуката историска. „ Изборот на нов митрополит на Охрид ќе значи историска пресвртница во развојот на Црквата и од процес на раст ќе премине во процес на пад. Неизборот на митрополит на Охрид ќе значи историски процес на промени кои ќе треба да стават крај на самоволијата на поединци во Црквата. Друг резултат од денешната синодска седница нема да има“. Авторот признава дека во вакви моменти најдобро е човек да си молчи ама тој беше еден од ретките кој напиша на денот на погребот на претходниот митрополит Тимотеј дека во коментарот „Срамот од Охрид што го обиколи православниот свет“ кажал дека „кој сакаше и знаеше да чита, ќе прочиташе дека Партениј е исфрлен од играта за Митрополит на Охрид уште на денот како почина Тимотеј“.

Николовски додаде дека 6 месеци по тој настан врвот на МПЦ не нашол за потребно таму (во Охрид) во пригодни прилики (Божик, Великден и слично) да одржи литургија.  Испраќани се различни владици кои потоа сесметал себе си за „избрани“. Николовски потсетува дека ова е избор на четврттиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија, од нејзиното основање во 1968 година, има две фиксни појдовни точки. Првата е што Петар, ниту по една цена, не дозволува Партениј да влезе во Синодот со право на глас. Втората фиксна појдовна точка е што Стефан нема храброст да му се спротивстави. Во тие две фиксни точки има и една која е заедничка. И двајцата ја имаат желбата да го освојат влијанието во епархијата со која управуваше Тимотеј. Сите тројца заедно низ историјата на МПЦ-ОА беа највлијателните во Црквата и секогаш во центарот на сите крупни потреси. Со тоа што Тимотеј во одредени моменти знаеше да се повлече или да ја промени страната во вечната поделеност што постоеше во Синодот. Знаеше да балансира. На едната страна беа Петар, Стефан и Тимотеј, заедно понекогаш со Горазд. На другата беа Кирил, Михаил, Гаврил. Тимотеј беше непредвидливиот глас во Синдот. Сега, по неговата смрт се случува битка за превласт врз неговиот митрополитски трон – констатира Николовски.

Гаврил Велички првата жртва

Авторот на текстот потсетува дека на крајот од 80- тите и почетокот на 90-тите се случува првиот сериозен потрес во МПЦ. Таргет на линч е Кирил. Во таа битка, која се случува врз грбот на тогашниот Архиепископ Гаврил, во обид да се обезбеди глас повеќе во Синодот, Петар, Стефан и Тимотеј одлучуваат да го направат владика Гаврил, игуменот во Лесново. Тимотеј се повлекува во последен момент, бидејќи нема легитимна одлука на Синодот, но Петар и Стефан одат во Лесново и го хиротонисуваат за епископ Велички. „Неколку дена подоцна Гаврил доаѓа во Скопје на синодска седница, но портирот на Архиепископија не го пушта да влезе, со образложение дека не е епископ. Разочаран од моментот дека е изигран, се враќа во манастирот и живее уште шест месеци“ – го објаснува во детали тој судир новинарот .како вовед во предвремено пензионирање на Архиепископот Гаврил и избор на Михаил за Архиепископ а привидниот мир меѓу Кирил и Петар останува да тлее.

Значајна е констатацијата на Николовски дека „народот не може да избира митрополит, ама партијата може поглавар“. Во меѓувреме МПЦ добива уште тројца митрополити: Наум, Агатангел и Јован, распоредот на силите во Синодот се комплицира, а паралелно сè поизразена станува и линијата на тогаш веќе партиски влијанија во Црквата. „Смртта на Михаил повторно ги отвора апетитите на Петар, особено што таа се случува во политички период кога нему блиската ВМРО ДПМНЕ е власт. Освен Кирил, Горазд и Тимотеј, кои важат за блиски до СДСМ, останатите владици во Синдот се политички профилирани кон ВМРО ДПМНЕ. Изборот на поглавар на МПЦ минува низ два филтри. Првиот е синодскиот, од каде двајца кандидати одат на избор на Црковно-народен собор. Петар е речиси уверен дека во вакви политички околности тој е неприкосновен фаворит. Но, се случува токму спротивното. Кирил, пред сè поради потребата себеси да се заштити, бидејќи во случај Петар да стане Архиепископ, нему јамката му е врзана, решава иден поглавар да биде Стефан. Млад, близок до ВМРО ДПМНЕ, амбициозен, но би бил и соработлив и еден вид компромис, но од друга страна би бил раздвоен од влијанијата и интересите на Петар, со што, пак, конфликтот Петар-Кирил би се продлабочил и на Петар-Стефан. За да може Стефан да биде избран на Црковно-народен собор, потребно е Петар да испадне во синодската елиминација. Тоа и се случува. На Црковно-народен собор одат Стефан и Тимотеј. Таму изборот го прават мирјаните, сите до еден членови на ВМРО ДПМНЕ, и избран е Стефан“.

Потресите во МПЦ продолжуваат со на јавноста познатиот Нишки договор меѓу МПЦ и СПЦ. Нејасноста во дел од договорот направила како жртва да падне митрополитот Јован кој јавно говорел за овој акт. Николовски го нарекува – втора жртва во МПЦ од основањето. Сепак Јован, кој нели се сепарираше две децении потоа е вратен во крилото на МПЦ-ОА!

„ И токму сега … кога МПЦ-ОА треба да продолжи да го јакне своето единство, да расте како Црква, а не како партиско-политички комитет, некој во Црквата повторно е жеден за жртва“ – заклучува новинарот и го посочува Партениј како трета жртва во континуитетот. Раскажува дека

сценариото за елиминација на Партениј има два дела. „Првиот е да спречи негов избор за Митрополит, во што сосема јасно е дека се успева. Но, вториот, поопасниот дел треба да следува подоцна, а тоа е процес на растурање на монашката заедница на Партениј, целосна негова дискредитација и доведување до ситуација тој самиот да го повлече чекрото против себе“. Но, тоа замислено сценарио со Партениј ќе оди многу потешко, смета Николовски, бидејќи тоа се гледа и од онаа инструирана хајка од еден центар. „Главниот таргет на напади се движи на релацијата бугараш-гркоман, и тоа поради две-три изјави и настани од пред неколку години, кои во тој период имаат и свои цели и свои намери, а се поврзани со големите процеси за признавање на МПЦ-ОА. Ако мислат дел од владиците дека денес тие ќе го лижат маслото од финалето на тој процес, кој заврши на 9 мај 2022 година со признавање на канонското единство на МПЦ, па еве и со тој ’Томос’ од СПЦ, како што сакаат да го претстават некои како финале, а Партениј, кој беше директно вклучен во процесот, како истурен играч, да биде сосема исфрлен, треба да знаат дека јавноста ќе ги има на увид на сите, засега тајни коресподенции, на кои стојат потписите на сите владици, освен потписот на Партениј“.

Јасно е дека е неизбежно прашањето како се изведе ова со изборот на новиот митрополит. Николовски пишува дека одлуката на професорот Ѓоко да се замонаши и како Георгиј да ѝ служи на Црквата е негов личен избор и никој нема право да му суди, да го цени или оценува неговиот подвиг. Објаснува дека „МПЦ-ОА изминативе речиси две децении, и кога беше во шизма, покажа дека е жива Црква и дека знае да го оди канонскиот пат. Токму изборот на последните десетина владици беше најголемиот доказ за тоа. Сите тие произлегоа од монашкиот ред, некои и по повеќе од двасетина години монашки стаж. Тоа беше столбот на црковната иднина, за кој и некои соседни Цркви подзавидуваа. Изборот на Георгиј за Митрополит, за само 16 дена од замонашувањето, е враќање на МПЦ-ОА во шеесеттите-седумдесеттите години, кога за таквите чекори имало реално оправдување. Навредливо и самопонижувачко е за самата Црква на иста сиднодска седница некој да биде избран и за Архимандрит и за Епископ и за Митрополит. Ирелевантно е дали статутарно и уставно тој изборе е во ред. Едно од прашањата е што толку се брза или кој толку некого брза?“ – стои во текстот на Марјан Николовски.

Ако го поврземе почетокот и крајот на текстот и ставиме црта јасно е

дека и онака доминантните просрпски или поточно – проруски ставови на МПЦ ОА зад кои со децен ии стои владиката Петар. Зад него има многу опашки кои ја прават целата таа негова позиција уште подраматична.

(р.г.)

 

Filed Under: Македонија

КOГА ЈАГНИНАТА ЌЕ СТИВНАТ, ВОЛЦИТЕ ПОБЕДИЛЕ
ФРЧКОСКИ: ВТОРИОТ ФРАНЦУСКИ ПРЕДЛОГ Е ПОДОБАР ОД ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ВО 2019 ГОДИНА
БЕЗ НИВ СЕ’ ЌЕ СЕ СРУШИ: БРИТАНИЈА И МИГРАНТИТЕ
MАЛА ФОРМА, ГОЛЕМА ПРЕТСТАВА: БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ ЗА МОЌТА НА МОНОДРАМАТА И СИЛАТА НА ЕДЕН АКТЕР
ЗОШТО СИТЕ ПУКААТ ПО ПП-ДБ?

Најново

  • КOГА ЈАГНИНАТА ЌЕ СТИВНАТ, ВОЛЦИТЕ ПОБЕДИЛЕ
  • ФРЧКОСКИ: ВТОРИОТ ФРАНЦУСКИ ПРЕДЛОГ Е ПОДОБАР ОД ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ВО 2019 ГОДИНА
  • БЕЗ НИВ СЕ’ ЌЕ СЕ СРУШИ: БРИТАНИЈА И МИГРАНТИТЕ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet