Во интервјуто за БГНЕС премиерот помина и некои црвени линии. Реакциите дома беа остри, пред се кај неговите приврзеници. Што тоа значи во однос на нашите сојузници надвор, кои без резерва стоеја зад нашите позиции? Дали ние и помагаме на Бугарија кога таа беше стисната до ѕид?
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во ситуација кога не беше јасно дали во наредните две недели ветото на Бугарија ќе биде тргнато пред меѓународниот притисок, премиерот Заев се реши на еден конфузен начин да и удоволи на бугарската националистичка јавност. И мина некои наши црвени линии, ако не се лажам. На другата страна засега не го дочека „разоружан непријател“, туку иронипчниот и незаситен Каракачанов, сo надградени батања! Тој интервјуто на Заец го прочита како потег на воин кој спуштил штитот до земја. Тaму, на другиот брег беше видлив подисплашениот претседател на Бугарија Тадев, кој знаеше дека е во менгемето на општото западно непријателство кон ставовите на неговата земја. Како и обично Борисов одмолча, барем неколку денови а Захариева, неговата puppet on a string, даде интервју со кое, како впрочем во сите денови наназад наоѓа се поефемерни изговори за ветото а не – суштински.
Да појасниме дека реката Рубикон (орг. Рубио) била со закон од страна на Римскиот сенат во 59 година пред нашата ера одредена како граница која ниту еден римски генерал не смеел да ја опомине со војска. За тоа имало причини, секако. Но, Јулие Цезар десет години потоа со своите легии ја минал реката и му дофрлил на историчарот Светоние дека „Коцката е фрлена“. Оваа ситуација наликува на еден симболичен начин на нашите црвени линии како одрееден национален Рубикон а коцкарската навика во политиката секако е дел од природата на Заев во клучните моменти и тој до сега не промашил. Дали тоа ќе се случи и овој пат? Тоа во овој миг не е познато…
Најпрвин не е јасна позицијата на Македонија во однос на другите европски држави кои во почетокот на декември треба евентуално да и стават крај на македонската голгота или пак бугарската страна ќе биде осоколена од замаеноста на Брисел а пред се на Берлин со многуте проблеми кои ги има Унијата, па незадоволството на Скопје можеби ќе биде ставено зад врата?
Реакцијата на претседателот Радев после интервјуто на Заев покажува несигурност и видлив страв дека позицијата на Софија е таква што таа нема ниту еден пријател. Практично неговата земја за своите интереси во спорот што го наметна со гледано од меѓународен агол е чист губитник, па тој вели дека во овој спор не треба да има ниту поразени, ниту победници (хм.хм). Ја нема неговата надменост која тој триумфално ја покажуваше до сега!
Впрочем, во претходниот број ние го објавивме интервјуто на амбасадорката Штајнакер во кое таа потенцираше дека барањата на нашиот источен сосед во овој конфликт се „дрски, ненаучни и внатрешно-политички мотивирани“. Таа јасно кажа и дека ГЕРБ како партија е основана со средства и логистика на германските демохристијани и не дозволи тоа да биде сватено како заклучок кој нема да има консеквенци кон оваа партија. Не беше нежна и кон нациионализмот и корупцијата кај другите партии ама разочарувањето кон ГЕРБ е што таа партија е создадена да биде поинаква. И ја затвора дилемата со она дека практично во Софија во мигот нема политичка партија која заслужува респект и поддршка. Во меѓувреме од преку Деве Баир се слушнаа тези дека замолчаниот Бојко Борисов, веројатно ќе замине од својата функција за да не и штети на партијата а дека таму би дошол некој кој би имал свеж здив, по мерак на своите западни спонзори. Од неговото молчење е јасно дека тој ќе мора да го направи решителниот чекор. Каков ќе биде? И во Софија сметаат дека тој веројатно ќе треба да ја спасува ролјата на „балкански обединител“, улога која ја изгуби така бргу и така срамно.
Штајнакер инаку, која ја сретнав и разговарав неколку пати, студирала во Белград и одлично го говори српскиот јазик. Била заменик гермаански амбасадор во Софија во перриодот 2006 – 2009 година и била и амбасадор на СРГ кај нас во периодот 2011 – 2014. Таа е секако значаен актер во подемот на ГЕРБ, но и респектинилен говорник на интересите на својата земја на Балканот.
Сигурно дека германските високи посредници пред еден месец направија силен чекор во наоѓање на компромис, преточен во нон пејпер, со кој се согласи министерката Захариева. Но по враѓањето дома секако била искарана и тој чекор пропадна а вистински ефект е заразувањето на германските дипломати со короната!
Зошто Каракачанов излегува дека е клучниот политичар кој ги води преговорите меѓу нас и Бугарите во ќорсокак? Затоа што една минорна фигура во хаосот кој е создаден во Софија со последните нереди на граѓаните се наметнува со онаа пропаганда која е најлесна да се прима во јавноста кај нив а која во историјата веќе три пати ја доведе Бугарија до национална катастрофа! Она кога „историјата не е учител“ туку е затвор од која една нација не може да излезе од Берлинскиот конгрес па наваму (1878), односно 142 лета. Караклачанов, со неговата злобна насмевка е ретка реликвија во Европа (додуша некои во Бугарија не потсетуваат што е со антиквизацијата на Груевски и имаат право).
И новинарот кој дојде од Софија секако е необичен избор на премиерот. Љубчо Темелков Нешков е бугарски новинар, сопственик на новинската агенција БГНЕС. Љубчо Нешков е роден на 29 јули 1964 година во Скопје во семејството на Темелко Нешков од Бело Поле, Прилепско. За време на Титова Југославија, неговиот татко бил уапсен и минал 12 години во затвори и концентрациони логори за одбрана на бугарството и за членство во нелегална антимакедонска организација. Во 1977 година Темелко Нешков и неговата ќерка Славица емигрирале во Белгија, а една година подоцна таму пристигнале сопругата и синот Љубчо.
Во 1985 година семејството засекогаш се населило во Бугарија. Љубчо Нешков дипломирал историја и новинарство на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“. Работел како новинар во весникот „Стандард“, а подоцна и во Бугарската национална телевизија. Нешков стана познат по известувањето за кризата во Косово во 1998-1999 година. Во 2001 година, Љубчо и неговата сестра Славица ја основале новинската агенција БГНЕС. Неговите ставови во однос на својата матична земја можете лесно да ги погодите. Дали на Заев му е наметнат и соговорникот?
Најстрашното е што поддржувачите на Заев, а можеби и тој самиот, не сфаќаат што беше погрешно во интервјуто.
Најпрво, Заев како наш премиер не смееше да има таков понизен настап, особено пред новинар за кого се знае дека не е дојден во добра намера. Неговата потреба да ги потврдува ставовите на соговорникот, начинот на кој до акорд се обидуваше да му се допадне на Нешков, беше дегутантен за нашата јавност. За бугарската нерма да се говори. За верување е дека и кај странците впечатокот нема да биде блескав.
Бура од незадоволство беше во неговото изедначување на фашистичката окупација со терминот „администрација“. Тоа е негирање на фашизмот. Тоа е како холокаустот да го наречеш „владеење“. Просто недозволиво. Сигурно дека мрачно минато не треба да нè спречи да градиме добрососедски односи со Бугарија. Бидејќи денешните Бугари не се виновни за фашистичките злодела од пред 80 години. Како што прочитав на Фејсбук – едно е да викаш дека минатото не треба да биде пречка за градење добри односи во иднината, а друго е да негираш дека мрачното минато се случило. Со ова се прави и многу грубо мешање во работата на мешовитата комисија! До сега таа од македонска страна немаше притисоци ама сега и ние немаме такво алиби.
Југославија не била никаков ѕид за развој на односите со Бугарија, како што обвинува Заев. За Софија тој е трн во очите на нивните историски интереси, стари со векови заради кои тие доживеаа три катастрофи после Берлинскиот конгрес. Имено, македонскиот јазик и идентитет беа признаени од страна на Титовата партија, па и на Коминтерната ако сакате. Благодарејќи на тие околности се најдовме на антифашистичката страна од 1941 година а странските воени мисии сето тоа го следеа и бележеа. Тито, каков и да е вкупниот впечаток за него, да се концетрираме на темата, сакаше со Димитров ние са бидеме заедничка држава, дали како федерација, конфедерација или царинска унија (што формално помина во двете земји). Југославија на париската мировна конференција се избори да нема високи воени репарации од страна на Софија а само кон Југославија и беа простени 25 милиони долари (тогаш тоа била огромна сума).
Дури и потоа, во постсталинистичкиот период (Бугарија е последна земја која колку-толку ги нормализираше односите) Тито овозможил средби меѓиу Тодор Живков, шефот на БРП и Крсте Црвенковски (СКМ) од кои произлегуваа првите лчекори кон помирувањето
Понатаму, ваквите понижувања пред бугарските „аргументи“ штетат на нашата позиција генерално. Странците можт да речат – „па добро, кога вие така сакате..“. Дури ќе расте и одбивноста кон ЕУ-интеграциите. Кај Бугарите гледаме, преку изјавата на Каракачанов дури и зголемување на нивните барања (нови документи, закони …)! Каква е сега нашата позиција: угоре високо, удолу длабоко.
Цезар, да се потсетиме, ја минал реката и ја спасил својата позиција, но секако за консеквенците од тој потег историјата има противречни оценки.