Големите имиња на екипата на Груевски се пред заминување во затвор, иако зад себе имаат цел сет на трикови да го одложат тој момент. Индиректно во тој отпор е присутен и Али Ахмети
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Однесувањето на ВМРО ДПМНЕ кон своите политички опоненти до сега зависеше од две компоненти. Имаше денови кога притисокот на надворешниот фактор беше толку силен што беше и посилен од оној „домашниот есап“, како следен фактор кој ги одредуваше чекорите на Груевски и екипата. Така дојде и до пржинскиот процес и она што следуваше до декември 2016 година, до парламентарните избори.
Но, да се вратиме во сегашноста. Се чини дека притисокот на странскиот фактор потоа слабееше. Дури пред заминувањето на американскиот амбасадор Бејли и она негово „покајничко писмо“ во однос на третата власт во земјава, ги ослободи некои од субјектите на правосудтвото, па се чини од тогаш наваму имаме чувство дека Јово Вангеловски и нему подредените поединци и групи просто се распекмезија и заборавија на добрите обичаи во овој сегмент на општеството, вреќајќи се во времето кога нивното однесување во целина зависеше од тефтерчето на министерката Јанкуловска а пак тоа тефтерче се полнеше со наредби и насоки на далеку помоќни фактори од самата неа.
Зависноста на внатрешната арена од надворешната се трансформира во двојна зависност која доаѓа надвор од границите! Најпрвин со бегството на експремиерот Груевски во Будимпешта се претвори кејот на Дунав во писарница од каде се издаваат дневни наредби кои Мицковски и екипата мора итно да ги спровеуваат. Последната промена во однесувањето дојде во мигот кога холандскиот амбасадор во земјава се закани со прстот кон „војводите“ а тие некако неволно се согласија да се променат во користењето на опортунизмот во надминување на кризата. Тоа користење на импертивот во земјата каде не се користат падежи, особено во отсуство на американскиот амбасадор во прилично индикативно долго време, веднаш даде за резултат виткање на кичмата кога се работи за судбината на СЈО кај опозицијата. Беше промтно ветена соработка со власта. Но, кусото и целосно јасно отсуство на Мицковски од земјата деновиве донесе нова промена во односите и ветувањата: со власта може да се преговра само за предвремени избори – тоа е најновиот став кој доаѓа од Белата паланчинка.
Независно што имаме итни проблеми за решавање до почетокот на октомври, заради смилување на бриселските намуртенковци, настана коперникански пресврт во однос кон надминување на кризата со СЈО!, пред се. Мицковски едноставно си доби нова доза на инструкции врзана за судбината на неговите омилени ликови – Кочан како важен сведок треба да замине наскоро во затвор, исто така и за Гоуданче работите не стојат добро, за неа се мести креветот во женското одделение во Идирзово. Кај судијата – адвокат Јово Вангеловски нервозата е се поприсутна, во процесите се пристапи кон планот „Ш“- пуштање на поротниците по болниците за да нема услови за судење и одложување на судењата до септември. Се прави се, ако треба ќе се тропа по шерпи по улиците, ама најблиските соработниџи на Груевски и екипата не смеат да зачекорат во некој затвор.
Заев изгледа прилично осамен во целата таа каша во која се наоѓа. Вмроовците против него ги користат сите можни арсенали крај кои неговите министри и советници изгледаат како лилипутанци. Но осаменоста има и друг извор: однесувањето на ДУИ покажува дека кај Ахмети нема никаква подготвеност да жртвува свој кадар макар и за „јота“ а камо ли да дозволи некој да оди во затвор. А таква казна, ако говориме макар и за „п“ од правна државата треба да уследи и да го проретчи штабот во Мала Речица. Спојот меѓу тој инает и моќта додатно доаѓа од преку Океанот, односно во албанското лоби кое секко си наоѓа своја поддршка во врвот на републиканците за да го денфува американскиот притисок и интерес за овој дел од Балканот. Што би го интересирало градоначалникот Мерко што е пример за непримање на Северна Македонија во Брисел (изјава на францускиот амбасадор во земјава!) ако тој смета дека има друга, посилна поддршка, или замижување, па може лесно да го подгазува и УНЕСКО! Впочен, Американците и не се веќе во УНЕСКО.
– Апелирам за разум, да се седне и да се повикаат пратеничките групи и да се организираат предвремени парламентарни избори. Граѓаните нека одлучат дали овие политики на политичари ќе ја добијат поддршката или ќе дојде некоја нова генерација на политичари, изјави Мицкоски.
Прашан дали се можни протести и порадикални мерки, Мицкоски, рече дека секогаш организирање на мирни протести се опција за било која опозиција, без разлика дали во таа опозиција ќе биде само ВМРО-ДПМНЕ или и останатите опозициони партии.
Прашан дали е можен договор за Законот за јавно обвинителство, Мицкоски, рече дека нема амбиент во државата за да функционира политичкиот дијалог меѓу позицијата и опозицијата.
– Во овие услови вакви, какви што се. Под политички прогон и терор, конструирани обвиненија, нарачани пресуди и прогонот што се прави врз ВМРО-ДПМНЕ, врз сегашни и поранешни функционери, едноставно нема амбиент. Не е само законот за ЈО на маса, сега на маса треба да се најде и темата кога предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски.
За тоа какви се односите на ВМРО-ДПМНЕ со албанските партии и дали тој како лидер се сретнал со нив, Мицкоски рече:
– Имаме средби, разговараме. Загриженоста е присутна и во едниот и во другиот блок. Споделуваме иста мака, маката се вика моментална влада во Република Македонија. Се разбира дека комуницираме. И со ДУИ имаме комуникација. Во рамките на Парламентот, пратеничките групи комуницираат. Јас имам комуникација со господинот Али Ахмети, рече Мицкоски. Ова, нели, беше порака директно упатена кон Заев, на што немаше реакција од Мала Речица.
Од СДСМ велат дека стратешки интерес на државата е да се донесе Законот за јавно обвинителството.
„Се’ уште нема договор за лидерска средба. Но ја повикуваме ВМРО ДПМНЕ да не ги кочи процесите што се од интерес на државата и да помогнат да се донесат законите кои се во интерес на евроатланската интеграција на земјата, пред се Законот за Јавно обвинителство во кој се решава и СЈО“ рече викендов Костадин Ацевски од СДСМ. Како поддршка на тој став дојде уште една попустлива ситуација од страна на Заев – првата специјална обвинителка си аназираше отставка, условена со договор меѓу политичките актери. И одново се виде дека премирот во менгеме меѓу својот коалиционен партнер кој постојано, главно под маса, поставува свои услови и ДПМНЕ кој наводно не сака ни да седне да разговара, освен за предвремени избори. Дали од некаква тактичка гледна точка Јанева со ковертираната отставка му даде олеснување на премиерот?
Заев минатата недела рече власта и опозицијата треба да седнат и да разговараат барем на три теми: закон за обвинителство, пописот и измените на изборниот законик.
Последната лидерска средба меѓу Заев и Мицкоски се одржа во март годинава пред претседателските избори. Освен за изборите се разговараше и за СЈО, но договор не се постигна. Тогаш дури Мицкоски беше дециден – кажа дека не се согласува Јанева и нејизниот тим да бидат дел од СЈО.
Првиот повик за лидерска средба, во мигот кога се пишува текстов, не помина кај ВМРО ДПМНЕ. Од таа партија не сакат да разговараат за три најважни прашања, од аспект на влезот на земјава во преговарачкиот процес со Унијата, туку само условуваат да се разговара за вонредни избори. Јасно, ним им е важен мигот на воспоставување на „пржинска влада“ како додатен ефект на присок врз правосудниот систем, во мигот кога натамошните осудителни пресуди, макар и селектирани ќе вродат со плод. Сето друго за бирото во Будим не е важно и нема никаков приоритет.