Доколку се анализираат законските одредби кои го регулираат привременото обезбедување во кривичните постапки може да се извлече генерален заклучок дека законодавецот бил крајно неконзистентен при носење на правилата за носење на правилата за обезбедување
ЛЕНЧЕ РИСТОСКА
Еден од предусловите за успешна конфискација во кривичните постапки или успешно надоместување на имотно-правните барања е привременото обезбедување на предметите и имотот кои потоа би биле предмет на конфискација или одземање. За таа цел законодавецот предвидел мерки за привремено обезбедување, кои ги поделил во три основни категории зависно од тоа дали станува збор за привремено обезбедување на имотно-правни барања, за привремено обезбедување на предмети или имот кои согласно кривичниот законик подлежат на одземање или за привремено обезбедување на имот или имотна корист кои што подлежат на конфискација.
Доколку се анализираат законските одредби кои го регулираат привременото обезбедување во кривичните постапки може да се извлече генерален заклучок дека законодавецот бил крајно неконзистентен при носење на правилата за обезбедување, пропишувајќи различни правила и различни услови за обезбедување, зависно од тоа што е предмет на привременото обезбедување.
Најнапред законодавецот не зазел единствен став во која фаза на кривичната постапка можат да се определат мерките за привремено обезбедување и кој би бил надлежен за нивно определување. Така, обезбедувањето на предметите или имотот кои согласно кривичниот законик подлежат на одземање и обезбедувањето на предметите или имотот кој подлежи на конфискација може да се извршат уште во предистражната постапка. Сепак, кога станува збор за обезбедување на имотно-правното барање законодавецот е дециден дека тоа може да биде определено најрано во рамки на истрагата, пропишувајќи дека „ носење на правилата за обезбедување “. Изречна одредба која би овозможила определување на вакви мерки во предистражната постапка нема, па останува отворено прашањето дали судовите можеби ќе дадат екстензивно толкување и ќе предвидат можност за определување на привремени мерки за обезбедување на имотно-правно барање и во предистражна постапка.
Ваквата определба на законодавецот не наоѓа никаква правна логика во целите заради кои се предвидени овие мерки за привремено обезбедување и ги става во нерамноправна позиција граѓаните, односно оштетените лица кои истакнуваат имотно-правни барања во рамки на кривичните постапки. Состојбата е особено алармантна доколку се земе предвид дека ваквите мерки може да се насочени кон спречување на настапување на штетни последици од одредена правна работа чија законитост се спори во кривичната постапка. Така на пример, доколку оштетените лица сметаат дека одредена правна работа е донесена спротивно на законските прописи, тие не можат да бараат од судот привремена мерка за обезбедување со која би се забраниле дејствија кои произлегуваат од таквата правна работа, доколку кривичната постапка не е во фаза на истрага.
Како што беше споменато, законодавецот нема единствен став ни по прашањето кој би бил надлежен за определување на мерките за привремено обезбедување. Иако постои начелна усогласеност за органот кој ги определува мерките во фазата на истрага, сепак законодавецот предвидел дека по поднесување на обвинение по предлогот за определување на мерките за привремено обезбедување на имот или имотна корист кои подлежат на конфискација и мерките за привремено обезбедување на имот или предмети кои согласно кривичниот законик подлежат на одземање одлучува судот пред кој ќе се одржи претресот. Што се однесува до мерките за обезбедување на имотно-правно барање, нив ги определува советот на главна расправа или претседателот на советот надвор од главната расправа.
Употребата на терминот „претрес“ наместо „главна расправа“ упатува на терминолошка неусогласеност на оваа законска одредба со новиот концепт на кривичната постапка. Воедно, доколку се земе предвид фактот дека пред да дојде до главната расправа, обвинението треба да ја помине фазата на оцена на обвинителен акт, јасно е дека недостигаат и изречни одредби за надлежност при определување на мерките за привремено обезбедување во случај кога предлогот за определување привремени мерки е поднесен заедно со поднесување на обвинителен акт и постапката е во фаза на оцена на обвинителниот акт, односно за случај кога сеуште не е закажана главна расправа.
Неконзистентноста на законодавецот и нееднаквиот третман кој го дава на различните мерки за привремено обезбедување во кривичните постапки особено доаѓа до израз доколку се анализираат итноста на постапките за нивно определување, како и итноста на жалбените постапки. Кога станува збор за мерките за привремено обезбедување на предмети или имот кои подлежат на конфискација и предмети или имот кои согласно кривичниот законик подлежат на одземање, законодавецот предвидел рокови кои се мерат во часови и тоа рок за одлучување од најдоцна 12 часа од приемот на барањето, кое ако не биде прифатено од судијата за претходна постапка, оди на одлучување на кривичниот совет кој носи одлука во рок од 24 часа од приемот на барањето. Со ваквата законска поставеност, законодавецот успеал да обезбеди навремено и брзо одлучување по барањето за определување на привремени мерки истакнато од јавниот обвинител. Сепак законодавецот пропуштил да пропише рокови за носење на одлука во случаите кога е побарано определување на мерки за обезбедување на имотно-правното барање, кои освен од јавниот обвинител, можат да бидат предложени и од оштетените лица.
Особено нелогична е позицијата која законодавецот ја зазема кај роковите за жалба против одлуките со кои се определени мерки за привремено обезбедување.Кога станува збор за определување на мерки за привремено обезбедување на имот или предмети кои согласно кривичниот законик подлежат на одземање, законодавецот пропишал најкратки рокови за жалба. Така, против решението на судијата на претходната постапка со кое се одредени мерките за привремено обезбедување може да се поднесе жалба во рок од 24 часа, која не го задржува извршувањето на решението и по која одлучува кривичниот совет. Кога станува збор пак за определување на привремени мерки за обезбедување на имот или имотна корист кои подлежат на конфискација, може да се изјави жалба против решението за нивно определување во рок од осум дена, а одлуката по жалба ја носи непосредно повисокиот суд исто така во рок од осум дена. Кај привремените мерки за обезбедување на имотно-правното барање нема посебни одредби за жалба, така што важат одредбите за жалба против решение, односно рокот за поднесување на жалба против одлуката на судот за определување на привремени мерки за обезбедување на имотно-правно барање е три дена и во овој случај жалбата има суспензивно дејство, односно со поднесување на жалбата се одлага извршувањето на решението.
Останува нејасно од кои параметри се раководел законодавецот кога ги определувал роковите за жалба, органот кој постапува по жалбата, како и дејството кое го има жалбата против одлуките за определување на привремени мерки за обезбедување. Со различните и неусогласени решенија, законодавецот дава различна важност на привременото обезбедување во кривичните постапки, позиционирајќи го обезбедувањето на предметите и имотот кои согласно Кривичниот законик треба да се одземат како најприоритетно, понатаму обезбедувањето на имотно-правното барање како помалку итно и најмала итност законодавецот дава на обезбедувањето на имотот и имотната корист кои подлежат на конфискација, пропишувајќи најдолги рокови за постапување на органите во постапката. Ваквата позиција на законодавецот не наоѓа оправдание ниту во поставеноста на конфискацијата во македонското законодавство, ниту пак во меѓународните инструменти кои Република Македонија ги има ратификувано.
Ова се само некои основни забелешки за некозистентноста и немањето на системски пристап на законодавецот кон прашањето за привремено обезбедување во кривичните постапки. Сепак, освен овие забелешки, законските решенија, иако оскудни, содржат и номотехнички грешки, а се неусогласени и со други закони и законски решенија. Затоа, неопходни се суштински измени во начинот на кој се регулирани мерките за привремено обезбедување во кривичните постапки, преку кои законодавецот ќе заземе единствен, системски пристап во адресирање на оваа тематика и ќе овозможи ефикасни механизми за привремено обезбедување и еднаква заштита на интересите на граѓаните со заштитата која е предвидена за државните органи. До тогаш останува чувството дека наместо ефикасни механизми за обезбедување и замрзнување на предмети, имот или имотна корист во кривичните постапки, законодавецот пропишал замрзнати можности.
(Ленче Ристоска е јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Скопје и јавен обвинител за врски на Република Северна Македонија во Европравда. Во периодот од 2015-2019 година има работено како и јавен обвинител во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите – Специјално јавно обвинителство)