Реномето на разнишаната ВМРО ДПМНЕ во Собранието на РМ го одржува пратеничката која доаѓа „отаде Подмоље“ – од Струга
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
По сите оние актуелни кадровски промени во ВМРО ДПМНЕ, говорничките вештини на пратеничката од оваа партија од Струга – Лилјана Затуровска доаѓаат до израз. Таа со своето присуство на микрофонот во некоја од салите на Собранието на РМ се обидува да го одржи реномето на опозиција низ контрирање на владините предлози и проекти што, се разбира, во последните месеци и не е така лесно.
Заради настаните кои настапија со дилемите во нејзината партија околу тоа дали да се излезе на референдум за прифаќање на Преспанскиот договор или не, потоа заради одредените казни за раководните кадри кои не се однесуваа во ова прашање согласно на замислената стратегија на претседателот Мицковски ( изјаснување „за“ или „против“ старт на амандманската расправа за измените на Уставот на РМ), дојде до отставка и на претседтелката на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ (Даниела Рангелова) на таа функција, а исто таква отставка даде и нејзината заменичка во Унијата на жени – Лилјана Затуровска, што беше изненадување. Таа е секогаш оценувана како доста тврд приврзок на генералната линија на партијата, без многу самостојни „излети“ со некакво лично, па и самоиницијативно однесување во однос на партиското раководство, кое и да било. Ова ги отвори шпекулациите дека можеби и од Затуровска се очекувало да се придружи на осумината сопартијци кои формираа нова пратеничка група во Парламентот. Дали сега Затуровска, со честите конфронтирања со позицијата сака да ја потврди својата лојалност на актуелното раководство на партијата?
Пратеничката во септември годинава наполни 54 години, што значи дека влегува во зрелите години. По професија е дипломиран архитект, а родена е во Битола, што значи дека како снаа влегува во познатото струшко семејство. Нејзиниот сопруг е директор на средното училиште, најголемо во градот – „Нико Нестор“, а локалните медиуми тоа го врзуваат за нејзината голема моќ која ја стекнува со пратеничката функција. Самата има 9 функции како член или заменик-член во Собранието , што покажува колкава е довербата во неа од страна на партијата на која и припаѓа. Инаку сопругот, Никола Затуровски е член на ИК на ВМРО ДПМНЕ
Но, еднаш Затуровски дојде во судир со еден познат и неприкосновен партиски миленик. Се работеше за лесно отфрлување на архелошките истражувања во струшкиот регион од страна на тогаш актуелниот директор на Заводот за заштита на културното наследство – Паско Кузман, се дозволи изградба на станбена зграда врз темелите на ранохристијанска базилика. При ова стружани го обвинија познатиот охриѓанец дека се однесува во стилот „отаде Подмоље ништо не ме интересира“. Затуровска доста тврдо ја бранеше локалната линија! Тогашната опозиција а сегашната власт го одмолче овој судир на интереси во ВМРО ДПМНЕ, од крајот на минатата деценија, но доста потоа Паско Кузман сепак падна во немилост и заврши во затвор. Неговата партија се покажа дека лесно го „жртвуваше“ .
На имотната листа на Затуровска не се гледа некој импозантен ефект од нејзиното имотно портфолио, кое е пријавено во Антикорупциска. Таа како заеднички имот со сопругот има стан во Скопје, купен пред четири години од 34 квадрати. Иако има можности да преспива во градот каде и е работното место, Затуровска е една од оние кои се на врвот по примените патни трошоци низа години наназад и по тоа боде очи. Пратеничката се најде на неславното трето место според исплатените трошоци за патување, според истражувањето на СКУП – за 2017 година земала по овој основ 3.042 евра, иако два месеци таа година Собранието не работело.
Пратеничката има пријавено дека поседува стара Лада Самара, купена во 1990 година. Прилично е кредитно задолжена со сума од 2,4 милиони денари, на име на кредит во една деловна банка (истиот треба да се врати до 2020 година). Но, има пријавено и орочен штеден влог од 700 илјади денари.
Во Струга живее во стан на сопругот (со површина од 63 квадратни метри), купен во 2010 година, во период кога таа веќе беше пратеник. Сопругот поседува и семејна куќа во село Враниште, каде има и земјиште од 700 квадрати.
Затуроски возат и Мерцедес 200 ЦТИ, а во списокот е и трето возило – Форд Фокус. Нема сомнение дека и покрај сета нејзина долга кариера возилата и цената на бензините, како основ за пресметување на патните трошоци, ќе останат трајна апликација на нејзината политичка кариера.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери. Опрмата е на Глобус