ПЕТАР БОГОЈЕСКИ
Помирување не е само да се смират две или повеќе страни. Туку, едната од нив да се покори на вистината на другата. Да ја прифати нејзината вистина. Ако секој остане да живее во свој свет, а декларативно се изјаснил дека се помирува со останатите, тоа е сè, само помирување не.
Помирување не е само да се смират две или повеќе страни. Туку, едната од нив да се покори на вистината на другата. Да ја прифати нејзината вистина. Ако секој остане да живее во свој свет, а декларативно се изјаснил дека се помирува со останатите, тоа е сè, само помирување не.
Ако ова е појдовна основа на големото македонско помирување, тоа значи имаме две можности, да се помириме на основа на прифаќање на една „вистина“ или да се помириме на основа на заеднички интерес.
Од самиот почеток на егзистирање на современата македонска држава, ние зборуваме за некое помирување, односно за македонско национално единство. Но што направивме во таа насока? Сите ние заедно, што? Ништо! Не можеме да се пофалиме ниту ние членовите на партијата, која во своето име го има токму тоа македонско национално единство, формирана на база на таа идеолошка матрица, со калем на она ВМРО, повеќе за уметнички впечаток. Ако веќе во целост ги напуштивме принципите и вредностите, каузата на историското ВМРО, тогаш да се посветиме на она кое ни останува, а тоа е ДПМНЕ, односно преку демократски политички средства да постигнеме македонско национално единство.
Таков резултат можеме да очекуваме само доколку научиме да почитуваме различно мислење, да сакаме повеќе отколку што мразиме, да понудиме, а не само да критикуваме, да гледаме кон иднината, а не да робуваме на минатото, христијан-демократијата да ја чувствуваме и практикуваме, а не само да ја уваме … многу, многу ни треба во таа насока.
Токму поради отсуство на овие доблести, ние ги изгубивме претседателските избори и локалните во две општини, оваа 2019 година. Ниту успеавме да ја наметнеме нашата вистина за реална и прифатлива за мнозинството, ниту понудивме рецепт за помирување, она што ни е главна задача како ДПМНЕ. Кандидатот кој го понудивме како непартиски, кој треба да обединува г-ѓа Гордана Силјановска Давкова, не успеа да се апстрахира од погрешните политики и духот на бесот и омразата, кои владеат во партијата. Со тоа и самата стана жртва на нејзината неможност да ја погледне големата слика или можеби и самата е носител на таков бес и омраза, па природно истите ги прифати за свои „вредности“.
Дали е возможно, кога зборуваме за двата носечки политички блокови предводени од ВМРО ДПМНЕ и од СДСМ, еден од нив да се покори на „вистината“ на останатиот и со тоа да настапи помирување? Речиси сум сигурен дека тоа е невозможно. Тоа е утопија. Ако треба државата ќе ја уништат, но нема да прифатат другиот да биде во право, па макар за една единствена работа.
Во отсуство на разум и меѓусебно разбирање, останува само обединување врз база на заеднички интереси. И тука имаме сериозни разлики, односно не покажавме способност, капацитети да изградиме консензус по генералните државни и национални интереси. Самата дискусија за перспективите и како до европска Македонија, зборува за тоа.
Во моментов можам да констатирам само дека имаме еден интерес, кој нè обединува, а тоа е постоењето на македонската држава. Во минатото и тоа го немавме, зашто голем дел од СДСМ сонуваше за некаква си скратена Југославија, но сега тоа е надминато. Добро е, конечно имаме консензус за едно прашање. Тука сме обединети. Значи имаме надеж за големото помирување на основ на тој заеднички интерес.
Токму тој заеднички интерес е всушност македонската кауза. Тоа е ВМРО! Тоа значи дека покрај нас од ВМРО ДПМНЕ, кои се декларираме за почитувачи на Идејата и Делото на ВМРО, и политичкиот блок предводен од СДСМ влегува во тоа поведение. Има внатрешен отпор, особено од нивните функционери од деведесеттите, но тоа може да се занемари. Поголем проблем е што тие функционери на СДСМ, денес остваруваат многу поголемо влијание во ВМРО ДПМНЕ и партијата ја обликуваат во калап, на она што беше СДСМ во минатиот век. Тоа е веќе предмет на внатрешна борба на ВМРО во ДПМНЕ. Заедничкиот интерес, заедничката кауза има полн легитимитет, извира од преродбениците, кои со таа идеја го пробудија народот пред повеќе од век и половина. Тука се надоврзаа револуционерите, кои со саможртва, со својот живот ставија крвав печат на каузата. И десните и левите револуционери. Заколнати да служат на таа кауза, подготвени да склучат пакт и со ѓаволот, но да се конституира македонската држава. Со таа единствена цел во мислите, се барал патот. Во сите правци и сите решенија. Биле пред времето, кога понудиле Република, како концепт за македонска држава, во срцето на светот во кој владеел царизмот. Но и концептот на царизмот бил едно од понудените решенија. Исплашените цареви семејства и „сините барони“, ни го задушија Илинденското востание, но затоа ја добија по глава, проклетата Октомвриска револуција, која ни наметна да им робуваме на „црвените барони“. Не се откажавме. Едно решение било автономија под еден цар, друго решение обединување со друг цар. Потоа ВМРО раскинато помеѓу два ѓаволи, болшевичка Русија и нацистичка Германија. И тука, и едните и другите ја имале истата мисла во главата, македонска држава, едните во рамки на идната Балканската Федерација, другите независна Швајцарија на Балканите. Југословенската федерација, како скратена форма на федералната идеја за цел Балкан, повторно била дел од решението, еден од патиштата, како до македонска држава.
Ако денес имаме јадро, имаме решение на таа кауза, имаме сојуз со најмоќните во светот, САД и НАТО, тогаш имаме заеднички интерес тоа јадро да го направиме да сјае, да зрачи со таква силна енергија, да ги заслепи сите душмани на Македонија! Сега е нов светски поредок, сега е полесно! Само треба да сакаме и да се потрудиме!
Што конкретно да направиме за почеток? Доволно е да престанеме да градиме култ кон личностите, кон партиските лидери, тоа е оставштина од комунизмот, срамота е уште да го практикуваме. Сега треба да градиме култ кон државноста! Имаме еден лидер, еден цар, еден шеф, еден интерес, тоа е македонската држава! Точка! Не има секакви во оваа држава, во себе носиме милион идентитети, верски, етнички, политички, сексуален и т.н. и т.н., но сите имаме една цел, еден интерес, тоа е државноста! Околу тоа ќе се обединиме, на база на тој интерес ќе градиме македонско национално единство.
Ве молам сите Вас, христијани и муслимани, атеисти и католици, стари и млади, леви и десни, модерни и конзервативни, хетеро, би, хомо и било какви сексуални, само за момент да се апстрахираме од нашата политичка, верска или било која припадност, а да помислиме на нашата заедничка иднина, многу лесно ќе ја видиме поентата на ова писание, ќе го видиме заедничкиот интерес. Многу лесно ќе ги препознаеме ликовите кои нè делат и омразуваат, особено оние од политиката. Нив ќе ги отфрлиме како неприфатливи, како душмани на нашиот заеднички интерес, како непријатели на нашата кауза, како недостојни за државници, кои може да управуваат со нашата држава. Доволно беше да лутаме како овци без пастир, во различни стада! Сега имаме еден пастир, сега можеме во едно стадо, едно сите нас нè обединува и сите ние можеме да соработуваме и да го градиме тоа едно – македонската државност!
Токму ние, оваа генерација имаме неповторлива шанса да го исполниме вековниот сон, каузата да ја претвориме во Дело, обединета Македонија во рамки на обединета Европа! Затоа сè што правиме, за секоја одлука која треба да ја донесеме, секој чекор во секој поглед, треба да биде реализирање на нашата генерациска мисија – Европска Македонија!
(докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)