АНА ЧУПЕСКА
Обединувањето, мили мои, е исклучиво остварливо само ако овозможи и осигура за граѓаните дека нема да има упад во демократските институции, дека ќе нема нови авторитарни епизоди, и доколку се понуди вистински обединувачки план и решение за европскката перспектива на земјата. Во спротивно е верглање во место.
Интересна е, како и секогаш, македонската политичка сцена. Сега под доминација на премиерот, кој се обидува да диктира темпо.
Нека.
Па така, точно во предвечерието на посетата на Урсула, не случајно, во највисокото извршно својство, тој фрли божем ракавица, божем подаде рака, т.е. постави еден многу сериозен предизвик пред сите нас.
Повика на обединување. По помилувањето, обединување?
Звучно “благородната” порака што ја упати до граѓаните и до опозиција, се разбира, потпомогнат од своето “помошно тркалце” во МАНУ (повторно се става во улога на демократска декорација), во суштина е многу амбивалентна и непрецизна.
Можеби, дури и тенденциозна. Проценете сами
Имено, не е јасно околу што треба да се обедини(ме) ?
- Дали, околу нормализацијата на криминалиците и нивното безочно пуштање на слобода, а согласно последните одлуки за Помилување од Претседателката која згора на се даде и многу “чудна” изјава по овој повод …
- Или да се обединиме околу тековната рапидна партизација на институциите?!
- Или, можеби, околу систематското и злонамерно декапацитирање на безбедносните служби (на линија на конгрегација на сите служби во една, плус противзаконското именување на Христовски за шеф на Агенцијата за национална безбедност)?
- Дали треба да се обединиме околу намалувањето на платите, наместо еволутивното нивно зголемување?
Да се обединиме ли за уште поголем раст на јавниот долг и консеквентно должничко ропство?
- Да се обединиме за уште поголема зависност од увозот на струјата?!
- Или да се обединиме за загрижувачиот паралелизам во институциите – поделени се институциите и политиките меѓу коалициските партнери во власта: од академии, до различни делегации. На пример, едни се задолжени за српска , а други за косовска врска?! Замислете, три засебни делегации имаше во ООН веројатно и со засебни агенди; засебни академии; засебни прослави на државни празници; паралелизмот е пуштен на најјако, мили мои.
Конечно, за какво обедининување станува збор? Околу стоење во место? Или за евидентното и резолутно демократско назадување?
Убедена сум дека граѓаните се веќе обединети во својата намера да зачекорат посигурно на европскиот пат. Бидејќи, европскиот пат е истовремено и демократски пат.
Вистина, многу е благородна идејата за обединување, но, не сум сигурна дека ова е суштински повик. Се чини дека на “фрлената ракавица” и фалат прсти.
Обединувањето, мили мои, е исклучиво остварливо само ако овозможи и осигура за граѓаните дека нема да има упад во демократските институции, дека ќе нема нови авторитарни епизоди, и доколку се понуди вистински обединувачки план и решение за европскката перспектива на земјата. Во спротивно е верглање во место.
Кога ова ќе осигура, секако дека обединувањето само по себе ќе дојде и без да има вакви популистички вратоломни трикови за фрлање на ракавици без прсти.