ЕУ на состанокот на министрите за надворешни работи нема да одобри одржување на Меѓувладината конференција со Северна Македонија поради блокадата на Бугарија – најави премиерот Заев од Берлин
ЕУ на состанокот на министрите за надворешни работи нема да одобри одржување на Меѓувладината конференција со Северна Македонија поради блокадата на Бугарија. Надежите сега се селат следниот месец, во декември, доколку дотогаш се најде решение на историскиот спор кој го наметнува Софија. Веста од Берлин попладнево ја соопшти премиерот Зоран Заев во дебатата откако ја доби наградата на Фондацијата „Фридрих Еберт“.
„Веројатно утре нема да добиеме добри вести од Советот за општи работи во Брисел“, рече Заев, дополнувајќи дека разговорите со Бугарија ќе продолжат и во наредниот период, па надежта е дека до решение ќе може да се дојде уште во текот на декември.
„Ние немаме алтернатива за членството во ЕУ. Што и да се случи ќе продолжиме на европскиот пат. Тие што се внатре во ЕУ можеби подзаборавиле колку е студено надвор“.
„Можеби некои политичари заборавиле кои се вредностите на ЕУ, но граѓаните нема никогаш да заборават“, рече тој.
Претходно, во обраќањето до присутните, Заев избегна директно да ја спомене Бугарија, но порача „дека македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност“.
„Човековите права и правото на самоопределување на секој еден граѓанин не може да бидат предмет на дипломатски преговори и договори. Тие се потврдени и гарантирани принципи на меѓународното јавно право и придобивките од истото.“
Премиерот Зоран Заев во понеделникот во Брелин ја прими наградата за човекови права за 2020 година што ја доделува Фондацијата „Фридрих Еберт”.
Наградата за извонредни достигнувања во сферата на човековите права на македонскиот претседател на Владата му ја врачи Хеико Мас, министерот за надворешни работи на Германија.
Од Фондацијата „Фридрих Еверт“ посочуваат дека преку наградата за оваа година е важно да се нагласат успесите на оние кои се спротиставиле на негативниот тренд во кој голем број авторитарни режими ги ограничуваат човековите права.
„Ваков светол пример за надеж е Зоран Заев, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Успесите на Заев не се основаат само на фактот дека неговата Влада го потпиша Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија во 2017-та година или потпишувањето на Договорот од Преспа со Република Грција со кое се стави крај на 27-годишниот спор за името, туку пред сѐ во самата Северна Македонија. Уште повеќе, како предводник на опозицијата, Заев се издвои како личност од исклучителна важност во борбата за граѓанските и човековите права на сите македонски граѓани, со што на мирен начин се залагаше за нови избори во рамки на движењето „Шарена револуција“. По бројните разочарувања, реформираната политиката на Заев уште во март доведе до позитивна одлуката на државите-членки на ЕУ да ги започнат преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, што во голема мера го изгради патот за влез на Северна Македонија во НАТО, како нејзината 30-та членка“, велат од Фондацијата.
По доделувањето на наградата, Премиерот Заев учествуваше на дискусијата на тема: „Како да ги заштитиме човековите права и мултилатерализмот во време кога овие вредности се под голем притисок?“.