СРЃАН ИВКОВИЌ
Можеби сегашниот министер за локална самоуправа (повторно се работи за Златко Перински) немаше да биде толку строг во оценката на нејзините проекти и можеби ќе дозволеше набавка на 250 нови автобуси? Можеби? Зошто? Затоа што Куманово доби најмногу средства, а значителен дел од унгарскиот кредит доби и Гостивар, колку веројатно да се задоволи коалицијата со Вреди и ЗНАМ
Ама прашувам: Зошто? Зошто нè казнувате? Ни рековте да гласаме за Данела и ние гласавме. Сега нè казнувате дека сме гласале. Вие и натаму не ја сакајте градоначалничката, но нам ни е потребен градски превоз и потребни ни се амбуланти, паркови, места за рекреација и нови булевари
Град Скопје е една од ретките, поточно само четирите општини во Македонија што нема да добие средства од „Орбановиот“ кредит, кој делумно се користи и за развој на проекти во локалните заедници. Официјалното објаснување е дека ниту еден од понудените проекти не бил вреден за финансирање, иако во кампањата, кога ВМРО-ДПМНЕ стоеше зад Данела Арсовска, истите проекти беа препорачувани од партијата како издржани, напредни и вистинско решение за граѓаните на главниот град.
И скопјани го послушаа ВМРО-ДПМНЕ и масовно гласаа за Арсовска, првата „мајка“ на градот, во кој повеќе од 4.000 години опстојува цивилизација (не сите историчари се согласни со тоа, н.з.). За џабе беше „пенавењето“ на Славјанка Петровска, која од седиштето на СДСМ мавташе со бугарското државјанство на Данела, убедувајќи ги граѓаните да го сменат мислењето и во вториот круг да го поддржат Петре Шилегов. Попусто, предноста на Арсовска во вториот круг беше уште поголема од таа во првиот, по што со сите свечености таа беше прогласена за градоначалничка, а нејзиниот триумф беше до толку голем што предизвика паѓање на Владата и резултираше со политичка пензија за дотогашниот премиер Зоран Заев.
Тоа беше една од најголемите победи што ВМРО-ДПМНЕ ги има извојувано на локални избори воопшто и големо враќање на политичката сцена на партијата што неколку години претходно не знаеше дали воопшто ќе постои во иднина.
Но, по кратко време „пукна тиквата“ меѓу Данела и ВМРО-ДПМНЕ, па „скопската принцеза“ и „кралица“ стана „најнеспособната градоначалничка во историјата на градот“. Од Данела бегаше и претходната власт, а оваа новава не сака ниту да ја погледне. Секојдневно слушаме поплаки за нејзината работа од градоначалниците на другите скопски општини (од ВМРО-ДПМНЕ), кои мака мачат со градот кога треба нешто да се поправи или исправи, а се поклопува со градските ингеренции. Нон-стоп слушаме за предлози дека треба да се измени Законот за локална самоуправа и „доколку некој градоначалник не си ја работи работата, тогаш тој да биде сменет“. Ова нормално важи само за скопската градоначалничка.
И сето тоа е во ред, и јас не сум воодушевен од неа, ниту, пак, би гласал или би поддржал нејзина нова кандидатура. Не. Никогаш. Но, бидејќи сум роден и живеам во Скопје, имам потреба од автобус, од вода за пиење, од атмосферска канализација, пошироки улици, мостови итн. Проекти за тоа има. Веќе реков тоа се истите оние што ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа за време на локалните избори, а сега, бидејќи Данела е нели „неспособна“, „проектите не биле добри“.
Претпоставувам, доколку Арсовска не влезеше тогаш во конфликт со директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, можеби и немаше да згасне нејзината „љубов“ со ВМРО-ДПМНЕ? Можеби сегашниот министер за локална самоуправа (повторно се работи за Златко Перински) немаше да биде толку строг во оценката на нејзините проекти и можеби ќе дозволеше набавка на 250 нови автобуси? Можеби? Зошто? Затоа што Куманово доби најмногу средства, а значителен дел од унгарскиот кредит доби и Гостивар, колку веројатно да се задоволи коалицијата со Вреди и ЗНАМ. Општините чии градоначалници не излегуваа од коалиции и немаа проблем со никого од сегашната власт, исто така добро поминаа. Еве, на Охрид му се одобрени 10 од 10 проекти, а добро поминаа и многу други општини. Скопје е во друштвото на уште три други општини без денар. Колку веројатно да не биде само Скопје.
И јас знам дека треба проект и буџет и таксени марки, па потпис и пресметка и јавен интерес. Ама прашувам: Зошто? Зошто нè казнувате? Ни рековте да гласаме за Данела и ние гласавме. Сега нè казнувате дека сме гласале. Вие и натаму не ја сакајте градоначалничката, но нам ни е потребен градски превоз и потребни ни се амбуланти, паркови, места за рекреација и нови булевари.
Дали е фер да чекаме уште една година до изборите и до уште некој нов кредит од Унгарија за да се чувствуваме достоинствено?