ЈАСМИНА ТРАЈКОСКА
Се сеќавам на последниот пример со заменик министерот за образование, кој со изјавата дека образовниот систем не е правилно организиран, кажа факт за кој сите сме свесни. За тоа не говореше доволно гласно, но напоменуваше доволно често за да стане непријатен за нечии уши. Кога заменик министерот даде оставка, премиерот на едно интервју рече дека, парафразирам: „човекот бараше повисока функција, не му дозволивме и затоа сега вели дека ситуацијата во образовниот систем не е добра“.
Постои едно познато дело на Сунг Цу „Уметноста на војувањето”, кое содржински ја опфаќа воената стратегија и кое е задолжителна литература за студентите на политички науки, а е дело напишано помеѓу 400-тата и 320-тата година пред нашата ера. Уште тогаш Сун Цу укажува на важноста од единството на военото раководство и на меѓсебната кооперативност на воените единици.Сунг Цу јасно нагласува дека, цитирам „Кога генералите се слаби и без авторитет, упатствата се нејасни, офицерите недоследни, а единиците несразмерно распоредени. Ваквата состојба со еден збор ја опишува како побуна. Кога генералите не се во состојба да ја проценат силата на своите противници па се во борба со побројна војска, а притоа не ги организираат своите единици по степенот на обученост, поразот е неизбежен”. Во книгата можеме и да ги видиме шесте грешки кои водат до сигурен пораз: пропуст во утврдување на силата на спротивната страна, немање на јасен и правичен систем на казнување и наградување, слаба обученост, претерувањето со емоциите, неспроведувањето на законот и одлуките и шестата, лошата селекција. Авторот многу јасно потенцира дека тоа е патот кој сигурно води до пораз.
Во 2019 година, ние сѐ уште се учиме да совладаме основни лекции за водење и организирање на државата и институционалната поставеност во истата. Доколку направиме пресликување на организација во државна смисла, тогаш раководството за главните стратешки државни цели треба да има единство, а институциите помеѓу себе да се коперативни. Оние кои се на чело на институциите не смеат да се необучени, слаби и недоследни, туку да имаат јасна визија за она што сакаат да го постигнат. Ако ги согледаме и само шесте грешки опишани погоре, ќе видиме дека ние и денес имаме шест од шест грешки кои, како што вика Сун Цу уште во 400 г.п.н.е., водат до сигурен пораз.
Како стигнавме да учествуваме во општиот пораз на секое ниво? Нашето секојдневие е преполно со недоверба во луѓето и институциите, недоверба во подобро утре, недоверба во било кој човек кој говори или превзема одредени акции за промена или подигнување на свеста за одредени прашања. Збунетоста која настанува кај луѓето како последица на погрешното управување, ги онеспособува и способните. Манипулацијата од страна на неправилните управувачи за постигнување на овој ефект, користи еден метод кој со сигурност секогаш резултира со неупешен обид за тој што пробал да направи нешто поинаку, а тоа е лично да го дискредитира оној кој се обидел. Секогаш кога некој ќе се обиде да му укаже на главниот за „слонот во собата”, тогаш оној кој укажал станува предавник, некој кој само сака повисока функција, некој кој сигурно има интерес за повеќе пари…
Се сеќавам на последниот пример со заменик министерот за образование, кој со изјавата дека образовниот систем не е правилно организиран, кажа факт за кој сите сме свесни. За тоа не говореше доволно гласно, но напоменуваше доволно често за да стане непријатен за нечии уши. Кога заменик министерот даде оставка, премиерот на едно интервју рече дека, парафразирам: „човекот бараше повисока функција, не му дозволивме и затоа сега вели дека ситуацијата во образовниот систем не е добра“.
Не разговараме ние за проблемите за кои зборуваше заменик министерот и за континуирано влошување на она што го укажа, туку го дискредитиравме и со тоа и општо познатиот проблем кој го посочи, стана „невидлив” за сите. Личната дикредитација стана толку честа појава, што и кога некој професионалец сака да е партиципативен и искажува јавно свои ставови, тогаш се смета дека тој тоа го прави само за позиција или дополнителен хонорар, а не дека дава придонес во креирање на поинаква јавна свест.
Оваа недела имавме ситуација и на светско ниво, кога младата Грета повикувајќи на повисока свест за она што на сите ни е од животно значење, а тоа е Планетата Земја, стана предмет за дискредитирање. Секако дека се во право оние кои велат дека мора да има различни ставови и мислења, но основата врз која се базира јавното мислење се темели на лична дискредитација и гнев. Огромна количина на гнев која е последица од начинот на управување кој го опишав погоре, а за кој Сунг Цу зборувал 400 години п.н.е.
Институцијата која требаше да биде над овие промашувања во управувањето на македонскиот политички систем, СЈО, стана поголемо разочарување и од неказнувањето на криминалците, за кои многумина од нас беа убедени дека конечно ќе одговараат. Дискредитирањето продолжува, бидејќи не се создаде можност за личности кои ќе влеат доверба и ќе донесат промени, туку продолжи да се трупа гневот, кој заедно со погрешното управување неминовно и сигурно води кон пораз. Пораз кој и секоја следна генерација ја „обучува“ за дискредитирање на личности и гнев. А како последица на сето тоа, е најчестата реченица користена од граѓаните, кое во исто време се и гласачи: nишто не е важно, секако секој сака само да кради!