Директорот на Оперативно-техничката агенција (ОТА), Зоран Ангеловски, во интервју за „360 степени“ на ТВ „Алсат“.говореше за низа аспекти од прислушкувањето на телефоните во земјава

Директорот на ОТА, Зоран Ангеловски, не одговори директно дали освен сигналот од телефонот од операторот, институцијата со која раководи може да обезбеди следење на комуникациите на интернет. преку Вибер, Ватсап, Сигнал и слични алатки, но рече дека законска обврска на ОТА е да обезбеди следење на комуникации согласно Законот што подразбира следење на секаков тип комуникации
Жолтите комбиња се повеќе мит отколку реалност, а можноста да постојат парасистеми за прислушување во станови е еквивалентна на можноста во станови во Скопје да се прави операција на отворено срце или да се пресадува срце, рече директорот на Оперативно-техничката агенција (ОТА), Зоран Ангеловски, во интервју за „360 степени“ на ТВ „Алсат“. ОТА е институцијата во која, по распуштањето на УБК, се пресели опремата за следење на комуникациите.
Според Ангеловски, приказните за жолти комбиња со кои се прислушкува се веројатно производ на фасцинацијата на јавноста со сите случувања во минатото и смета дека ова ќе биде вечна тема за која ќе се зборува постојано, но уверува дека „во моментов такви комбиња во Македонија не постојат“.
„Тој тип на опрема е многу тешко да се набави, прилично е скапа. Второ, подразбира учество на голем број на лица во целиот процес. Не може да претпоставиме дека еден човек или двајца со комбето ќе можат да направат некаков пристап до системи и да следат. Се работи за т.н оперативна акција во која учествуваат повеќе чинители, повеќе оперативци, аналитичари и репродуцери“, вели Ангеловски.
Директорот додава дека бројот на лица кои би биле инволвирани во една таква операција е прилично голем, дека воопшто не е едноставна за организација и дека со себе носи големи ризици рече Ангеловски.
Тој не одговори директно дали освен сигналот од телефонот од операторот, ОТА може да обезбеди следење на комуникациите на интернет преку Вибер, Ватсап, Сигнал и слични алатки, но рече дека законска обврска на ОТА е да обезбеди следење на комуникации согласно Законот што подразбира следење на секаков тип комуникации.
Звучеше навистина како невозможна мисија, особено во овие услови, затоа што еден дел од соговорниците постојано велеа – како ќе успеете да ги вклучите сите и сето тоа да се развие, да се направи таа апликација, сите чинители да учествуваат активно во процесот – вели директорот на ОТА, Зоран Ангеловски, за новиот дигитален систем за за создавање, чување, обработка и пренос на класифицирани документи поврзани со иницирање и издавање наредби за прислушување
Новиот дигитален систем за интероперабилност на институциите вклучени во иницирањето, одобрувањето и реализирањето на ПИ-мерката за следење на комуникациите, воспоставен на иницијатива на ОТА, според оценките на НАТО има највисоко ниво на заштита според нивните стандарди, рече во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“, директорот на Оперативно-техничката агенција (ОТА), Зоран Ангеловски. Според него, системот е креиран за да ја олесни работата на полицијата, обвинителството и судството, но и за да ја врати довербата на граѓаните.

„Пред една година имавме посета од експертите на НАТО, кога системот беше првично поставен и тестиран и тие го оценија на ниво на ‘НАТО сикрет’ што е прилично високо ниво на заштита. Во Македонија и регионот не постои систем што е толку добро етаблиран, се работи за последен збор на техниката, прилично софистицирана технологија. Имавме предизвици во развојот, како сето тоа да го имплементираме. Направивме алатка што мислам дека ќе послужи за враќање на довербата во целиот систем. Во исто време сакам да истакнам дека овој систем е одлична база за понатамошна интероперабилност на сите чинители во процесот. Затоа што системот нуди неограничени можности за проширување на капацитетите. Со соодветно аплицирање на други апликации може да се обезбеди интероперабилност за што веќе се разговара со судовивте и обвинителствата. Можеме да им го понудиме како добра база за понатамошна дигитализација на судството и олеснување на работата не само во делот на следење на комуникации туку и во делот на безбедноста на целиот систем“, вели Ангеловски.
На системот почнале да работат пред три години, но детали во јавноста не изнесувале пред да ги добијат сите потврди и сертификати, вели директорот Ангеловски.
„Во оној момент кога се соочивме со сите овие проблеми, хартиена форма, каснење на наредбите и слично, кога решивме да го правиме, звучеше навистина како невозможна мисија. Особено во овие услови, затоа што еден дел од соговорниците постојано велеа – како ќе успеете да ги вклучите сите и сето тоа да се развие, да се направи таа апликација, сите чинители да учествуваат активно во процесот. Вработените во ОТА дадоа максимален придонес. Членовите на работна група, навистина, работеа многу ефикасно и брзо. Треба да имаме предвид дека во неа учествуваа и судии и обвинители кои не секогаш се на располагање, тешко се обезбедува време за ваков тип активности и сето тоа требаше да го составиме со програмери кои ја развиваа апликацијата“, додава Ангеловски.
Тој објаснува дека со новиот систем секоја институција – судот, обвинителството, МВР и останатите што ги користат ПИ-мерките имаат специјална соба во која се наоѓа тастатура и монитор, кои не користат хардвер, туку се врзани на клаудот. Системот е така конципиран што секој корисник има своја картичка која е нонфигурирана за да му даде пристап само во определни зони во системот, потенцира првиот човек на ОТА.
„Секоја од инситуциите има свој сегмент кој е заштитен и никој друг чинител во системот не може да види што се случува во него, вклучително и ОТА. ОТА нема пристап до податоците што се во системот. ОТА има пристап само до дигиталниот запис што доаѓа во форма на судска наредба од Судот. Ова е многу важно зашто следењето на комуникации е жива материја во која технологијата оди многу брзо напред, ние сме во овие четири години во перманенетен ‘апгрејд’, значи мораме да го надградуваме системот за да бидеме во тек со настаните кои се случуваат во телекомуникацискиот сектор. Внесување параметри во системот рачно претставува голем проблем. Ова ни овозможува самата наредба да ја добиеме во дигитлана форма од Судот и ние само ја аплицираме во системот и проверуваме дали тоа работи. Значи, се избегнува човечкиот фактор и во ОТА“, рече директорот на ОТА.
На прашањето дали може во моментов нелегално да се прислушува, Ангеловски потенцираше дека следењето на комуникациите е строго детерминирано. Според него, станува збор за алатка за која се бараат специјални лиценци и дозволи кои не се наоѓаат на отворен пазар.
„Станува збор за еден вид специјално моќно оружје. Опремата за следење на комуникациите не може да се купи на отворен пазар, и не може да ја креирате зашто се работи за високо софистицирана технологија и мал број на инженери знаат како ова функционира“,
додава Ангеловски.
Според Зоран Ангеловски, дигиталниот систем треба целосно ќе ја замени размената на документи поврзани со следењето на комуникациите во хартиена форма со затворени пликоа и курири. Целта е да не постои можност за грешки и злоупотреби
Дигиталниот систем за создавање, чување, обработка и пренос на класифицирани информации поврзани со иницирањето и издавањето наредби за прислушување е веќе функционален, потврди во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“ директорот на Оперативно-техничката агенција (ОТА), Зоран Ангеловски.
Тој систем ја заменува актуелната размена на документи меѓу институциите во хартиена форма со затворени пликоа и курири.
Ангеловски вели дека извесен период чекале на акредитација на системот и дека тој е тестиран во разни околности со сите чинители вклучени во процесот.
„Поминати се соодветни обуки за корисниците да можат на правилен начин да го користат системот. Целта беше целокупниот процес да се дигитализира и да се заокружи една целина затоа што досега недостакот беше тоа што наредбите во ОТА стигаа во писмена форма. Најчесто имавме проблеми со грешки во креирањето на т.н. елај број (LI ID). Со законот е предвидено наредбата да има свој идентификациски број без кој не може да се активира мерката. Тој идентификациски број е, на некој начин, алгоритам. Ние доаѓавме во ситуација да ги доведеме судиите во ситуација да креираат алгоритам кој треба да ги опише сите субјекти во процесот за да може да го добиеме како број поврзник за да може мерката да се активира и тука настануваа грешки“, вели Ангеловски.

Ангеловски потврдува дека сето ова значело губење време, креирање обемна документација, а на терен губење докази.
Системот не е врзан на интернет, а е дигитален.
„Се работи за прв ваков систем направен во Република Македонија. Во фазата кога го замислувавме проектот, како би можеле да го направиме целиот да биде поефикасен и ОТА да биде подигитализирана во делот на целокупниот процес, проектот го однесовме во Брисел, во НАТО. Тука морам да се заблагодарам на соработката во НАТО која произлегува како резултат од нашето членство во Алијансата. Добивме помош од нивните експерти во начинот на кој беше замислен и креиран целиот систем. Тоа е еден ситем во кој нема учество на операторот, значи ова е систем кој не е воопшто поврзан на интернет. Целокупната динамика на вклучување во системот ја контролира ОТА. Тоа е првото ниво на заштита. Има уште неколку нивоа на заштита“, вели тој.
Според Ангеловски, направен е виртуелен простор (облак – клауд) во кој се чуваат сите податоци и сето она што се случува во системот што е многу важно од аспект на надзор и контрола. Првпат во Македонија е импелемтирана крипто-заштита на квантно ниво што е најнов тип од таа техника.
„Целта беше да овозможиме безбедна околина за која речиси и да не постои начин да биде разбиена. Во неа имплементиравме апликација која целиот овој процес, кој се одвива меѓу институции инволвирани во следење комуникации, го олеснува“, рече Ангеловски.
Поедноставено кажано, размена на документи во хартиена форма при иницирање и одобрување на ПИ-мерка за следење на комуникациите веќе нема да има. Системот е развиван заедно со инволвираните институции за да биде комплетно дигитализиран, а со тоа да се избегнат грешките што инаку може да се случат.
„Во апликацијата се поставени сите неопходни алатки што треба да ги имаат чинителите во процесот почнувајќи од законите, ги има сите членови од законот што можат да послужат како основ за активирање на мерката, сите обрасци кои се потребни да се генерираат во целиот процес кои досега се правеа на хартија, сега се исто така ставени во апликацијата. Со еден збор, целиот процес е максимално забрзан и максимално безбеден“, вели тој.

Прашан дали има ризици од злоупотреби, Ангеловски одговори дека се сведени на минимум.
„Злоупотребите во овој ситем се буквално невозможни да се направат, нема начин било што да се промени внатре, сите податоци се крипирани соодветно и нема начин на кој може неовластено да се пристапи до нив. Оттука злоупотребата е речиси невозможна. Она што е најважно за нас во ОТА е дека сето ова многу ги олеснува надзорот и контролата. Ние сме сега во ситуација да ѝ понудиме на парламентарната комисија за надзор врз следење на комуникациите нивниот експерт да може брзо и лесно да пристапи во системот во ОТА и за речиси 15 минути да провери дали е сè во ред, да ги провери сите логови согласно Zаконот за следење на комуникации“, смета Ангеловски.
Инаку, ОТА е една од новоформираните институции со реформата во безбедносно-разузнавачкиот систем и во неа се пресели опремата за следење на комуникациите од расформираната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК).