ДРАГАН ПОПОВСКИ
Јасно е дека целта за исмејување на моќниците во општеството е власта. Но што да се прави кога власта, со сите грешки и неспретности при владеењето,го води општеството кон целите кои значат прогрес и просперитет? Што, кога опозицијата е таа која го влече општеството назад? Поготово во изминатиот период на апсолутистичко дивеење и рушење на сите вредносни модели на живеење, по периодот на конструирање на приказни на Македонецот-Бог со најдлабоки корења во историјата
Прво, нешто за карикатурата. За да ја нагласам потребата за постоење на карикатурата како неопходен сегмент во журнализмот, за задржување на слободата на умот ќе наведам неколку извадоци од моите елаборирања во книгата „50 години Светска галерија на карикатурата-Скопје“ која е во печат во издание на „Остен’.
Не постои податок кога настанала првата карикатура, како што не постои и податок кога човекот го „артикулирал“ својот разуми станал човек како разумно битие. А можеби реагирањето на човекот кон случувањата во околината и потребата неа да ја прилагоди кон себе, а и себе си да се прилагоди кон неа, не е поврзано со разумот туку само со инстиктот за самоодржување и опстојување, инстикт за ПОСТОЕЊЕ. Но, за разлика од сите други биолошки форми и битија, човекот, освен овој вроден инстикт, има способност и да мисли, и со тоа и самото постоење има и друга, повисока димензија, со што човекот и се дефинира себе си како ЧОВЕК (Декарт).
Во таа борба за постоење неопходен е напор, а и борба за задоволување на своите биолошки потреби, но и борба за задоволување на своите духовни потреби и идеи, борба со умот и мислата, особено кога се создавале општествата како форма на живеење во заедница. Мудроста е привилегија на малкумина, таа не е „универзална величина“ и не е сеопфатна, додека што се однесува до глупоста, таа е „привилегија“ на сите нас и може да биде, ако ја гледаме, според Ајнштајн како „физичка величина“, е бесконечна како и вселената. Да се потсетиме на сите оние будалести моменти што сите ние ги имаме во текот на нашето делување. Тоа за останатите околу нас може да биде забавно и да засмејува, но последиците од сопствената глупавост ги трпиш самиот и тоа не го засега никого друг. Тоа може да биде инспирација за таканаречените „виц карикатури“.
Глупоста добива поголемо значење и димензија, дури и застрашувачка димензија, кога е во симбиоза со моќта на владеачките авторитети, и тогаш станува проблем за сите останати на кои им се наметнува како вредност или насока за однесување. Застрашувачки е затоа што со тоа се нарушува и резонот на нивното мислење а со тоа и на нивното постоење. Заради сето ова, заради основното право за постоење, неопходна е борба против спрегата „глупавост-моќ“. Тоа е задачата на „ангажираната карикатура“. Таа не е во функција да ги засмее читателите, туку да го исмее моќникот.
Што е со „Големата слика“?
Следејќи го сето ова претходно кажано, јасно е дека целта за исмејување на моќниците во општеството е власта. Но што да се прави кога власта, со сите грешки и неспретности при владеењето,го води општеството кон целите кои значат прогрес и просперитет? Што, кога опозицијата е таа која го влече општеството назад? Поготово во изминатиот период на апсолутистичко дивеење и рушење на сите вредносни модели на живеење, по периодот на конструирање на приказни на Македонецот-Бог со најдлабоки корења во историјата, не сфаќајќи, логично, дека зараи длабоките корења двишењето напред е невозможно, по високо подигнатите знамиња сред калта на историјата „гордо“ клекнати пред Водачот. (Не се осврнувам на криминалот, тоа е тема за некои други опсервации врзани за моралот и етиката на човекот, независно од припадноста на некоја политичка идеологија).
„Големата слика“ е Македонија со Атиџе и „Медената земја“ во светот, со Елмас, Барди и Пандев до Меси и Роналдо, со Тамара под рефлекторите, со заедничка борба со светот со вирусот. Не вреди заради неисполнетите „шарени“ очекувања, преполнетите контејнери, кучињата скитници (се обложувам со секого дека можам да набројам барем една замерка побеќе) да останема само на маргините на таа слика.
„Големата слика“ е идеалот. А идеалот не се карикира.