Изјавата на премиерот во гостувањето во 1ТВ дека една третина од амандманите на ВМРО ДПМНЕ се прифатливи, иако се од општ карактер, можеби ќе го откочат преговарачкиот процес за судбината на СЈО?
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Јавноста стана доста раздразлива за долгото траење на преговорите за иднината на СЈО, која ја водат партиите. СДСМ во овој триаголник, значи во однос на својот коалиционен партнер ДУИ и опозиционата ВМРО ДПМНЕ постојано укажува дека од релаксирањето по ова прашање зависи почетокот на преговорите со ЕУ до јуни годинава. Од друга страна, ВМРО ДПМНЕ сака да ја продлабочи кризата и да иницира предвремени парламентарни избори со нарушени позиции на своите политички опоненти. Во тоа има таен сојузник во ДУИ, чиј партиски врв има значаен кривичен путер на главата и игра преку узурпација на позицијата на нивниот спикер во Парламентот, со што си купува време за понатамошно еродирање на улогата и значењето на СЈО. Останува само премиерот и неговиот дел од владината екипа, заедно со помалите албански парти,и да стои цврсто во одбрана на Јанева и нејзините обвинители, кои тврдат дека со нив е и меѓу народната заедница, што е секако – вистина.
Песочниот часовник иднава недела пак ќе биде свртен, откако се чинеше дека нема да биде потребен ниту во претходниот период, последен пат врзувајќи некаква надеж за успех за неделата која измина, откако се покажа дека странците можеби посилно ќе се ангажираат по однос на креацијата која е и нивно решение за кризата во нашиот правосуден систем.
Во едно од последните јавни излагања пред неколку дена министерката за правда Дескоска најави дека ќе направат напори да се постигне двотретинско мнозинство во Собранието за изгласување на законот преку кој се решаваат дилемите за СЈО. Тука секако е важно дали осумката (или деветката) од независната група, отцепена од ВМРО ДПМНЕ, би асистирала во таквата операција?
– Прашање на пратеничките групи и политичките партии е дали ќе сакаат да се приклучат во евроинтергативните процеси или ќе стават приоритет на штитењето на криминалот во сопствените редови, нагласи речиси очајно Дескоска. И судијката Маргарита Цаца Николовска смета дека СЈО мора да продолжи да работи во насока на утврдување на она што било криминал и на она што не било криминал.
– Не може да прифаќаме состојби до вчера прислушкуваните материјали да бидат еден од доказите, а сега одеднаш да донесеме одлука дека тие докази треба да бидат ставени на страна, изјави Цаца Николовска.
Особено е важно, според неа, е кој било орган да постапува да бидат имплементирани стадардите на фер постапка.
– Препораките кои ги добивме се многу јасни и се упатени јавно дека она што меѓународната заедница ќе го цени како позитивен исчекор, но и како одлучност во борбата против криминалот и корупцијата, е праќање на сигнал дека која било влада не треба да се плаши од борбата против корупцијата, бидејќи, секој тип на незаконско делување во рамки на било која влада треба да биде казнето со организирање на јавно обвинителство кое ќе гони сторителите на висока корупција. Во нашиот закон е ставено како Специјално јавно обвинитество кое ќе ги задржи постојните капацитети и ќе добие проширени надлежности и гаранции за своето идно делување, изјави во продолжение на излагањето министерката за правда Рената Треневска-Дескоска. Таа не кажа големо откритие дека конечно претставниците на ВМРО-ДПМНЕ мора да се подготвени да ги почитуваат препораките на меѓународната заедница,. Заев во разговор со Сашо Ордановски во средата истакна дека најмалку една третина од амандманите на ВМРО ДПОМНЕ за споменатиот Закон се прифатливи. Тој повтори дека не се согласува дека треба да заврши мисијата и работата на СЈО, туку оти како држава ќе испратиме сериозна порака доколку овозможиме трајно функционирање на СЈО.
Но, факт е дека овој „покер“ меѓу власта и за реформите и реформските закони во Собранието ни го јаде нашето време и општиот ќар. Каков политички пазар ќе донесе оваа ситуација е клучното прашање, откако претходното, она со уставните измени го надминавме со многу тешки компромиси.
Да не заборавиме дека многу случаи се веќе отворени од СЈО и тие ниту малку не можат да се занемарат. Се работи за Империја, Талир, Пациент, Попис, Актор, Пропаганда, Моќник, Подарок и Хармонија што се дел од истрагите на Специјалното јавно обвинителство за чија иднина ќе се одлучува во Собранието, во зависност од тоа како ќе помине новиот Предлог закон за јавно обвинителство во кој е одреден и мандатот на СЈО. А токму во овие случаи ги имаме имињата на вицепремиерот Бујар Османи, лидерот на ДУИ Али Ахмети, покрај „стандардните“ од типот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и неговите бизнис соработници Јордан Камчев и дузина други. Да не сметнеме од умот дека за прв пат се појавува името на порнешниот вицепремиер Зоран Ставрески и пратеникот Антонио Милошоски, кои се на централните позиции во овие истраги.
Јасно е дека климата во судските згради значително се промени откако Врховниот суд ги ослободи од куќен притвор дел од осомничените во Империја (што на чуден начин се поколопи со „покајничкото писмо“ на амбасадорот во заминување Бејли, сега веќе во САД), прогласувајќи ги обвинителите за неовластен тужител. Иднината на ова обвинителство сепак е од клучно значење за евроинтегративниот процес, посочија владините коалициони партнери по средбите со идниот американски државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер. Тоа што Рикер одбра кому да му ја кажува таа вистина, која може и да се смета и за една форма на непосредно убедување е нов, додатен тег во деновите што претстојат.
Токму заглавувањето на овој закон во политички пазар и собраниски лавиринти може да донесе закочување на евроатлантскиот пат на државата, велат аналитичарите по медиумите. Адвокатот Александар Тортевски вели дека досегашната пракса покажала дека просторот за политички маневар е голем и дека не може ни да се предвиди за што сè може да се испазарат пратениците со цел учество во донесувањето на реформските решенија.
„Јас не сум учел за политички пазар во врска со примена на кривично право, но видовме дека и тоа е можно, така што не можам да претпоставам до каде може да одат тие пазарења, а мислам дека можностите им се неограничени. На пример може премолчен пазар за споро водење на постапките, премолчен пазар за неизрекување на тешки мерки за безбедност против обвинетите, да нема притвор, да се влечат предметите, премолчен пазар да стигнат предметите до застарување, така што не знам, неограничени им се можностите и ништо веќе не ме изненадува, нема лимит на политичкиот пазар во оваа држава“, вели Тортевски.
Премиерот Зоран Заев за истиот извор изрази очекување дека законот ќе биде донесен со консензус и дека за тоа ќе разговара со опозицијата за да се обезбеди двотретинско мнозинство. Тој денеска најави дека ќе го испочитува барањето на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба.
„Секако, време е да оддржиме лидерска средба. Едно заради реформите и реформските закони во Собранието, второ, претстојните претседателски избори кои доааѓат. И трето, вредно е да се разговара за било кое отворено прашање. Јас секогаш давам шанса на дијалогот. Дијалогот е од помош за нашата земја, за сите отворени прашања. Верувам дека во најскоро време ќе се одржи лидерската средба, како одговара и за шефот на опозицијата, “ изјави Заев во интервјуто за ТВ1.
„Ние имавме одличен извештај минатиот јуни и ЕУ рече дека патот до преговорите се исцртува. Одлуката ја проектираa за јуни оваа година. Ќе биде голем проблем за кредибилитетот за целиот пристапен процес, за политиката на ЕУ кон Балканот, ако не се поддржи успехот на нашата земја која успеа да си го расчисти патот кој беше забарикадиран сериозно последниве години, од 2005. Мислам дека е од голема важност иднината на СЈО. Тоа е важно“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров неодамна во интервју за Радио Слободна Европа.
Шефицата на СЈО, по долго молчење, Катица Јанева пред неколку дена изјави дека обвинителството си го заслужило местото во институциите на државата. На прашањето дали со новиот закон нема да се спаси некој од политичарите, односно функционерите ако „бомбите“ нема да бидат докази, таа рече дека се е можно.
„Може некој да се спаси, а некој може да биде плус обвинет. Но, ние во суштина сме задоволни што ни се проширува надлежноста. Не сме ограничени само на бомбите, бидејќи во периодот што го анализиравме сметаме дека има и други прекршувања на Кривичниот законик. Така, можеби сега во одредени предистраги ќе отвориме и многу покрупни предмети од овие што ги имаме“, појасни таа.
Во целото оваа вртимушка ново е само сознанието на Заев дека во амандманите на Мицковски има некои што се прифатливи, иако се од општ, принципиелен карактер. Го гледа ли само тој крајот на тунелот? Па и да е така, неговата острина на видот лесно може да стане штафета на позитивни пораки неделава што е пред нас?