ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Инсистирањето да се пишува за случајот „Поткуп“, барем кога станува збор за „Утрински весник“, беше во значителна мерка побитно од објавувањето на таканаречените „бомби“. За „бомбите“ се пишуваше онолку колку да се каже дека нешто е напишано, а имињата на Никола, Сашо, Гордана, Зоки и другите ликови на режимот не се спомнуваа, оти, нели, не беше „научно докажано“ дека тоа се нивните гласови
Инспирација за овој текст ми дојде по изречената ослободителна пресуда за Зоран Заев, кој пред повеќе од три години, како лидер на СДСМ, се најде на удар на режимот, особено откако започна со објавување на таканаречените „бомби“. Од незаконски снимените телефонски разговори се уверивме дека сме биле предмет на прислушување, а разбравме и каква ни била власта која, пак, и во такви моменти не престана со монтирања на случаи и со нарачки на новинарски спинови од текстови и прилози.
Имено, со објавување на аферата „Поткуп“, ( за која јавноста разбра од самиот Заев, бидејќи тој најдобро знаел дека бил предмет на „обработка“ на полицијата и на Обвинителството), се наметна потреба од силна медиумска кампања со која требаше да се покаже дека тој како човек е подмитлив, дека корупцијата не му е туѓа, дека се работи за криминогена личност……
Инсистирањето да се пишува за случајот „Поткуп“, барем кога станува збор за „Утрински весник“, беше во значителна мерка побитно од објавувањето на таканаречените „бомби“. За „бомбите“ се пишуваше онолку колку да се каже дека нешто е напишано, а имињата на Никола, Сашо, Гордана, Зоки и другите ликови на режимот не се спомнуваа, оти, нели, не беше „научно докажано“ дека тоа се нивните гласови, но затоа, пак, тогашната главна уредничка, Соња Крамарска, инсистираше на текстови за Заев и за случајот „Поткуп“.
Некаде кон крајот на март 2015 година бев повикан од Соња Крамарска, да дојдам во нејзината канцеларија. Од врата ме праша дали сум го прочитал денешниот „Дневник“. Не сакав да бидам дрзок или безбразен па да и кажам дека „Дневник“ веќе никој не го ни погледува, а не, пак, да го чита и затоа и одговорив дека се уште не сум го отворил весникот. Таа ми го принесе весникот отворен и ми посочи еден текст каде што некоја новинарка ли, докторантка по право ли, спинерка ли, напишала (или потпишала) текст во којшто тврди дека Заев „до мај ќе биде правосилно осуден и ќе оди во затвор“, а со тоа и ќе заврши агонијата на власта со објавата на „бомбите“.
Текстот го исчитав и можам слободно да кажам дека нешто поглупаво немав одамна прочитано. Немав дилеми дека текстот е напишан во партискиот штаб и тој, како целина, претставуваше само пуста желба на режимот. Во текстот се тврдеше дека истрагата за Заев ќе заврши во март, во април ќе биде неправосилно осуден, а веќе во мај пресудата ќе му биде потврдена и тој ќе биде испратен на издржување на затворска казна?! Тешка ступидарија!
Од мене беше побрано да напишам нешто слично на таа глупост, а јас, нормално, одбив. На Крамарска и кажав дека од искуство можам да потврдам дека случајот „Поткуп“ ми личи на класична местенка, а потоа и објаснив дека до мај не може ни истрагата да се заврши, а не, пак, да има правосилна пресуда. На ова ми беше кажано дека авторката на текстот е „добра новинарка и правничка“ и дека „не треба толку да се занесувам“. Залудно се обидував да објаснам дека тоа така не оди, ама и јас наивен, оти никако не ми текнуваше дека се работи за нарачка.
Можеби уште долго време ќе ми требаше да ги сфатам и поврзам работите, ама се појави разговорот помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протуѓер каде таа му кажува: „Со ‘Утрински’ нема проблеми. Таму е Соња. Таа најубаво си пишува!“. Со разговорот се сетив и на интервјуто што Соња Крамарска го направи со Јанкулоска и кое стана репер за тоа како не треба да се прави интервју, но да бидам до крај искрен ќе кажам и тоа дека само нејзе и успеа да „состави“ интервју со истата таа Јанкулоска и тоа од прашања што јавно и ги поставуваа други новинари.
Финале на оваа „вистинска приказна“ секако не е казната од 10 отсто на плата поради тоа што сум „одбил работна задача“, туку дека одбив нарачка од режимот на Груевски. Меракот е во тоа што судот потврди дека сум бил во право, а Соња Крамарска…..Е таа сега работи во Министерството за одбрана. Велат дека од режимски послушник се трансформирала во експерт за безбедносни прашања?! Шузнам?!