AЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ
Преоптеретени со хиперматеријална култура на западот, нашите полуинтелектуалци од високата средна класа, се индоктринирани со некакви „големи мисли“ произведени од суровиот и антихуман неолиберализам, а кои, всушност, не се ништо друго освен скудоумен комплот од идеолошки догми за американскиот сон и за капиталистичката квазислобода
Ништо не е победно и повеќе вредно за презир од нашите елитни малограѓански снобови.
Постсоцијалистичката состојба на економска, социјална, образовна и морална инволуција и пореметеност, кај нас произведе безмерно многу ситни души и ограничени мозоци сред новоформираната буржоаска средната класа. Тие се оние полуинтелектуалци околу нас кои со неолибералната мерканталистичка и вулгарна филозофија на живеење и мислење, агресивно го напаѓаат персоналниот идентитет на сите околу нив. Оние болно нарцисоидни безрбетни полжави кои сопственото банално преживување, или лигаво живеење на ниво на задоволување на основните животински инстикти, го издигнале во врвна егзистенцијална цел на универзумот.
Преоптеретени со хиперматеријална култура на западот, нашите полуинтелектуалци од високата средна класа, се индоктринирани со некакви „големи мисли“ произведени од суровиот и антихуман неолиберализам, а кои, всушност, не се ништо друго освен скудоумен комплот од идеолошки догми за американскиот сон и за капиталистичката квазислобода. Наместо вистинољубиво, хумано, јасно, едноставно, доследно и чесно гледање на нештата и настаните, денешниот наш малограѓански полуинтелектуалец од високата средна класа е нејасен, непотребно комплициран, превртлив, раскалашен и злобен во однесувањето и конфузен и површен во мислите и ставовите. Нашите полуинтелектуалци од високата средна класа спечалиле тука-таму некакво знаење, кое е смеса од површности и искривоколчени сознанија за нештата околу нас и во нас, па редовно одат во крајности и папагалски ги повторуваат фразите и „вистините“ кои лешинарска неоколонијална пропаганда непрестано ги произведува преку плиткоумните медиуми, конзумирачката култура, подмитената наука, корумпираната религија…
Овие полуинтелектуалци од високата средна класа, се самоперцепираат како културна елита, па снобовски меѓусебно се дружат, меѓусебно се самофалат, меѓусебно малограѓански се глодаат и оговараат и меѓусебно се лажат и крадат. Сите доред се со никакви таленти и знаење, празна свест и мртва совест, ама, многу често, врз основа на семејно добиените наследни богатства и професионални положби, „успеваат“ да се дозбогатат и – дооглупават. Имено, нивната лакомоста, исто како и нивната глупост, па таквите особини, заедно со нивната целосно изместена и пореметена аксиолошка скала, многу често, ги водат овие наши „елитни“ сезнајковци во криминал и декаденција. И затоа, нив често можете да ги сретнете во повисоките ешалони на политичките партии. Тука нивната „способност“ за денунцијации и сплеткарења особено доаѓа до израз. Токму тие, често се „најснаодливите“ кои секогаш успеваат. Тие се оние кои редовно во последен момент, успеваат „да го променат дресот“ во кој играат и да го „облечат дресот“ на победникот. Секако, цената која ја „плаќаат“ во вид на ползење, коленичење, понижување пред партискиот лидер, или неколкуте врвни партиски функционери, нив воопшто не им смета и не ги загрижува, бидејќи нив единствено ги интересира профитот, а фактот дека за сите други тоа е полтронско губење на достоинството, нив воопшто не им пречи оти тие такво нешто не поседуваат и, сосема нормално, не може да го загубат. Затоа, никој умен не би смеел да биде изненаден што овие празноглавци успеваат да се претворат во „ѕвезди“ на политичката или културната естрада, но секој нормален треба да ги презира и избегнува.
Во време во кое не зафати бела чума, време во кое мнозинството е робовски експлоатирано, во време во кое многумина се рудари по контењерите или, едвај, врзуваат крај со крај во месецот, во време кога широко е распространета духовна мизерија, во време кога луѓето имаат илјада лица и ги кријат со маски, во време на изразита интелектуална плиткост, во време на клерофашистички вредности, во време на здравствени катаклизми, рамнодушно и немо да се гледаат нашите македонските полуинтелектуалците од високата средна класа е рамно на интелектуално предавство и ментален мазохизам. Наспроти тоа, човек треба со нив да се бори и гласно за нив да зборува, треба да се обиде да ги разголи овие ментални и морални инвалиди, кои како некаков страшно инвазивен карцином го разјадуваат здравото, креативно и плодоносно, човечко ткиво, а сè со цел да се изолираат во карантин за опасни болести и да се отстрани нивното погубно влијание.