ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Ретки се оние кои знаат дека Вилма Русковска одеше на протести на кои се бараше правда. Можеби беше и единствена од обвинителите, но сигурно беше единствена која застана зад СЈО во време кога за сите други обвинители беше „ерес“ и да комуницираат со своите довчерашни колеги
Последниве неколку дена гледам, слушам, читам и некако, почнав и да ги бројам нападите кои се насочени кон Јавната обвинителка, Вилма Русковска. За дел од нападите и имам разбирање, бидејќи, доаѓаат од лица кои посредно или непосредно имаат (или допрва ќе имаат) работа со обвинителствто за гонење на организиран криминал. Нормално е дека на оваа групација и одговара да се каже некој лош збор за Русковска за да можат утре, самите тие да ги „репризираат“ сопствените повраќаници како, небаре ги кажал некој друг, ама затоа, пак, во нив се е вистина. Смешно и трагично во исто време, ама тоа е!
Втората групација „критичари“ на Русковска се, во најмала рака, искусни правници и обвинители, се разбира, во слободно време! Тоа се истите оние луѓе кои се разбираат од се и знаат се и токму поради нивната „широка наобразба“ можат да ја поучат и Вилма Русковска како треба да постапува, како треба да се однесува, како треба да си го живее сопствениот живот… Самопрогласените интернет-експерти, никогаш во својот живот не виделе како изгледа еден судски предмет, што тој содржи во себе и кои и какви докази има, но тоа не им пречи да ја „поучат“ Русковска како треба и што треба да направи. Си знаат луѓето! Се” си знаат – од дома!
Истите тие знаат дека довербата во обвинителството е само два проценти. Можеби е навистина толкаво, ама не е само Вилма Русковска обвинител.
Можеби другите не ги познаваат оти ја немаат храброста на Вилма Русковска да застанат пред новинарите и да дава одговори на се што ќе биде запрашана?
Обвинителката Вилма Русковска ја познавам повеќе од 25 години. Чинам дека кога ја запознав се уште беше стручен соработник во скопското Јавно обвинителство, но тоа не ни така битно, бидејќи она што ја краси оваа жена е тоа што никогаш не се крие или повлекува пред „налетите“ на јавноста. Таа секогаш е подготвена да даде одговори, но не секогаш ќе го чуете тоа што сакате са слушнете и што ќе ве задоволи! Кај нејзе тоа го нема!
Туку, ајде уште еднаш да се навратам на оние два проценти доверба. Дали некој знае колкава беше довербата во обвинителствто кога на власт беше Никола Груевски, а Обвинителствто за гонење на организиран криминал го водеше Јован Илиевски?
Искрено, јас не знам дали тогаш довербата се мерела со минусни поени, но знам дека една и единствена обвинителка која се спротистави на тоа и такво обвинителство беше токму Вилма Русковска!
Ретки се оние кои знаат дека и Вилма Русковска излезе на протести на кои се бараше правда. Можеби беше и единствена од обвинителите, но сигурно беше единствена која застана зад Специјалното јавно обвинителствто, во време кога за сите други обвинители беше „ерес“ да комуницираат со своите довчерашни колеги, а кои заминаа на работа во СЈО! Русковска никогаш не зборувала за платите на колегите од СЈО, бидејќи оние кои ништо не работеа зборуваа за платите на „специјалните“. Русковска знаеше дека СЈО е формирано заради насушната потреба од минимум правда.
Дали таа тогаш не ризикувала ништо? Секако дека да, но тогаш критизерите не и го знаеја ни името, ни презимето, а ни ликот!
На Вилма Русковска и се зема за зло што, наводно, била груба кон Катица Јанева. Не сум сигурен дека тоа е така, ама знам дека и Вилма е една од оние илјадници изневерени кои „Секој ден во 6“ се собираа пред СЈО. Изгледа дека Јанева, заборави зошто е дојдена во Скопје, зошто е именувана за „специјална јавна обвинителка“ и зошто не ја туркаше правдата, па макар и здружено со колегите од другите обивинителства. Јанев не само што не ја избра правдата, туку избра да се другарува со хохштаплер кој никогаш ништо не работел, ама затоа целиот свој живот го живее на „висока нога“.
Не ми паѓа на памет да го коментирам предметот „Рекет“, оти освен обвинение, ништо друго и немам видено, а и да сум видел не е мое да коментирам судска одлука! Не сум од оние кои знаат се и кога ништо не знаат.
Дали пресудата ми е „погодена“ или не е само моја работа. Знам дека јавноста бараше правда и пресуди, а сега кога веќе има една таква – пак незадоволство! Не знам што ќе беше попаметно: да се пресудеше „Рекет“ или воопшто да не се судеше? Никако не се угодува!
И за крајот уште само една реченица: не е Вилма таа која треба да ги бара парите на Орце. Штетата, ако веќе ја има, нека си ја бара Камчев, оти тој знае кому дал и колку пари дал!
П.С.
Ако некој ја познава обвинителката Вилма Русковска слободно нека и пренесе дека има текст за неа, оти само така ќе може да се уверат поединци дека ова писание не е нарачано!