ЗОРАН МИТРЕВСКИ
Убавината на законот е што сите заинтересирани правни лица можи да си инсталираат фотонапонска централа како за себе, така и за продажба во енергетската мрежа, според дадените пазарни вредности. Тоа звучи провокативно убаво и реално доколку Регулаторната комисија за енергетика не пронајде механизам за издавањето на лиценци што трае цела година место 25 дена!
Преписот од Законот за eнергетика од Словенија го пренесовме и адаптиравме текстуално према условите во Македонија, и од неколкуте стотини страници од нивниот европски Закон за енергетика преведени за цели 8 месеци се само 177 страници на mакедонски и aлбански јазик и објавени во Службен Весник на 30.04.2018 год. за да само после 1-2 месеци би бил изгласан во Собранието и ставен во функција.
Наместо за тој период тоа чудо се случи во февруари 2019 год. за да се официјализира дури ова лето, пред да се објави тендерот за државни парцели (25 МW во Св. Николе и 10 МW во М. Брод).
Сето ова изгледаше фантастична прикаска за срце и душа, иако мамецот тн. Премиум тарифата, со намера да се додаде на основната пазарна цена од 40 Евра за МW/h со 15 Eвра МW/h беше понуден и може државната парцела да се добие само ако се откажи апликантот што повеќе од неговата максимална цена.
Тоа е како да добиваме поклон од кого ни останува само целофанската фолија а во кутијата едно големо НИШТО. Сепак надежта умира последна и нели се бориме за чиста, ефикасна и евтина енергија каде 80 заинтересирани инвеститори си депонираа соодветно по 20.000 евра за инсталиран MW, со надеж дека тие би биле среќниците кои за максимум до 1 месец ќе бидат известени дека се првите добитници на оваа премија. Од резултатите до денес ниту траг ниту глас, иако преку банковите гаранции депонирани од апликантите само банките профитираа сериозни илјадници евра.
Апсолутно истата ситуација се повтори и со заинтересираните 41 инвеститори за приватни парцели со понудена инсталирана моќ од 27 МW.
Во меѓувреме ниту траг, ниту глас од релевантните институции, иако сите 121 заинтересирани инвеститори со месеци сериозно се подготвуваа материјално, технички и документационо.
Сепак убавината е што надвор од оваа шема сите заинтересирани правни лица можи да си инсталираат фотонапонска централа како за себе, така и за продажба во енергетската мрежа според дадените пазарни вредности. Тоа звучи провокативно убаво и реално доколку Регулаторната комисија за енергетика не пронајде механизам за издавањето на лиценци за производители на електрична енергија наместо за законските 25 дена не го оддолжуваат издавањето на поради некакви си бирократски процедури со траење до скоро цела година, а во меѓувреме не губи само инвеститорот, туку и сите ние како заедница во целина и корисници на таа енергија.
Не би било коректно да не се спомнат и физичките лица на кои им беа ветувани цели 30 кW како максимална енергија инсталирана на секој покрив, за да се намали на безвредни 3 кW и за на крајот сепак некој се смилува тие да бидат максимум до инсталирани 4 кW.
Е убаво колку е толку е, ама ете поради ненамерно или намерно подзаконските акти од Законот за енергетика за физичките лица се уште не се усвоени, така што повторно се урнаа сите надежи и соништа на стотици илјадници луѓе кои го чекаа својот момент. Македонија со ова можеше да биди најголемо градилиште на Балканот, каде за неколку години ќе бевме главните играчи на еколошки чиста и евтина енергија!
Сон на секој родител чие чедо го напуштило ова парче напатена земја е да има барем искра надеж и реална причина да го врати своето чедо во својот топол дом и наместо да слугува во некакви си мизерни услови и плати, кои според тамошниот систем и не се некое чудо од заработувачка, да придонесе во изградбата на енергетиката во својата татковина, чиј благодет ќе има не само сегашната туку и идната генерација!
Во меѓувреме посетени сме од десетици странски инвеститори кои ни нудеа милионски вредности за инсталации на огромни системи со подршка од релевантните институции, и иако сите тие доаѓаа со огромен ентузијазам, се враќаа назад целосно разочарани и фрустрирани, барајќи други земји за инвестиција на својот капитал.
Да не заборавиме дека само со евтина енергија добиваме евтини производи и конкурентна цена во поширок регион! Сто друго е само продавање на магла, популизам и профитирање.