Препораки за учебниците кај нас и во Бугарија (како и за наведените историски личности) ја имплементираат полиперспективноста како темелна интерпретативна вредност, го почитуваат суверениот пристап на секоја страна и храбро упатуваат на надминување на одредени стереотипи во двете историографии еднакво, во правец на сообразување со современите светски практики
ВАЛЕНТИНО ДИМИТРОВСКИ
Неодамнешната најава на премиерот Мицковски за промени во персоналниот состав на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања (предвидена со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија), по себе не е проблематична, но отсликува загрижувачки интонации, имајќи го предвид неговото образложение што беше изложено како личен став: „Лично ако мене ме прашувате, мислам дека актуелната мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ“. Ставот околу изневерените очекувања од работата на Комисија е субјективна перцепција на премиерот и нема потреба од анализа, затоа што, како и секој друг, тој има право на лични ставови и мислења. Но загрижува интерпретацијата за улогата и задачите на Комисијата, која според него не била „…заштитник на националните интереси на македонскиот народ“. Загрижувачки е во третата деценија од 21-от век да се користат одамна надминати идеолошки образци со кои на Комисијата и се фингира улога (и цели) што потекнува од идеолошко-политичкиот супстрат, а не од базичните принципи на научниот дискурс (историографскиот). А тие базични принципи во секој научен дискурс, особено во историографскиот, се димензионирани како поливалентни, полиперспективни интерпретативни образци базирани на автентични, проверени и на докази засновани и верификувани историски извори. Впрочем, во тој дух беше дефинирана и задачата на мешовитата комисија: „…со цел продлабочување на заемната доверба… да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани (член 8 точка 2 од Договорот). Задача на Комисијата во нејзиното работење (независно од нејзиниот персонален состав) била и треба да е исклучиво имплементирање на овие научни принципи, а не заштита на националните интереси на македонскиот или на бугарскиот народ денес.
Во досегашното работење Комисијата има донесено Препораки за заедничко одбележување на историските личности: Цар Самоил, Свети Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски и Св. Наум Охридски, како и Препораки за учебниците по историја за 5-ти клас во Република Бугарија и за 6-то одделение во Република Северна Македонија.
За Цар Самуил Комисијата констатира дека „…е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самуил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, којашто се споделува од двете современи држави Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Заедничката комисија им предлага на двете влади, во духот на потпишаниот двостран Договор, одбележувањето на цар Самуил да биде знак на споделени вредности и вистинско добрососедство и пријателство“. Доколку се почитува принципот на „објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“, формулацијата за Цар Самоил целосно соодветствува со расположивите историски документи, како и со ставовите на целокупната светска историографија. Доволно е да се консултира која било релевантна светска енциклопедија за оваа историска личност. Еднаква научна акрибија (и почитување на контекстот на епохата во чии рамки дејствувале) е применета и во препораките за Св. Кирил и Методиј: „Мисионерското дело на Светите браќа Кирил и Методиј ги поставува основите на христијанската култура и духовност на словенските народи. Прифаќањето и ширењето на писменоста и преводите на богослужбените книги им овозможува на словенските народи да се запознаат со христијанското учење на разбирлив јазик. Делото на Св. Кирил и Методиј е сочувано и развивано во книжевните центри Преслав и Охрид, кои тогаш се наоѓале на територијата на средновековната бугарска држава, каде што нивните ученици наоѓаат услови за работа. Тоа дава суштествена основа на современите држави Република Северна Македонија и Република Бугарија заеднички да го одбележуваат денот на Св. Кирил и Методиј“. Еднаков објективен научен пристап е применет и во препораката за Св. Климент Охридски:
„Делото на светите браќа Кирил и Методиј е продолжено од нивните ученици, меѓу кои се истакнува личноста на Св. Климент (околу 830-916). По Великоморавската мисија Св. Климент е прифатен во средновековната бугарска држава. Околу 886 г. е испратен од кнез Борис-Михаил во областа Кутмичевица, каде што како просветител и творец ги положува основите на Охридската книжевна школа. Околу 893 г. по наредба на бугарскиот цар Симеон е ракоположен за Велички епископ. Неговата проповед и богослужба се од големо значење за распространувањето и утврдувањето на христијанската писменост и култура.
Преку преводите на богослужбена литература и химнографските творби што ги создал, како и благодарение на неговата учителска дејност, се подготвени многубројни ученици. Тоа го прави една од најважните личности за културата на денешните Република Северна Македонија и Република Бугарија. Сето тоа им дава основа на двете држави да го негуваат споменот за делото на Св. Климент преку заедничко одбележување при соодветни поводи“. Препораката за Св. Наум Охридски дефинира дека: „Делото на светите браќа Кирил и Методиј е продолжено од нивните ученици. Меѓу нив, Св. Наум (околу 830-910) учествувал во Великоморавската мисија, од каде што по смртта на Св. Методиј и прогонувањето на неговите ученици, тој пристигнал во средновековна Бугарија. Тој е еден од основоположниците на Плисковско-Преславската книжевна школа.
Околу 893 г. е испратен од цар Симеон во Охрид, каде што ја продолжува просветителската дејност на Св. Климент во Охридската книжевна школа и гради манастир на брегот на Охридското езеро, којшто денес го носи неговото име. По неговата смрт, култот на Св. Наум се утврдува на териториите на денешните држави Република Северна Македонија, Република Бугарија и соседните земји. Подоцна неговиот култ се распространува и кај дел од муслиманското население. Просветителското дело и придонесот на Св. Наум за развојот на писменоста и културата на Република Северна Македонија и на Република Бугарија, им даваат основа на двете земји да го негуваат споменот за неговото дело, преку заедничко одбележување при соодветни годишнини и јубилеи“. Препораките за сите пет историски личности исклучиво се темелат на внимателно димензионирани интерпретативни обрасци општо прифатени од светската историографија, како и на објективно користење на веќе одамна енциклопедиски елаборираните автентични сведоштва и историски документи за овие личности.
Во истиот дух се димензионирани препораките за учебниците по историја за 5-ти клас во Република Бугарија и за 6-то одделение во Република Северна Македонија што генерално се однесуваат на избегнување на неосновани историографски сугестии за античката историја и недостатоци во историската географија, на надминување на одредени фактографски непрецизности, вклучување на поширокиот регионален контекст, посодржински претставување на историските процеси и создавање на побогата слика за културно-историското наследство во регионот, а воедно, се упатува на извесен историски анахронизам во конструирање на континуитет меѓу две временски оддалечени епохи (античка Македонија и современата македонска држава) или меѓу мисијата на апостол Павле и средновековните црковни структури што постоеле на територијата на денешна Република Северна Македонија.
Препораки за учебниците кај нас и во Бугарија (како и за наведените историски личности) ја имплементираат полиперспективноста како темелна интерпретативна вредност, го почитуваат суверениот пристап на секоја страна и храбро упатуваат на надминување на одредени стереотипи во двете историографии еднакво, во правец на сообразување со современите светски практики. Оттаму, навистина не е јасно на што се должи впечатокот дека Комисијата не ги исполнила очекувањата, а особено ставот дека не била заштитник на националните интереси на Македонскиот народ. Ако за ваков избалансиран пристап, кој недвосмислено би бил поддржан од релевантната светска историографија, се тврди дека не е заштитник на националните интереси, се поставува прашање како Комисијата (независно во каков состав) ќе се справи со периодот од 19-от и првите децении од 20-от век, период во кој се јавуваат националните движења и националните држави на Балканот и пошироко. Затоа што, во тој период историските извори како автентични документи и изворни документарни сведоштва се зголемуваат до невидени размери претходно, а заради нивната автентична изворност истите не може да се занемаруваат, искривуваат или лажираат денес. Токму на таквите историски извори неутралната светска историографија дефинира заеднички настани и личности од тој период (значајни за македонскиот и за бугарскиот народ денес), базирани на изворните сведоштва на патописците и други публицисти од 19-от век, на публикациите од нашите преродбеници, на бројните публикации и на обемната јавна и приватна комуникација на личностите од револуционерната организација, објавувани од крајот на 19-от век и подоцна, како и на обемната литература на светската историографија во 20 век, особено по Втората светска војна. Ставовите на оваа историографија за нашите претци од наведениот период доминантно детектираат сложени идентитетски супстрати компонирани од национални и регионално-територијални слоеви што претставуваат основа за интерпретација на заеднички и споделени вредности и содржини. Доколку се почитува одредбата за „објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“ од Договорот во работата на Комисијата, истата ќе биде соочена со далеку посложен предизвик во интерпретацијата на настаните и личностите од посочениот период во споредба со оној од Средниот век.