Дали политичарите и во Западен Балкан и во Западна Европа ќе бидат повеќе во корист на државите и заедничкото европско општество, отколку на партиските анкети зашто тоа е иднината на светот, како што посака Заев во Минхен викендов? На Полуостровов тоа е тешко да се замисли ама ниту Европа, после изборите во мај може да добие едно непријателско лице за процесите на обединувањето од страна на своите западноевропски соседи
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
До сега Западниот Балкан важеше како извор на неволји за континентот. Често пати се посочуваше и како главен извор на проблеми за „Старата дама“. Но како да доаѓа спротивна ситуација: Западниот Балкан, пред се нашата земја, која се надева на старт на преговорите за влез во ова елитно друштво, да стравува од настаните што се ројат во другиот дел на континентот, па пред се во ЕУ! Изборите за Европскиот парламент, што треба да се одржат во мај, можат да ја променат политичката панорама во Унијата. Ова пред се значи дека во нејзините институции би превладале претставниците на т.н. народни партии, практично креации на десницата, па дури и на онаа поекстремната, чиј изолационизам е доктринарен, односно претставува р’бет на нивното „вјерују“: е дека се што е лошо по европските перспективи и вредности доаѓа наводно од надвор, при што Западниот Балкан се проценува како еден вид на „сива зона“, еден вид на микс меѓу Европа и Блискиот Исток. Кон таквите земји чувствата се измешани, но преовладува ставот дека е подобро тие држави да си седат онаму каде се и сега, во претсобјето или дури и во дворот на Унијата.
Не дека и сега е лесно да се влезе во ЕУ, со оглед на строгиот распоред на „испитите“ и уште повеќе заради „испитните прашања“ кои дозволуваат релативизирање на успехот на одделните кандидати за членство. Но, во очекуваната променета структура на Европскиот парламент и при новото, десничарско кроење на европската политика, таа релативизација на „испитниот успех“ ќе добие на сила. Така, се доби во перспектива една обратна ситуација: европеизацијата на Западниот Балкан е во опасност од балканизацијата на Европа, чии нови политички елити се преполни со, во основа, ориентален манир на нерционална одбивност кон било кој јабанџија.
За време на Минхенската безбедносна конференција е загрижена дека таа нова политичка клима може леснп да се одрази и врз светскиот поредок, каде кооперативната атмосфера го губи здивот а место неа влегува во „нов интеррегнум“ (меѓувластие), преостаните бранители на либералните вредности се мачат да поминат низ оваа фаза на небезбедност и нестабилност. Некои кандидати, како што се забележува во Минхенскиот извештај, „имаат волја, но не и подготвеност да се покажат како чувари на либералниот поредок, додека други кои тоа би го можеле, немаат волја или се неспособни да ги покажат своите вештини“.Новото истражување на фондацијата Фридрих Еберт покажува дека само 42 насто од Французите, но затоа 59 насто од Германците сметаат дека нивната земја на меѓународен план би требало да остане главно неутрална. Војни интервенции отрфлаат далеку повеќе Германци (65%) отколку Французи (50%). Тоа е одраз на различните политички процеси и стратешки култури на Берлин и Париз. Како и да е вртењето на главата од другите станува се почеста карактеристика на народите а тоа го ледат и политичарите, кои, се разбира, сакаат да победат на секои избори.
Нашиот премиер Зоран Заев во својот говор во Минхен и изјавите кои ги имаше таму изрази надеж дека непосредното членство на неговата земја во НАТО ќе биде дел од еден поширок процес што ќе го поврзе западниот регион на Баклканот со Европската Унија и ќе ги постави темелите за нејзиниот економски развој во текот на следната деценија. Но, кога говориш за надеж го покажуваш и своето стравување дека подемот на националистите на парламентарните избори во ЕУ во мај би можел да ја блокира таа цел, а упорноста на балканските националисти дома може да им послужи како изговор, како што анализира и „Блумберг“. Илустрација за ова е фактот дека францускиот претседател Макрон пред неколку дена, на изненадување на сите, го откажа учеството на конференцијата – „поради потешкотии со термините и внатрешнополитичките ограничувања“.
Во текстот „Национализмот во Европа фрла сенка врз процесот на ‘лекување’ на Балканот“ објавен викендов, „Блумберг“ се осврнува токму на интервјуто на Заев во Минхен, оценувајќи дека „кога Зоран Заев ја поставува својата визија за просперитет и интеграција за Балканот, постои еден голем ризик на хоризонтот“. За Северна Македонија, секако, не помал ризик е и парламентарниот натпревар кој ќе се одржи во Република Грција во октомври годинава. Лидерот на опозицијата кај доскорашната „втора страна“ (или беше прва!) Киријакос Мицотакис води во анкетите и може да го земе кормилото на власта. Заев во споменатото интервју потсетува дека лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, минатиот месец рече дека Грција го задржува правото да стави вето на својот сосед за влез во ЕУ во секое време. Но ова Заев го прокоментира како „полесно е да коментирате за нешто кога сте опозициски политичар, Мислам дека реториката ќе се промени откако ќе биде на власт“ – рече Заев во интервјуто.
Како што наведува авторот на текстот, од Република Северна Македонија до Босна, националистичките политичари остануваат влијателни во Западен Балкан. Во Босна и Херцеговина, водачот на српското малцинство, Милорад Додик, се појави како најмоќен политичар, застапувајќи поделба на земја која се’ уште се бори со последиците од војните во 1990-тите. Во овој контекст е и цитатот на Заев од интервјуто во кој, меѓу другото, тој изразува надеж дека „политичарите ќе бидат повеќе во корист на државите и заедничкото европско општество, отколку на нивните или партиските анкети зашто тоа е иднината на светот”.
– Ако имаме намера да бидеме заедно, мора да престанеме да размислуваме дека сè во светот почнало од нашите народи. И не само на Балканот. Интеграцијата е начин да се зајакнат животните стандарди на некои од најсиромашните луѓе во Европа и да се запре егзодусот на нивните најталентирани на Запад – вели Заев во тоа интервју.
„Блумберг“ се осврнува и на последната изјава на германската канцеларка Ангела Меркел која ги пофали двајцата водачи за нивната храброст да постигнат компромис. „Во сите оние долготрајни конфликти за кои не пронаоѓате решенија, ако имате потребна храброст, можете да најдете, пишува „Блумберг“. Засега она што го сторија Заев и Ципрас е само еден голем исклучок од правилото до кое се држат другите лидери и на Балканот и во Европа.