Треба да бидеме свесни дека војната која ја води Русија не е само на бојното поле во Украина, туку се води и на интернет и ова е вистински пример како тоа се прави, изјави професорот Никола Дујовски од Факултетот за безбедност во емисијата Топ Тема на ТВ Телма. Што велат други експерти?
Хибридни закани како по учебник, кои треба да создадат страв и паника кај граѓаните и недоверба во државните институции. Глобална хибридна војна која не ја водат ученици, и треба да бидеме свесни дека војната која ја води Русија не е само на бојното поле во Украина, туку се води и на интернет и ова е вистински пример како тоа се прави, изјави професорот Никола Дујовски од Факултетот за безбедност во емисијата Топ Тема на ТВ Телма.
„Овие хибридни закани се дел од хибридната војна која Русија ја води против овој дел од светот. Не смее никој да има дилема во такво нешто. Најголем дел од овие закани јас ги гледам како дел од хибридната војна која Русија ја води против земјите членки на НАТО. Ако ние сме последна земја која се приклучи на НАТО, сè уште ранливи во фазата на размена на информации и затоа веројатно ние сме и целта на овие напади најмногу, повеќе од сите други држави. Можноста во овој момент да откриете од кое точно место во Русија се испраќаат овие закани е еднаква на нула“, изјави Дујовски.
ДОСЕГАШНИТЕ ИСТРАГИ НЕ ДАДОА СПЕКТАКУЛАРЕН РЕЗУЛТАТ
Изјавата на Дујовски доаѓа откако ваквите дојави зачестија а последните беа насочени кон најчувствителната виозраст – учениците во основните училишта. Откриен е до сега еден креатор на вакви вести за напади врз средни училишта од Скопе и против него има покренато кривична постапка а министерот Спасовски на пресот од последниот четврток најави дека се на добар траг на оној кој го возбуди Кавадарци. Имаше и еден приведен скопјанец чиј комопјутер и лозинка се користени за вакви напади, но тој изјави дека најпрво и самиот бил хакиран.
Руските пранкери и лажните разговори со премиерот Зоран Заев од јули 2019 година придонесоа дел од македонската јавност првпат да слушне за терминот „хибридни закани“, стои во материјал објавен на веб-сајтот на ЗНМ.
– Ова се хибридни закани и специјална војна, за да се загрози патот кон НАТО, оцени тогаш министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Во воената доктрина, терминот „хибридни закани“ подразбира широк спектар на мерки, алатки и техники, во кои се вклучени дезинформации, сајбер напади, манипулација со меѓународното право, шпионажа, саботажа, политичка субверзија, економски притисок. Хибридните напади користат манипулации, со цел да извршат одредено влијание. Целта на хибридните напади е да влијаат врз јавноста или процесите, кои се значајни за донесувањето на клучни одлуки. Во таа насока, главниот фокус на хибридните напади можат да бидат лидери, јавни личности, медиуми, религиозни групи или граѓански организации. Креаторите на хибридните напади настојуваат да влијаат врз кредибилитетот и интегритетот на личностите или групите значајни за одлучувањето.
АКТИВНОСТА НА ПРАНКЕРИТЕ Во овој контекст се сместени активностите на пранкерите, кои според професорот Марјан Николовски од Факултетот за безбедност, се илустрација дека странските држави на кои не им оди во прилог нашата надворешна политика не избираат средства за да ја остварат својата цел.
– Тие директно би ја загрозувале безбедноста, а еден од начините е и комуникацијата со врвни политичари, што се прави и кај нас. Сепак, посебно внимание треба да се посвети од страна на безбедносните служби. Имаме специјализирани служби, ќе треба да внимаваат, особено во делот со компјутерската безбедност преку овој пример и безбедноста на ВИП личностите, смета професор Николовски.
Професорот, кој го предава предметот Безбедносни системи, вели дека сите ние како граѓани сме изложени на вакви напади. Како таков може да се смета и објавувањето на списоци со имиња на позитивни на коронавирусот во Охрид.
– Да, би ги ставил таму и не се само тие единствени. Се поставува прашањето колку сме заштитени. Она што е најлошо што нема индивидуална одговорност, туку веднаш зборуваме за колективна одговорност. Како можат да излезат списоци со матични броеви, кои задираат во основните темелните вредност на една држава, а тоа се основните човекови права и слободи? Тргнуваме од тука. Се загрозува личниот интегритет на поединецот, а да не зборуваме за институцијата, изјави професорот Марјан Николовски.
За хибридните закани или хибридни операции во современите системи се сметаат тероризам, корупција, организиран криминал, миграции, компјутерски криминал. Земјите од Западен Балкан, според експерите по безбедност, се на подрачјето каде што се преклопуваат интересите на различни сили и тие можат да бидат спротивни или паралелни на нашите интереси. Државите треба да настојуват да го задржат својот информациски, дигитален и финансиски суверинитет, за да ја спречат појавата на дезинформации, кои се шират во странство и на домашен терен.
АСИМЕТРИЧНИ ХИБРИДНИ НАПАДИ Најчести се нападите преку информациски системи, што, според оценката на безбедносните стручњаци, се покажаа како особено ранливи.
Во Министерството за внатрешни работи фунционира Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, каде што во делот на хибридни закани по институциите и физичките лица како најчести ги извојуваат DDoS нападите (Distributed Denial of Service). Овие напади се насочени кон веб – серверите. Притоа, илјадници ИП адреси инфицирани со компјутерски вируси пристапуваат до одреден – веб сервер и со тоа ја нарушуваат неговата функционалност. Од компјутерските вируси најпознат е Ransomware, чија цел е криптирање на податоци. Тука се надоврзуваат и компјутерските измами, при што се врши пресретнување на електронската комуникација, најчесто меѓу два правни субјекти и менување на податоци во фактурата која што е предмет на уплата, со цел паричните средства да завршат на сметката на сторителот.
Најчестите проблеми на кои се жалат граѓаните кога е во прашање сајбер безбедноста се губењето на податоците доколку не е обезбеден нивен ‘бекап’ и паричните средства кои што непознатите сторители бараат да бидат уплатени, најчесто во криптовалути, во случај на компјутерските вируси.
Во Стратегијата за одбрана на Република Северна Македонија од март 2020 година се оценува дека, во денешно, мирнодопско време, минимална е веројатноста од вооружена агресија како директна закана по суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. Во документот се забележува дека во услови на глобализацијата и демографската промена, државите во моментов се поранливи на невоени, асиметрични, хибридни и сајбер загрозувања и загрозувања од недржавни актери.
„Најзначаните ризици со кои се соочувааме доаѓаат од асиметричните, хибридните, сајбер и други загрозувања од невоена природа, вклучувајќи ги и оние од недржавни актери, природните непогоди, технолошките катастрофи, епидемии и климатски промени. Во однос на идентификуваните безбедносни предизвици, закани и ризици системот за одбрана на Република Северна Македонија ќе гради капацитети и способности за одговор на истите“. (Стратегија за одбрана на РСМ, 2020)
ЗАГРЕПСКИ ИСКУСТВА Хибридните напади може да се економски, психолошко – пропагандни операции, политички напади на една земја, но најчесто е комбинација од организирани активности насочени кон неа, за телевизијата Ал Џезира објаснува Гордан Акрап, поранешен разузнавач, претседател на Институтот за истражување на хибридните судири во Загреб, Хрватска.
– Една од клучните активности кои ги имаат хибридите операции е тоа населението да се дели, да се внесува немир, неред, неразибарње и да се поттикнува недоверба во институциите. И во моментот кога имате слаби државни институции, со многу ниско ниво на доверба во тие инситуции, во тој момент таа држава е подготвена да биде жртва на такви информациски напади“, вели Акрап.
НАТО Центарот за извонредност во стратешките комуникации (Стратком), во анализата за земјите од Западен Балкан, заклучува дека „ранливите институции и ниската јавна доверба во институциите на претставничка демократија, од владите до медиумите, како и другите трнливи домашни прашања, можат да го засилат влијанието на непријателски странски актери чија цел е да ги продлабочат поделбите во јавноста и да ги ослабат државите“.
– Напорите да се промовира владеење на правото и слобода на печатот во Западен Балкан, генерално, дадоа слаби резултати, а стапките на корупцијата и криминалот остануваат високи. Економиите на земјите од регионот остануваат зависни од странски инвестиции, а граѓанското општество лесно станува цел на информациски операции, особено во сегашната клима на недоверба меѓу владите и граѓаните. Сите овие фактори придонесуваат кон создавање средина ранлива на непријателско странско влијание“, стои во анализата на Стратком.
Дезинформациите – прва алатка во хибридните операции
Дезинформациите обично претходат на операции од арсеналот на хибридни закани. Гордан Акреп како неуспешна хибридна операција ги изнесува нередите во Македонија во 2017 година, кои, како што вели, не успееја да предизивкаат дестабилизација, со цел да не се потпише договорот со Грција.
И НАТО Е АКТИВНО ВКЛУЧЕН НАТО активно ги следат дезинформациите и пропагандните кампањи и од државни и од недржавни чинители.
„Тие се обидуваат да посеат поделба, да ги поткопаат нашите демократии и нашата способност за дејствување. Руски официјални лица, на пример, тврдат дека сојузниците на НАТО се одговорни за коронавирусот и дека авторитарните режими се подобри од демократиите за зачување на безбедноста на својот народ“, вели претставник на Алијансата во Брисел.
НАТО постојано се координира со сојузниците, се споделуваат информации и јавно се побиваат лажните тврдења, со разоткривањето на главните наративи за дезинформации за НАТО и со вклучување на медиумите.
„Тесно соработуваат и со Европската унија за идентификување, следење и откривање на дезинформациите. Слободните медиуми имаат клучна улога во спротивставувањето на дезинформациите и пренесувањето точни информации до јавноста“, велат од НАТО.
Алијансата во 2018 година донесе одлука да формира тимови за справување со хибридни закани во согласност со индивидуалните карактеристики на земјата која побарала упатување на нејзина територија. Првиот формиран и испратен тим за борба со хибридни закани на НАТО бил испратен во Црна Гора. Од македонското Министерство за одбрана појаснуваат дека земјава има намера да создаде сопствени капацитети за справување со хибридните закани, но секако дека ќе го користи и искуството на Црна Гора за димензионирање на потребата од вклучување ваков тим и во Северна Македонија
Со Европската Унија, пак, во 2019 година е спроведен сеопфатен процес за проценка на институционалните капацитети за справување со хибридни закани.
„Едно од задолженијата на работната група за градење отпорност од хибридни закани и ризици е да се изработи Стратегија за справување со хибридни закани во согласност со препораките на Европската служба за надворешно дејствување, која треба да биде готова до средината на следната година“, велат од Министерство за одбрана.
Експертите оценуваат дека не можеме да зборуваме за квалитетен образовен или здравствен систем ако нема безбедност. Особено треба да се посвети внимание на безбедноста и да им се укаже на граѓаните дека сè што доаѓа до нив не е во нивен интерес, во заштита на нивното семејство, нивната држава. Треба да се работи на општата безбедносна култура, што недостига кај нас.