Најстрашни индикатори од ребалансот на Буџетот се дека јавниот долг ќе достигне 68 отсто од БДП и дека за камати на кредити ќе дадеме 300 милиони евра- вели експертот од Виена за дневниот весник „Независен“
МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ
Предлог-ребалансот на Буџетот што го изготви новата Влада неделава ќе се најде на дневен ред на матичната Комисија за финансирање и буџет, а потоа и на пленарна седница. Со оглед на соодносот на силите во Собранието, нема сомневање дека владиниот предлог ќе помине и ќе ја добие пратеничката „виза“. Сепак, новите владини проекции за приходите и расходите во јавните финансии отворија дилеми, пред со новите рекордни изнси за буџетските расходи, зголемениот буџетски дефицит, но и намената на буџетските средства. За овие теми разговаравме со Бранимир Јовановиќ, наш познат економист и аналитичар, кој сега е дел од тимот на реномираниот Виенски институт за меѓународни економски студии, кој и покрај годишните одмори одговори на нашето барање за интервју. Еве ги неговите ставови во однос на предложениот ребаланс на Буџетот за 2024 година, заемот од Унгарија, но и на теми поврзани со економскиот раст.
Господине Јовановиќ, министерката за финансии на презентирањето на Предлог-ребалансот на Буџетот, изјави дека лошата состојба ги надминала и нивните очекувања, дека затекнале држава во хаос и долгови, дека економијата е во клиничка смрт… Дали ваквите оцени се поклопуваат со она што вие во Виенскиот институт постојано и редовно го анализирате за земјите од регионот, вклучително и Македонија? Дали економијата е навистина во клиничка смрт?
– Секогаш кога доаѓаат на власт, политичарите кукаат како состојбата која ја наследуваат е катастрофална, за по многу кратко време да почнат да се фалат како тие успеале сè да средат и да ја изведат државата на прав пат. Така што, ова што го кажува министерката не е ништо ново и сме го слушале многу пати. Објективно гледано, состојбата во економијата не е добра, и ние тоа го кажуваме постојано во извештаите на нашиот институт. Но, тоа не е така само сега, тоа е така веќе со децении. И мислам дека тоа го знае секој што живее во Македонија. Работата на министерката не е да го констатира тоа, туку да ги поправи работите. Но за жал, не слушнавме ништо околу ова, не само од министерката, туку од било кој од новава власт, и тоа е она што мене најмногу ме загрижува.
Со ребалансот државата годинава ќе потроши рекордни 5,89 милијарди евра (постојниот Буџет е околу 5,5 милијарди евра), буџетскиот дефицит се зголемува од 585 на 720 милиони евра, а приходите во Буџетот се проектирани на 5,17 милијарди евра, за околу 130 милиони евра повеќе од основниот буџет и сето ова при надолна ревизија на економскиот раст за годинава, од 3,4 на 2,1 отсто. Како ги оценувате ваквите параметри, дали се остварливи?
– Макроекономските проекции за економскиот раст и инфлацијата се реални, во линија со проекциите на нашиот институт. Ние проектираме раст од 2% и инфлација од 3.5%, што е скоро идентично со ова што го објави министерката. Фискалните проекции мислам дека им се малку преоптимистични, особено на приходната страна – не гледам што би довело до 130 милиони евра повисоки приходи, кога приходите во првите пет месеци се за нијанса послаби од претходно проектираните. Затоа, мислам дека дефицитот ќе биде повеќе од најавениве 4,9 %, веројатно накај 6%. Од друга страна, растот на расходите е очекуван – владата мора троши, за да оствари дел од изборните ветувања. Така што, сè на сè, јас не сум изненаден од овој ребаланс. Поголемо прашање за мене е каков ќе биде наредниот буџет, кој ќе биде во целосна контрола на новава влада. И се плашам дека и тој ќе има висок дефицит, затоа што најавите за повисоки пензии и другите изборни ветувања бараат пари, кои можат да се обезбедат само ако владата воведе прогресивен данок или зголеми некои други даноци. Но, такво нешто нема во најава, така што, не гледам како би можел да се намали дефицитот.
Како го оценувате земањето заем од Унгарија (по принципот влада со влада), дали ваквиот начин е подобар во однос на задолжувањето кај меѓународни финансиски институции?
– Во принцип, не е непозната праксата да се земе директен заем од некоја друга земја. Многу земји го правеле тоа, во нашиот регион Србија пред година и пол зема заем од Емиратите. Но, има многу отворени прашања околу овој заем од Унгарија. Кои се неговите услови, дали има некои скриени клаузули, дали има некое обезбедување за Унгарија доколку не го враќаме заемот? Црна Гора пред две години имаше проблеми затоа што не можеше да враќа кинески кредит за автопат, и се зборуваше дека Кинезите можат да го преземат пристаништето во Бар како обезбедување. Понатаму – зошто Унгарија ни дава заем, кога не е позната како земја која плива во пари, туку напротив, како земја која е зависна од ЕУ фондовите? И зошто земаме заем баш од Унгарија? Дали мотивите се само политички, или има и нешто друго? Дали во целата игра е вмешан некако и поранешниот премиер Груевски, кој се чини сè уште има силно влијание во новата владејачка партија? Конечно, дури и да е заемов само поради ширење на унгарското влијание во регионов – дали ни треба такво нешто на нас како држава во моментов? Дали ни треба да се зближуваме со „црната овца“ во Европа, со најпроблематичната ЕУ членка, во ситуација кога имаме блокирани евроинтеграции и се чини нерешлив спор со Бугарија, и згора на тоа отвараме и нов фронт со Грција? Дали самите си ставаме уште еден трн во ногата и дополнително се самоизолираме, и каква корист ќе имаат македонските граѓаните од сево ова? Многу прашања на кои одговор може да даде само премиерот Мицкоски.
Со најновите буџетски проекции, нарушени се и фискалните правила за нивото на буџетскиот дефицит, како и за нивото на јавниот долг. Какви можат да бидат последиците врз македонската економија?
– Од сите индикатори кои беа објавени со ребалансов, најстрашни ми беа два. Првиот е дека јавниот долг на крајот на годината ќе достигне 68% од БДП, од 58-те проценти колку што изнесувал на крајот на првиот квартал. Таков раст, од 10 процентни поени, во рок од една година, Македонија имала само еднаш – за време на пандемијата. Со тоа што тогаш знаевме зошто се земаат тие пари – за да се справиме со пандемијата, за да им се помогне на фирмите и слично, а сега тоа не го знаеме.
Вториот загрижувачки индикатор е дека за камати на кредити оваа година ќе дадеме скоро 300 милиони евра. Тој износ пред да дојде Груевски изнесуваше околу 40 милиони евра, во негово време се зголеми на 140 милиони, потоа во првите неколку години од владеењето на СДСМ дури и малку се намали, на 120-130 милиони, за потоа со пандемијата пак се зголеми на околу 200 милиони, и еве сега ќе достигне и 300 милиони. Само за споредба, тоа се повеќе пари отколку што даваме за сите социјални надоместоци за сиромашните во државата.
Така што, последиците од неодговорните фискални политики се многу реални и опасни – своевидно должничко ропство, во кое сè повеќе државни пари се даваат за камати на кредити, наместо да се даваат за вистинските проблеми со кои се соочуваме како држава.
Како ги оценувате извештаите дека Македонија во изминатиот период издвоила пропорционално најмногу средства за стопанството и за граѓаните како анти кризни мерки, но тоа не резултираше со соодветен раст на БДП. Зошто е така?
– Првото што е важно да се сфати тука е дека најголем дел од анти кризните мерки последните две години беа за да не се зголеми цената на струјата. Тоа по дефиниција не креира економски раст, затоа што ништо не се менува, сè останува исто. На граѓаните и фирмите ништо не им се подобрува со тоа што цената на струјата ќе остане иста.
Втор важен момент е тоа што Македонија, објективно гледано, беше една од најпогодените земји со енергетскава криза. Тоа беше и поради лошата енергетска состојба во земјата – Македонија увезува една третина од струјата што ја троши, што е најмногу во Европа, но и поради големата зависност од германската економија, која е во тешка рецесија – околу една четвртина од македонскиот БДП се извезува во Германија, повеќе од било која друга европска земја. На некој начин, за време на енергетската криза, ја плаќавме цената на неинвестирањето во енергетиката во изминатите 30 години, и на погрешниот економски модел, кој нè направи премногу зависни од една економија.
Трета важна работа е што мерките кои ги имавме не беа дефинирани најсоодветно. За време на пандемијата, најмногу државна помош добија најпрофитабилните фирми, помош добиваа и кладилници и други субјекти кои остваруваа добивки и за време на пандемијата, а имаше и многу случаи кога парите наменети за работниците, завршуваа кај газдите.
Така што, лошите економски резултати од изминатите неколку години беа последица и на длабоките структурни проблеми, односно на грешките од минатото, но и на грешки во економските мерки кои беа преземени.
Дали е можен повисок економски раст? Владата најави поволни кредити за стопанството, но тоа го услови со одредени параметри, како на пример, да вложат најмалку уште толку од сопствени средства и преку зголемување на производството од најмалку 5 отсто над нивото на инфлацијата да придонесат со 5.000 нови вработувања. Колку сево ова е реално во неизвесни економски околности во светот и кај нас?
– Можно е да има повисок економски раст, ама не со овие економски политики и овој економски модел. Овие мерки за поволни кредити за фирмите ги има со години. Развојната банка со години има такви кредитни линии и тие остануваат неискористени. Проблемите во македонската економија не потекнуваат од немањето пари. Проблемите потекнуваат од тоа што сè е препуштено на приватна иницијатива, а државата е сведена само арбитар, кој ги поставува правилата на играта. Со децении се држиме, како пијан за стап, за онаа мантра дека невидливата рака на пазарот ќе реши сè, иако со децении гледаме дека невидливата рака само зема од сиромашните и им дава на богатите. Потребен ни е нов економски модел, кој ќе биде заснован на поголема улога на државата во економијата, и во смисла на редистрибуција од богатите кон сиромашните, и во смисла на инвестиции во инфраструктура и јавни добра како здравство и образование, но и во смисла на индустриска политика, односно избирање приоритетни сектори кои ќе бидат столбови на развојот на државата. Нема развиена земја во светот која се развила без индустриска политика, но за жал кај нас за ова скоро воопшто да не се ни зборува. И затоа мислам дека нема ништо суштински да се смени ни со оваа влада, затоа што ни тие во нивната програма немаат ништо околу ова.