Владо Јаневски замина подолго време да живее во мирната Гевгелија Каде ја најде атмосферата која му требала. Сепак умре млад и тогаш кога можеше се уште да твори

Не е јасно дали Јаневски, еден од нашиѕе најуспешни пејачи, но и композитори и текстопишувачи просто во одреден момент замина онаму од каде помалку се гледаат контурите на она што некогаш претставуваше македонската естрада. Факт е дека неговиот крај на некој начин е дел од веќе случена еутаназија на нешто шѕто беше сепак значаен сегмент на нашата култура. Јаневски (65) починал викендов во една приватна скопска клиника од сепак тешка болест за која многу и не зборувал.
Јаневски е едно од најзначајните имиња на македонската поп-музика, а во текот на повеќедецениската кариера создаде голем број хитови, меѓу кои „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“.
Роден е на 27 ноември 1960 година во Скопје. Секогаш потенцираше дека е чаирчанец, во манирот на скопските културолошки „демаркациони“ линии, белег на големите градови. Дипломирал на Филолошкиот факултет, на Катедрата за англиски јазик и книжевност, а во текот на кариерата бил член на музичките групи „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“. Покрај пеењето, свирел клавир, гитара и тапани.
Во 1998 година Владо Јаневски стана првиот официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија, каде што во Бирмингем настапи со песната „Не зори зоро“.
Во текот на кариерата настапуваше на бројни домашни и меѓународни фестивали, меѓу кои се Југовизија во Белград, „Славјански базар“ во Белорусија, како и фестивали во Турција, Ирска и Египет.
Зад себе остави шест студиски албуми: „Парче душа“ (1993), „Сѐ најдобро“ (1996), „Далеку е небото“ (1996), „Има нешто посилно од сѐ“ (2002), „Ваков или таков“ (2004) и „Повторно се заљубувам во тебе“ (2006).
Со неговата смрт, македонската музичка сцена остана без еден од своите најпрепознатливи автори и изведувачи, чии песни повеќе од три децении се дел од домашната музичка ризница.




