Првиот студиски албум на оваа уметничка имаше промоција во Филхармонија
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
„Ехо“ е насловен првиот студиски албум на младата македонска пејачка Зарина Првасевда чија концертна промоција се одржа во петокот, на15 април, во Големиот салон на Филхармонија. Како специјални гости ќе настапија Васил Хаџиманов, Александар Петров и групата ПЕРИЈА.
„Овој концерт претставува своевидно заокружување на првиот циклус – нашето виртуелно дружење во изминативе две – три години по социјалните медиуми . Со него отпочнуваме ера на заедничко физичко споделување на енергија, љубов и музика кое на крајот на денот го заслуживме и мојата публика, сите мои следбеници и јас самата. Овој настан го чекам и го замислувам откако знам за себеси. Тоа говори дека е од вистински голема емотивна важност за мене и можам да кажам дека оние кои ќе бидат присутни таму, ќе посведочат за најубавиот ден во мојот живот како и за остварувањето на сонот на едно мало девојче што никогаш не престана да сонува. Дури и тогаш кога и се чинеше речиси невозможно. Со голема радост и срце полно љубов и музика, ве очекувам на 15 Април!“
Ова е пораката која младата македонска пејачка Евгенија Здравевска или ако милувате Зарина Првасевда, во пресрет на својот промотивен концерт во Филхармонија, ќе им ја упати на своите повеќе од 30.000 следбеници на социјалните мрежи и на љубителите на нејзината песна кои и не се двоумеа навреме да си обезбедат билети за премиерното претставување на нејзиниот деби албум „Ехо“. Така, како артист, менаџер, продуцент… (нешто што од поодамна е не баш убава практика на овдешнава и на регионалната сцена), таа сега може да се насочи само на изведбата и само на она што ќе се одвива на сцената. А, кога сме веќе тука да кажеме дека во таквите намери неа ја следеа членовите на штотуку формираниот оркестар во кој се имињата на врвни македонски музичари како кларинетистот Благојче Трајковски, Филип Димишковски на пијано, перкусионистот Ратко Даутовски, потем и мајстори како Дејан Цветковски, Драган Теодосиев, Панче Кралев, Тони Арслан, Филип Михајловски и Дејвид Демир. Згора на тоа, планирани се и специјални гости, па така Зарина и нејзината тајфа крај себе ќе ги имаат и Васил Хаџиманов, еден од најбараните балкански џез музичари, перкусионистот и продуцент Александар Петров кој во последниве неколку години по завршувањето на авантурата со одличниот БАЦЕ КВАРТЕТ работи на релација Њујорк- Скопје – Дубаи… и одличните ПЕРИЈА, со кои по сопствено признание Првасевда дели „заедничка изведувачка историја“.
Инаку, албумот „Ехо“ како физичко издание го чинат 11 традиционални песни од Балканот со исто толку нови и оригинални аранжмани и отпеан е на пет јазика: македонски, албански, турски, српски и бугарски.
– Овој албум е избор од 11 песни коишто со текот на годините ги собирав како сознание истражувајќи ја традиционалната македонска музика и музиките на народите од регионов. Имав среќа да запознаам прекрасни луѓе и колеги кои некако спонтано ми се приклучуваа по патот и коишто сакаа, имаа желба да работат заедно со мене. Бескрајно сум му благодарна на Универзумот што ми даде прилика и шанса да работам со така убави луѓе и музичари – ќе рече Зарина Првасевда.
Говорејќи за материјалот документиран на носачот на звук дополнува дека таа како артист ја имала идејата, но дека поголемиот дел од аранжманите се дело на Александар Петров со кого пријателството го почнале случајно. Со преписка преку социјалните мрежи.
– Сакав да ја споделам таа музика која што ја носам во срцето, меѓутоа сепак искуството и вештините се стекнуваат со тек на време, но затоа пак тука беше Александар кој многу години работи музика и со кого не споија социјалните медиуми. Овој албум го создадовме со идеја да допре до младата публика, односно публиката која онака регуларно не би имала шанса и прилика да ја осознае традиционалната музика на ваков начин. Сакав мојата изведба да има, да поседува еден алтернативен звук, во суштина да биде фузија од традиционална музика, џез…дури во неа да има некои моменти кои мене ми личат на филмска музика. Затоа навистина сум благодарна што создадовме таков тип на музика која со гордост ќе ја пеам не само во оваа пригода, туку и потоа на секој концерт во периодот што следува. Овде во земјава, во Македонија и секаде онаму од каде што ќе стигнат покани за настап. Можам да кажам, па дури и да ветам дека овојпат ќе имаме многу убаво патување низ традиционалната музика од Балканот и јас лично ќе се потрудам тоа да биде со онаа најчистата и најубавата емоција што во срцето ја носам сите овие години – истакнува пејачката.
А, музичарот и продуцентот Александар Петров говорејќи за објавата и соработката со Зарина Првасевда ќе рече дека неговата идеја била да ги вкрсти и предизвика традиционалните музики од целиот свет.
Мојата идеја беше и се надевам дека се оствари на еден ритмички начин да ги доближам традиционалните музики од целиот свет. Има песни каде во под текст може да се чуе аргентинското танго, песни каде се допираат Малта и Албанија, Србија и Македонија… Малку има џез, повеќе се тоа фузии или вкрстувања на традиционалните музики од различни држави и континенти, смета Петров.