Пораката на Макрон делува како чист историски ревизионизам во однос на Балканот. Во мигот се гради некој друг концепт, нешто како поставување на шатори во близина на европските бедеми во кои би ги сместиле „натрапниците“ од еден друг свет, откако претходно ќе се изгради некоја поинаква реторика, се разбира…
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
На 23 ноември 1959 година, значи пред 60 години, големиот државник Де Гол во еден говор во Стразбур ја објавил својата визија на Европа: „Да, тоа е Европа, од Атлантикот до Урал, тоа е целата Европа, таа ќе ја одреди судбината на светот“. Ако се гледа од аспект на биографијата на генералот на тоа можеби влијаела средбата која во заробеништво, за време на Првата светска војна ја имал со идниот советски генерал на Црвената армија, најславната жртва на Сталин во 30-тите, тогаш само поручник – Тухачвски. Се смета дека нивните разговори за судбината на Европа влијаеле многу на димензионирањето на корпулентноста на поимот „европски сојуз“ или своевидна „држава на народите кои постојано војувале меѓу себе“. За оваа тема тој подоцна имал прилика да разговара со полскиот маршал Пилсудски. Истокот очевидно не му бил стран на младиот Де Гол!
Но, да скусиме – познато е дека светот а секако и Европа нема толку големи визионери како Де Гол, кој даде огромен придонес во создавањето на сегашната Унија, навистина често без Островото, кое сега, во мигот е во статус што е согласност со тие визии, откако Британците гласаа за Брегзит. Како и да е високиот генерал настојуваше да ја исфрли од наративот илјадугодишната шизма кон Источна Европа која владееше во запасниот дел од континентот, после поделбата на христијанската црква во 11 век а ообено после падот на Цариград под османлиско владеење. Оваа поделба на Европа на „вистинска и шатро“ силно не удри деновиве и тоа токму од страна на опозитот на Де Гол во неговта земја кога се глобалните визии во прашање – актуелниот француски претседател Емануел Макрон, кој со своето неприфаќање на отпочнување на преговори за прием на нашата земја и на Република Албанија за влез во Унијата ја реинкарнираше старата шизма. Како да изусти некој во Париз – „доволно беше“, се затвори вратата на Унијата, макар со едно вето за нас а три за Албанија. Можеше да биде и обратно, секако, како што овој исход не е многу утешителен за соседите во регионот, дури и кога тие започнале преговори за влез во Унијата (Србија и Црна Гора). Во мигот се гради некој друг концепт, нешто како поставување на шатори во близина на европските бедеми во кои би ги сместиле „натрапниците“ од еден друг свет, откако претходно ќе се изгради некоја поинаква реторика, се разбира…
Она што го прави сега Макрон, во рамки на обидот да и одземе гласачи на својата главна конкуретка на изборите во Франција – Ле Пенова е голем чекор назад во основната идеја на обединета Европа („цело е кога има се’“, што би рекле некои) и претставува враќање кон шпајзот на политичките реликвии во Елисејската палата и земање во рацете на идејата за „инаквите“ во повторно формирање на „европскиот идентитет“. „Инаквите“, израз кој го користи српската професорка Тања Петровиќ, чија анализа на оваа тема ја имавме во Глобус (globusmagazin.mk/западниот-балкан-како-колонијалниот/) во голем дел од историјата означувала „непријател“, под маската на ориенталната култура, која после Втората светска војна се заменува со „идеолошки другиот“ односно со земји во кои владеат комунистичките идеолози што не го признаваат граѓанското општество?
Денес нема идеолошки препреки од тој тип на Истокот ама за политичарите како Макрон добро доаѓа ако се повлече некој чекор назад во времето: постои тоа историско наследство, на кое се повокува а што може да се користи пред сопствените бирачи.
Професорката Петровиќ вели „во овој двосмислен простор во политички, идеолошки и културен контекст, во кој „европеизмот на некои земји е средство, додека другите земји треба да ги подобрат свето европејство”, го покажува дискурсот на пристапување во ЕУ на земјите од западнобалканскиот регион, што традиционално се гледа како периферна Европа, каде што е потребна контрола на Западот, спроведување и настава, како и идеална арена за создавање на нов европски ориентализам. Далчи тоа не е сцена деновиве на која се подигнува завесата со такви поставки?
За подобро разбирање на процесите кои водат кон овој нов ориентализам,, корисно е да се позајми категорија на историско наследство. За разлика од традицијата која е селективна, историско наследство не е резултат на активен процес на свесен избор на одредени елементи од минатото: таа вклучува сè што е сочувано, без оглед на тоа дали ни се допаѓа или не’ (Тодорова, 2005: 88). Историско наследство, според тоа, не може да се промени, но не можеме да се жалите за него или да молчиме, да го славиме или табуизираме – во зависност од тоа каква ситуација во моментот сакаме за себе“- пишува Тања Петровиќ, од беградскиот Институт за културни и мемориски студии.
Макрон само го користи стариот рефлекс на јавното мислење во Западна Европа, што на свој начин значи враќање кон некогашниот колонијален дух или потценувачки однос во било кој поглед кон оние кои живеат на ќошето на континентот, каде треба да се држат што подолго. За да се обнови стариот дух на „европеизмот“ Макрон го искористи наводниот притисок на албанските доселеници да добијат визи во Париз и покрај фактот дека реално годишно се добиваат само по неколку визи; но изборот на Албанците како наводен непријаел или неприфатлив народ се става и во поширок контекст (Македонија, Косово, Црна Гора)…
Тоа е несомнено една форма на историски ревизионизам, кој во вториот круиг не може да се задржи само на Северна Македонија и Албанија, туку ќе се прошири и на односите и меѓу самите европски држави, односно ќе ја компликува позицијата на Франција во својот најблизок политички и економски контекст. Но за тоа секако треба да се задржиме во некој друг повод, од кого нема да не делат многу недели или месеци.
Викендов грчкиот весник „Реал њуз“ (Real news), во текстот под наслов „Атина е загрижена за случувањата на Балканот“, ја анализира ситуацијата во регионот по Самитот на ЕУ и француското вето.
„Директното прашање што произлегува за Атина е имплементација на Договорот од Преспа. Ерга омнес виси во однос на државните документи на Северна Македонија што се издадени пред ратификацијата на договорот, бидејќи предвиден е преоден период што е поврзан со отворањето на пристапните поглавја. Јасно е дека без датум за почеток на пристапни преговори, Скопје нема никаква обврска за промена на документите“ пишува весникот.
Во однос на земјите од Западен Балкан, по исходот од Самитот на ЕУ, весникот пишува дека „торпедото“ на Емануел Макрон за европската перспектива на Северна Македонија била шлаканица за целиот регион. А аналитичарите и дипломатите на кои што се повикува, се согласни дека негирањето на 27-те земји од Унијата да одредат датум за Албанија, „а особено за Северна Македонија значајно го намали зрачењето на ЕУ“.
„Според дипломатски извори, заедничкото чувство во сите земји од Западен Балкан беше дека „ние не дека не сакаме и треба да видиме што ќе правиме“. Ова не е добро за Европа, но генерално не е добро за Грција. Како што објаснуваат искусни дипломати, по Самитот во Солун, европската перспектива на земјите од западен Балкан е најважната алатка во односите на Грција со овие земји, објави грчкиот весник.
Новинарот во анализата, повикувајќи се на дипломатски извори, пишува дека по одлуката на Европскиот совет се отвора патот за „вмешување на трети земји како што се Русија, Кина, но и Турција, која континуирано се обидува да ги зајакне базите во регионот“.
Историскиот ревизионизам ќе се појави во многу видени сценарија.