Земјата изгледа дури и идилично откако снегот ги покри сметовите од секаков вид. Тоа ќе тра се до првата целосна работна недела
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Корупција во земјата секако дека имало и ќе има и покрај присуството или отсуството на Антикорупциска комисија, тема од последните насловни станици. Има доволно институции кои ги можат да ги откријат матните работи и од тоа надлежните да поведат истрага, кршењата на законот да излезат пред судиите, виновните да се најдат зад решетки а имотот кој незаконито е штетен да се врати онаму каде е одземен.
Како е ова идилично, особено кога луѓето едни кон други си упатуваат желби и честитки и кога низ прозорецот светот изгледа онака побел, почист. Се покриваат за ден, два сите валканици кои во земјата ги има толку многу што реално не можат да ги покријат ниту некои сибирски сметови што со недели и месеци би ја оковале земјава.
На прв поглед се чини дека организираната држава во ова постгруевистичко доба се труди да не создава атмосфера на осветничка хистерија и дека е подобро да се гледа промена во функционирањето на правната држава, со сите нејзини „усули“, отколку да се поведе акција која би значела „сечење на главите на кнезовите“. Некаде настаните последните месеци дури даваа „зелено светло“ за таквиот приод на функционирањето на правната држава, за што како виновници обично во народот се посочуваа странците, кои наводно притискале новата Влада да не се претвори во осветничка фурија која би го полнела Идризово! И фактот што се даде широка амнестија пред многу месеци за поситните криминалци личеше, впрочем, дека се создава место таму да влезат посериозни личности. А не дека ги немаше во судовите токму таквите персони.
Поранешниот премиер Никола Груевски се најде во судот по низа предмети, некои од нив врзан со непосредна имотна корист, Со него се најде и екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев и да не говориме. Дури затворениците во истражниот затвор наводно цели ноќи не им давале да спијат на нивните нови соседи во егзалтација дека ете, ниту најкрупните „риби“, не се изземени во борбата со криминалот и недозволените дејствија. Тие нови соседи, сега осомничени во корупциски афери Империја, Талир, Траекторија, Маѓар Телеком и Актор од медиумите беа во надлежност на СЈО, институција со најголема доверба во земјата, според анктетите кои се правеа а кои на „трите осветнички“ секогаш им даваа голема доверба. Според СЈО, се испрале пари или се оштетил буџетот на Македонија за најмалку 216 милиони евра, ако се соберат бројките за сите поведени случаи и не се исклучува бројката да расте. Јасно, обвинителствата во принцип се фаќаат за она што може полесно да се докаже, колку и да е тоа само врвот на ледениот брег, бидејќи не е секогаш лесно во покус рок да копаш во случаи кои имаат повеќе слоеви по себе. Се смета дека е добро виновниците да се најдат зад решетки а дека додека тие се таму, зад сигурноста на бравите останатото ќе излезе на виделина. Таков како да беше и случајот со претходниот премиер, кога беше правосилно осуден, со употреба на сите можни трикопви за одложување, сепак доби правосилна пресуда и решение за одење во затвор. Но, токму бегството на експремиерот Груевски во Унгарија, кај неговиот идеолошки колега Орбан, едноставно сето тоа го поремети. Се покажа дека политичкиот криминал кај нас има доволно пари, идеолошки јатаци и врски за да побегне и дека во тоа им помага методот „покроце“ кој ни беше советуван однадвор. Методот бил добар за постудиозно да се спреми нечија „кидавела“.
Навистина, судењата по овој основ не се преинати – Империја и Актор се уште се во фаза на истрага, за Талир неодамна беше поднесено обвинение, за случајот Маѓар Телеком првото судење е закажано во јануари, откако СЈО го презема предметот, а судењето за Траекторија трае 10 месеци. И во нив знаеме дека се најзвучните имиња во земјава..
На шокирање на јавноста поголем дел од нив се пуштени дома, во домашен притвор и тоа без оние алки кои ни ги наложува меѓунродната судска практика.
Во годината што е зад нас Управата за финансиска полиција исто така беше често споменувана. Според зборовите на Арафат Муареми. директорот на Управата во 2018 година, институцијата поднела вкупно 74 кривични пријави за дела со кои е нанесена штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 3 милијарди денари. Ова е значително повеќе во споредба со 2016 година кога била поднесена 41 кривична пријава со што е нанесена штета на Буџетот на РМ во износ од 293 милиони денари.
Многу други истраги и докази се уште се под капакот на полииката. Неодамна, на еден собир во Струга се отвори дискусија за наодот на државниот ревизор во посетата на Државниот универзитет во Тетово. Кога човек ќе го прочита овој документ веднаш се прашува како после тие наоди ништо не се случува?! Зошто министерот за образование, на пример, не свика веднаш прес конференција или деканот на ДУТ не даде отставка. Не треба да му ја бараат неговите студенти, во неодамнешните протести (се чини изнудени и со претходно започнатите протести на студентите во Тирана!) – наодот на ДЗР е доволен да го повелече тој потег! И кога е Маѓар телеком во прашање односно сега македонскиот Телеком, како работите да стојат во место. Само новите членови од оваа власт си ги земаат мирно високите надоместоци во органите на компанијата и се си тече по старо.
И во во двата наведени случаи, ДУТ и Телекомот, допрен е силно интересот на една од партиите во коалицијата – ДУИ, а неодамна нејзиниот претседател јасно кажа дека нашиот напредок (кон евроинтеграциите!) го спречуваат официјални институции.
„Верувам дека ова прашање со право си го поставуваме сите, затоа што Република Македонија досега има многу лоша статистика на тоа дека досега немаме ефективно пресудени високи случаи на корупција и таму каде што имало ефективна судска осуда, таа била укината во една или друга постапка. Всушност, се покажува дека нашите политичари и лицата коишто се блиски до политиката и носителите на власта се недопирливи за законот“, вели претседателката на Транспаренси Интернешенел во Македонија, Слаѓана Тасева за РСЕ. Не мора да има директна врска со наведените случаи, ама сепак е дел од општата слика која таа ја опишува.
Да додадеме дека – кога сме кај Тасева – таа наведува дека Основното обвинителство е тоа кое се уште е премногу селективно и дека се забележува дека истото е обременето со кадровска неекипираност, лошите капацитети и услови за работа. За Тасева проблем е и големата поводиливост и политизација на самата институција затоа што гледаме дека обвинителството работи многу селективно. Значи ние имаме системски проблем. Главната пречка е обвинителството, ако предметот еднаш влезе во судница тогаш таму ќе тече постапката и ќе се видат доказите – вели таа.
Секако дека и медиумите, да не ги заборавиме и нив, многу пати, речиси секоја недела, откриваат макар еден случај кој значи дека обвинителството навистина би имало полни раце работа. Да се сетиме на последната анализа на една скопска телевизија која откри лажни податоци кај пријавата на имот на пратениците. Медиумот ги зема да ги слика нивните автомобили кои ги возат. На списокот во Антикорупциска се некои „кршеви“ а на улица сите се возат во најнови марки на овие „најдобри пријатели на функционерот“.
Општеството има многу, да ги наречеме така- инструменти за да ја открива корупцијата, но очевидно е дека ниту политиката а ниту правосудните органи не ни се се’ уште во форма. Поединечно а можеби и во симбиоза.