МИРЈАНА МАЛЕСКА
Кај нас има и преќутен политички договор на добар дел од образованата елита, чиј команден центар е опозициската партија, да се компромитира Охридскиот, Преспанскиот и Францускиот договор, со изговор дека се „диктати”. Оваа организирана структура го окупира јавниот простор и не дава „пиле да прелета”
Пред околу две децении, Коле Чашуле ме покани да направам осврт на неговите книги на политички есеи, „Болно племе” (2000) и „А бре Македонче”(2003). Бев исклучително почестена. Чашуле, заедно со Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески, Јован Бошковски, Димитар Митрев и Славко Јаневски се вбројуваат во легендарната македонска писателска генерација, што литературните историчари ја именуваат како прва.
Кога се навраќам на ова сеќавање, малку сум засрамена. Дотогаш ги знаев само неговите драми „Вејка на ветерот” и „Црнила” и по некој расказ што евентуално сум го читала како училишна лектира. Прифаќајќи ја поканата, сакав да го надоместам загубеното. Напишаниот осврт го насловив „Митот за анти-македонскиот заговор” и го испратив на Коле со снебивање. Се плашев да не го навредам. Реков дека некои од неговите есеи се натопени со националистички сентимент, а „заговорот” против Македонија, во контекст на македонско-грчкиот спор, не ми изгледаше достаточно веројатен.
Коле, не само што не се навреди, туку напротив, најде дека мојот пристап на професор по политички науки е интересен предизвик за него. Иако по природа беше полемичен човек, го красеше ширина и толеранција. Така, не само што зборував на промоцијата на неговите книги во просториите на Друштвото на писателите, туку мојот осврт подоцна беше објавен во изданието за Коле Чашуле што го подготви неговата сопруга, Јелена Лужина, а го објави МАНУ.
Темата на политичките есеи беше, да употребам еден негов збор, „загрозата” на македонската нација и држава од внатрешни и од надворешни непријатели. „Болно племе” е врисок, ерупција на гнев против историските неправди нанесени на Македонија, во првата половина на 20 век. Обвинување што Коле го упатува кон територијалните претензии на соседните држави а пред сè кон големите сили, кои тогаш ги кроеле границите на Балканот според своите интереси.
Тој, со умешност на даровит писател и страст на политички активист, не убедува дека ние, денешните Македонци, имаме исконско и непоништливо право да бараме обединување на татковината и дека никогаш и за ништо не смееме да се откажеме од тоа. Политиката на притисок што се вршеше врз нас во спорот со Грција за името, тој ја именува како „диктат” и „Европски-Нато заговор” да прифатиме една противприродна состојба на статус кво, да ја признаеме поделбата извршена во минатото и така засекогаш да ги закопаме своите идеали. „Велепредавник е секој оној кој преговара и историјата не може да го амнестира”, пишува Чашуле.
Оние што се занимаваат со политичка наука, знаат дека национализмот е политички принцип кој тврди дека политичката и националната единица треба да се совпаднат, а националистички сентимент е чувство на гнев, како кај Коле, предизвикано од кршењето на овој принцип.
Во времето кога Чашуле ги објави своите политички есеи, спорот со Грција беше далеку од решение и големото мнозинството во општеството сигурно ги делеше овие и слични сентименти, кои, како што се покажа подоцна, не одиграа пресудна улога, освен што го забавија и докомпликуваа решавањето на прашањето за името. Како искусен човек и дипломат, тој е свесен дека меѓународната политика има свои закономерности, па запишал : „Не знам дали моите аргументи ќе бидат достаточни, зашто не сум историчар… или „ова не наука туку размисли на слободен, загрижен човек…па макар се грешело…“
Денес нема толерантна дебата, која му беше својствена на Коле. Всушност нема никаква дебата. Има само обвинувања. Кај мнозинството граѓани, како секогаш и секаде кога има загрозување или луѓето мислат дека има, националистичките сентименти од убедување се силни.
Но, кај нас има и преќутен политички договор на добар дел од образованата елита, чиј команден центар е опозициската партија, да се компромитира Охридскиот, Преспанскиот и Францускиот договор, со изговор дека се „диктати”. Оваа организирана структура го окупира јавниот простор и не дава „пиле да прелета”. Секој поинаков глас е „предавнички”, владината политика „квинслишка”, a историскиот волунтаризам – одбранбен бедем.
Ќе се навратам одново на “Болно племе” за да укажам на погрешната стратегија на парламентарната опозиција и нејзините поддржувачи, дека националното достоинство се брани со историски волунтаризам.
Жестоко критикувајќи ја новата “диктатура на антикомунистички заговор” чиј носител беше ВМРО-ДПМНЕ, тој пишува: “Се закани сериозна опасност, дека заедно со отфрлање на комунизмот, ќе биде доведен во прашање опстанокот на држава и дека ќе се возобнови оспорувањето на нацијата…Во овој антикомунизам се беше измешало сè: волунтаризам во толкување на историјата, анти-еуфорија, игноранција, примитивизам и над сè енормна глад за власт, која се инструментализира како порив за одмазда…”
Чашуле пишува дека “Комунистите, беа првите (и единствените) кои го осмислија (остварија) новиот историски контекст на борбата, на востанието; беа оние кои ги дадоа најскапите жртви, беа најмачени во полициските участоци, мачилишта, затвори, логори; беа оние кои без зазор се жртвуваа, умираа млади на бесилките и на стрелиштата, во отворената вооружена сфатка: Ни трага од граѓански отпор, цивилно граѓанско движење против окупацијата. Оттука и неизбежниот извод дека главен непријател на антимакедонските заговори, пред се и над се, се токму востанието, НОБ, борците за афирмација на македонската нација, јазик и култура а не нивниот (каков-таков) комунизам” (Болно племе)
Не знам што би им рекол Коле на македонските националисти со прикриена политичка програма, кои до вчера се перчеа со својот анти-комунизам, за “диктатот” на земјите на ЕУ (т.н.р. Француски предлог) за паралелно решавање на отворените прашања со Бугарија и водење пристапни преговори за членство во ЕУ, под услов правата на бугарското малцинство во земјата да добијат уставна гаранција? Но, знам што напишал во “Болно племе”, пред 22 години. На прашањето што си го поставува, како да се помириме со нашето и на револуционерите од Илинденското востание, трауматично “двојство”, тој вели: “Првиот начин е прифаќање на врховизмот како дел од историјата на ослободителната борба, за разлика од признавањето во званичната, селектирана историја, само на “левицата”. “Дилемите, вели натаму Чашуле, на македонските револуционери во минатото, кои од една или друга причина и мотив се определувале за отклон од вистинските стратешки цели и интереси на Македонија, за врховизам, за зависност од велико-бугарската (великосрпската) државна политика и интереси, та дури и за конфронтација со интересите на сопствениот народ, далеку се поиндикативни за вистинската сложеност на македонската ослободителна борба. Нивните дилеми, определби и поревања, трагичните за Македонија изводи од нив, говорат далеку појасно, поимпресивно, позадлабочено за вистинската (со заумност) сложеност на македонското прашање, одошто идеализмот и праволинејноста на јунаците и жртвите”.
“Вториот извод, е признавање дека нашето видување за нацијата не се совпаѓа ниту со видувањата на другите, да речеме светските политички фактори и историја…” Во продолжение, како пример го наведува Информбирото од 1948 и неговите последици за македонско-бугарските односи, дека на овој историски момент претходи политика од Димитровскиот период која ја призна македонската нација, јазик и култура и прифати да се изврши присоединување на Пиринска Македонија со стратешка и тактичка надеж дека дневната, блиска, разгранета соработка, комуникација и отворената граница ќе овозможат, и покрај поразот на великобугарските претензии, трајно присуство на бугарскиот (великобугарскиот) фактор во иднината на македонската држава и нација“ пишува Чашуле.
Меѓутоа, вели понатаму Чашуле, „Информбирото го уништува овој проект, така што понатаму македонската еманципација мора да се потпира исклучиво врз сопствени сили, со правење отстапки и концесии“. На крајот, тој заклучува дека „сите овие околности, уште еднаш, но и засекогаш, го престројуваат македонското прашање – и во свеста на Бугарија и во нејзината државна политика, но што е најважно во свеста и политиката на повоена Европа и светот од планот на борба за обединување на бугарскиот народ во комплекс на меѓудржавни односи меѓу две суверени држави… Од планот на обединување на бугарскиот народ во комплекс на меѓудржавни односи меѓу Македонија и Бугарија”.
Па, нека повелат сите оние кои не прифаќале „странски диктати” и затоа нема да гласале за уставните права за бугарското малцинство, да прочитаат што пишува еден од основоположниците на македонскиот јазик и литература, патриот и дури во еден момент националист по сентимент, пред 22 години. Дека сме имале заедничка историја со Бугарија и дека нашата званична и селектирана историска мисла не се совпаѓа со светската. Дека по војната се работело на проект на приближување на луѓето од двете страни на границата, дури по цена на влегување на “врховизмот”, но дека, по пропаѓањето на тој проект, борбата за обединување на бугарскиот народ се престројува во однос меѓу две суверени држави. Уште ова, за да биде појасно: ќе се еманципираме сами, со правење “отстапки и концесии”, омрзнатите поими на денешната парламентарна опозиција и нејзините инспиратори и поддржувачи.
Нека повелат, нека го прогласат го Коле Чашуле за предавник на националната кауза! Во одбивањето на опозицијата и нејзините поддржувачи од редот на интелектуалците, нема политика туку има порив за одмазда, да се послужам со зборовите на Чашуле, кон западните демократии и „домашните предавници” и„“квислинзи” – како што ги нарекуваат во јавните дебати. Порив за одмазда што не им е дозволено колку што сакаат, отворено или прикриено да ги злоупотребуваат изворните грижи на граѓаните против сонародниците од другите националности, зашто така расте политичкиот рејтинг. Порив за одмазда затоа што ги вразумија дека “Голема Македонија” е еднакво на војна со Грција и што не им дозволуваат да ја доведат во прашање безбедноста на Европа и да отворат ново жариште на конфликт на Балканот. Порив за одмазда што мораат да се соочат со нивниот историски волунтаризам – дека немаме ништо заедничко со Бугарите. Таман работа да сме немале ништо заедничко со “славните херои на Крушевската република”.
Се разбира дека постои силен бугарски национализам кој би сакал да го сврти тркалото на историјата назад и ќе го прави тоа секогаш кога ќе му се даде прилика. Тој национализам, внесувањето на бугарското малцинство во уставот, веројатно го гледа како прилика. Но, по мое мислење, во еден широк сојуз на демократии, нашите шанси за автентично подадена рака од страна на Бугарија и за афирмација на нашата нацијата и јазик се поголеми. Во спротивно не знам, што да очекуваме? Зошто некој граѓанин воопшто би бил лојален на држава која не му пружа можности за безбеден и пристоен живот? Why do you love your country? Because it’s lovely!
Нема наивност во овие зборови, бидејќи точно знам што му се врти во главата на националистот. Дека е уште подобро, ако е полошо. Дека, фино на маса, санитарно чисто ќе се договориме за поделба на територии и размена на население. Таа идеја е уште жива, кога слушам како секој ден во медиумите се подбуцнува дека некој друг е газда во куќата, а не ние Македонците. Бијат воените барабани, гледам дека веќе нема граници, кога водачот на парламентарната опозиција си дозволува без аргументи и без одговорност, јавно и без аргументи да го обвини министерот за надворешни работи дека води политика во интерес на соседна држава! Еј, свесни ли сте што правите?
Кога денес би можела да го сретнам Коле Чашуле, би му се извинила за насловот на мојот осврт “Митот за анти-македонскиот заговор”. Каков мит, тој заговор постои, само што протагонистите не се големите сили, туку се тука, меѓу нас.
(Преземено од СМК)