На состанокот на министрите за надворешни работи во форматот „Берлински процес“, меѓу другото стана збор и за енергетската безбедност во услови на руската агресија врз Украина, кибер-безбедноста и заедничката зелена агенда
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/10/minhen-1024x552.jpg)
Земјите од Западен Балкан сакаат да создадат заеднички регионален пазар и на тој начин да направат важен чекор кон членството во Европската унија, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок додека беше домаќин на министрите за надворешни работи на земјите од регионот, пренесува МИА.
Според договорот, луѓето во регионот ќе можат да ја минуваат границата со лични карти наместо со пасоши, а универзитетските дипломи и професионалните квалификации ќе бидат заемно признаени, рече Баербок на конференција во нејзиното министерство, пренесе ДПА.
– Го олеснувате животот на вашите граѓани и им помагате на вашите бизниси да го поттикнат трговскиот и економскиот раст низ целиот регион, им рече Баербок на своите колеги од Западен Балкан. „Навистина ви честитам за овој пробив“, додаде таа.
Договорот треба да биде потпишан на самитот на шефови на држави и влади за Западен Балкан во Берлин на 3 ноември.
Баербок ги повика владите на државите од Западен Балкан „брзо да ги спроведат сите неопходни чекори за да обезбедат договорите да бидат потпишани како што е предвидено“.
На состанокот на министрите за надворешни работи во форматот „Берлински процес“, меѓу другото стана збор и за енергетската безбедност во услови на руската агресија врз Украина, кибер-безбедноста и заедничката зелена агенда.
Земјите од Западен Балкан ги вклучуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, потсетува ДПА.
На ниво на министри за надворешни работи беа претставени и Бугарија, Грција, Австрија, Хрватска, Словенија и Чешка.
Форматот „Берлински процес“ го иницираше поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во 2014 година на првата конференција за Западен Балкан во Берлин. Форматот има за цел да го унапреди приближувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/10/sredba-1024x452.jpg)
Новиот Извештај на Европската комисија, скринингот, обврските кои ни претстојат до отворањето на фундаменталниот кластер и справувањето со енергетската криза, биле теми на денешната средба на шефот на диполоматијата Бујар Османи со комесарот за проширување и соседство Оливер Вархеји во Берлин на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес.
Како што соопшти МНР, на средбата министерот Османи го поздрави неодамна објавениот Извештај на ЕК за Северна Македонија, со кој се признава генерално добриот реформски напредок на земјата, особено во областите опфатени со фундаменталниот кластер и во поглавјето за Надворешна безбедносна и одбранбена политика, каде што сме оценети со највисока оценка „многу добар напредок“, пред се, со оглед на 100-процентното придружување кон позициите на ЕУ во рамки на нејзината надворешна политика.
-Министерот го информира еврокомесарот за одвивањето на скрининг процесот, како прва и особено значајна фаза во процесот на преговорите со ЕУ, како и за посветеноста на Северна Македонија за навремено заокружување на истиот во ноември идната година, при тоа фокусирајќи се на внатрешните обврски кои ни претстојат до отворањето на фундаменталниот кластер, се наведува во соопштението.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/10/varhei.jpg)
Османи, се додава, изрази благодарност за работата на Европската комисија во однос на планот за справување со енергетската криза за сите земји од Западен Балкан, со кој се очекува да се предложат финансиски фондови за адресирање на итните, краткорочни и среднорочни потреби на нашиот регион. Во овој контекст, од страна на Вархеји беше најавен финансиски пакет за регионот, во износ од 1 милијарда евра, за ублажување на ефектите од енергетската криза