Опозициската партија ВМРО ДПМНЕ е длабоко поделено одвнатре, без коалициски капацитет, отуѓена од потребата да има јасна визија за општеството и со никаков меѓународен углед, па се обидува политичките процеси да ги гледа како очаен и банкротиран коцкар – само уште една рака, уште едни избори, сега секако ќе имам среќа…
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Партијата без идеја што да прави со Македонија и со себе во неа најави дека сака избори и тоа веднаш. Не одговара, се разбира, никогаш како би ја бранела независноста и границите на Македонија и со кого! Кои се економските партнери на земјава и каде би ги барала. Впрочем, Антонијо Милошоски, едно време министер за надворешни работи проба нешто да „работи“ со земји со кои Западот не комуницираше, демек со Сирија и со Казахстан, ако не се лажам. Од Сирија добивме бегалци со кои светот ништо не знае што да прави а од Казахстан добивме понуда да испраќаме градежни работници кои таму буквално беа претворени во робови. На тоа никако не одговаравме, најмалку Милошоски.
Како партија тие 11 години по ред беа само потрошувачки креирани од лукративни инстинкти на лидерите и без јасна визија кој и како би ги враќал нивните кредити.
НОВО ДЕЛЕЊЕ Но затоа, кога и покрај сите застрашувачки методи кои ги применуваа на изборите, за прв пат во декември 2016 година почувствуваа дека ја губат власта, тие пробаа да инсценираат немири, да го будат најлошиот национализам кај македонскиот народ и да бараат: избори, та избори. Единствената идеја е дека мора да се вратат на власта, однесувајќи се како коцкар кој имал лоша вечер со картите, ама постојано и постојано бара „ново делење“.
Во мигот кога се наоѓа на дното на бунарот на својата судбина, тој се однесува како пијан морнар кој го бара својот брод на спасот среде некоја пустина, во која влегол без било каков компас и политички резерви.
Ориентција во оваа партија е дека не признаваат се; што се случуваше во последните две години, кога тие со улични средства и со обид за пуч во земјата се обидоа да не ја предадат власта и тоа го правеа првите седум месеци во 2017 година. До сега оваа власт имаше практично само 15 месеци, кога требаше да ја стабилизира економијата, да започне реформи во земјата и конечно да ја урне најголемата бариера во позицијата на земјата – да го реши спорот со соседна Грција, како услов да се зачекори понатаму. „Да кинисаме конечно“, како што напиша една коментаторка на својот Фејсбук профил. При тоа, условите за економските чекори беа ужасни, корупцијата на системот комплетна, притисокот однадвор да не се чепка во кадрите на претходниците по ширина и длабочина беа јасни иако најчесто контрапродуктивни … Силни беа отпорите кон тоа да се направи било каков напредок во земјава и во преговорите со грчките политичари.
НЕМА НОВ ПРОЗОРЕЦ Отпорите се силни затоа што тие не се рационални и не постои зад нив никаква идеолошка матрица која би отворила нов прозорец за нацијата. Затоа истиот заврши со неколку дузини „борци“ кои дремеа на студот пред Парламентот, на крајот непридружувани од ниту една релевантна политичка дружина. За најголемата партија во опозицијата и да не говориме. Излудени од внатрешниот кадровски егзил, од повлекувањето на донаторите, од заминувањето на парите кои одлетаа и со нивниот почесен претседател Груевски, тие се доведоа до тоа новиот шеф да чита говори кои или се поставени на идиот машина или некој му ги напишал, ама тој може да чита само ако говорницата под него, така вели, е стабилна. Впрочем, најтешки се бесмислените говори – телевизиите ги исполнуваа до бесконечност неговите услови за настап ама неговите настапи никогаш немаа мотивациска енергија, таа не извира од секого, особено од оној кој остана на крајот на распадот на пирамидалната штедилница наречена вмроовско владеење.
Таа врвушка, поставена во политичкото ткиво како расклатен заб во парадентична вилица, постојано се спушта на ниското ниво на агресивната реторика, небаре таа лага за својата величина некого ќе исплаши, па и нивните политички противници. Играта „ва банк“, тој коцкарски манир, најверојатно стигнува од интернетските аули на будимпештанските играчници: Груевски се држи до таа реторика како слепец за белиот стап, барем колку да извлече нешто од кусурот, останат на некое непознато конто дома. Нему, кој можеби не е многу поумен од Мицковски, но само е малку поитар, му е јасно дека постои силна ерозија на оние кои на него воопшто ќе сакаат да се сеќаваат и дека судските процеси ќе се завршат и тој на вратот нема да има еден, туку многу изгубени спорови а неговото криминално досие ќе станува негов најтежок сопатник. Груевски знае дека има се уште има бројни тајни поддржувачи со добри државни плати (гледаме дека Царината е најдобар доказ за тоа), дека додека тие не се чепнат ќе има обожувачи кои ќе се осмелат да прават некакви излети од своите професионални обврски. Исто така знае дека ДИК, на некој начин и ААВМУ, со прифатеното одложено дејствие на нсеменливост до мај годинава (прифатени се старите кадри се до крајот на претседателските избори), што би рекол Фрчковски „види богати“, прашање е дали ќе имаме и Антикорупциска комисија а да не говориме за нов и среден изборачки список… па зошто да не се искористат сите тие поволсности, кои толку потсетуваат на старите времиња, додека постојат. Оној кој ги следи тв програмите веројатно ќе го види опортунизмот и сентиментот на најголем дел на тв студијата кон старите политики, па се’ на се’ дури и на Мицковски му е нешто јасно: подобро да се натпреварува оваа зима, отколку напролет или летоска на посебни парламентарни избори, да не говориме за 2020 година, кога некои компаративни предности сепак ги поседува.
ПРЕСПАНСКИ ЕФЕКТИ Истовремено ефектите на Преспанскиот договор, лека-полека ќе носат се повеќе прифатливост меѓу граѓаните, кои „можеби чувствуваат во себе горчина“ во овој миг, како што вели Заев, ама полека ќе ја разберат суштината на промената: Северна Македонија не е замена за Република Македонија, туку за ПЈРМ. Впрочем, оние кои во 1993 година сметаа дека Глигоров и неговите ја предале македонската идеја со влезот во ОН со фантомското име Поранешна Југоловенска Република Македонија, сега не сваќаат дека не сме ни можеле да се вратиме, да речеме, во 1991 година и да си бираме име како да се работи за селектирање на пиперки на пазар, туку дека најнапред треба да ја примениме балканската стварност и тука да се обидеме да ги промениме регионалнитре политики, за што деновиве пишуваше Денко Малески. Случајност е што на една страна го имаме Ципрас, со неговата релативна моќ дома и со своите искрени левичарски погледи на работите и левичарска партија кај нас со ентузијастички визии дури да се прават компромиси а да не се стои во место.
Невидливата визија за земјава на Мицковски впрочем има пред себе политички избори, тоа се претседателските, кои за него се и онака лузерски. Коцкарската опсервација сепак тие избори не ги прифаќа како доволен предизвик: тој би сакал целиот ризик да го стави на маса. Па што биде, нека биде.