Легислативата за борба против корупција на Западен Балкан помина во Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД, вели сенаторката Шахин. Доколку биде претворена во закон, таа ќе ги кодифицира извршните наредби за справување со корумпираното однесување на Западен Балкан, со што ќе стане јасно дека САД нема да толерираат напори за поткопување на мирот и стабилноста во регионот
Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД ја изгласа двопартиската легислатива, чија цел е да се зголеми трговијата и инвестициите меѓу САД и Западен Балкан, и да помогне во борбата против корупцијата.
Демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин, која е спонзор на легислативата од 2022, заедно со сенаторот Роџер Викер, го поздрави нејзиното гласање.
Коспонзори на легислативата се сенаторите Том Тилис, Дик Дурбин, Бен Кардин, Крис Ван Холен и Крис Марфи.
„Денес, Комитетот за надворешни односи на Сенатот на САД испрати порака за обновена посветеност на земјите од Западен Балкан со унапредување на моето двопартиско законодавство. Го напишав овој предлог-закон за да се фокусирам на можноста за продлабочување на нашата посветеност и инвестиции во регионот, преку зајакнување на трговската и економската соработка и заострување на американските алатки за справување со малигните влијанија, корупцијата и другите напори кои се обидуваат да ги поткопаат демократските аспирации на регионот. Што е најважно, доколку биде потпишана во закон, таа ќе ги кодифицира извршните наредби за справување со корумпираното однесување на Западен Балкан, со што ќе стане јасно дека САД нема да толерираат напори за поткопување на мирот и стабилноста во регионот“, рече сенаторката Шахин, по вчерашното одобрување на легислативата, додавајќи дека ќе продолжи да работи со сенаторот Викер за нејзино целосно усвојување.
Во легислативата се вели дека „корупцијата продолжува да го мачи Западен Балкан и претставува една од најголемите препреки за понатамошен економски и политички развој во регионот“.
Таа, меѓу другото, ги нагласува и кампањите за дезинформации насочени кон Западен Балкан кои го загрозуваат „кредибилитетот на западните демократски институции и интегритетот на националните избори“.
„Корупцијата и дезинформациите се шират во политички средини со автократски контроли или партиски конфликти. Зависноста од руските извори на природен гас за земјите од Западен Балкан ги поврзува нивните економии и политики со Руската Федерација и ги попречува нивните аспирации за европска интеграција“, се вели во легислативата.
Шахин, за Гласот на Америка на македонски во 2022 година, рече дека легислативата ќе му овозможи на државниот секретар на САД да може да им нуди техничка помош на државите од Западен Балкан кои сакаат да развијат национални стратегии за борба против корупцијата.
„Справувањето со корупцијата е многу важен дел. А она што го прави легислативата е да го овласти државниот секретар да обезбеди техничка помош на земјите кои бараат помош при адресирање на нивните предизвици со корупција“, рече тогаш Шахин.
Покрај искоренување на корупцијата, во легислативата стои и дека САД ги признаваат јазиците на Западен Балкан и оти ќе продолжат да го поддржуваат културното наследство во регионот.
Бугарија со унилатерална изјава до земјите членки на ЕУ рече дека македонски јазик не постои. На прашањето на Гласот на Америка како гледа на тоа што Бугарија го негира постоењето на македонскиот јазик, Шахин тогаш рече:
„Признавам дека постојат долгогодишни историски разлики меѓу етничките групи во регионот, меѓу земјите во регионот. И додека гледаме како да одиме напред во иднината, мислам дека е важно да се обидеме да решиме некои од тие долгогодишни предизвици што постојат, исто како што видовме како Грција и Северна Македонија конечно ги решија нивните разлики околу името и што тоа значеше за културите на двете земји. Треба да видиме повеќе од тие видови компромиси кои ќе им овозможат на земјите да одат напред и да се фокусираат на иднината, наместо да бидат заглавени во минатото“.
Според неа, лидерите на Балканот треба да се фокусираат на интеграцијата во Европската Унија, а не на промовирање конфликт.
Таа истакна дека обновување на фокусот кон демократски напредок е особено важно во време на етнички тензии и напори од страна на Русија да поттикне конфликт во регионот.
Шахин, претседавачка со Поткомитетот за Европа и регионална безбедносна соработка, е лидер во Сенатот за политиката на САД кон Балканот.
Таа предводеше три делегации на Конгресот во регионот во изминатите две години, а последната делегацијата ја предводеше со американскиот сенатор Питер Велч, во Северна Македонија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Минатиот месец, Шахин, заедно со демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина Пит Рикетс и Том Тилис, спонзорираа најнова резолуција во Сенатот, со која САД го поддржаа пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ).
Во резолуцијата, Сенатот ги повика претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Северна Македонија, без дополнителни билатерални услови.