БЕСА АРИФИ
Во моментот има четири групи на луѓе кои повикуваат на бојкот на Референдумот закажан за 30 септември, еден меѓу најважните настани во модерната историја на оваа земја. Ден кога треба да избереме меѓу натамошната изолација или можноста да бидеме дел од најважните структури на западниот свет, НАТО и ЕУ. Ден кога треба да докажеме дали сме со истокот или западот
Првата група се тие кои се полни со омраза и секојдневно истата ја шират. Тие што етничката група на која јас припаѓам ги нарекуваат “клети шитпари”, и продолжуваат тоа да го прават се уште без да носат ефективна одговорност за таквото ширење омраза. Дел од таа група ги гледаме де на протести против Законот за употреба на јазиците, де на протести против Договорот со Грција, де во Мечкин камен на Илинден фрлајќи предмети и пцуејќи ги членовите на влада и амбасадорите на пријателските земји, де на протести пред судот каде им се суди на нивните побратими кои на 27 април “патриотски” влегоа во Собрание за да спречат мирен трансфер на власта преку „најпатриотски” обиди да линчуваат пратеници.
Втората група се „фејкерите”. Тие што шират невистинити информации преку злоупотреба на постовите, постерите и другите материјали на владата со кои се објаснува значењето на Договорот со Грција. Имајќи го предвид фактот што истражувањата јасно покажаа дека повеќето граѓани не го ни прочитале тој историски договор, а од тие што го прочитале мал процент потполно го разбираат, ваквотот дезинформирање на граѓаните е навистина нешто повеќе од обична пропаганда. Фејкерите злоупотребуваат и регистрирани имиња на портали се со цел полесно да шират такви лажни информации. Во отсуство на парламентарни избори кога можеби истите фејкери основаат „политички партии” и доставуваат „изборни списоци” со имиња слични на актуелни политичари се со цел да создадат забуна меѓу гласачите, сега на овие референдумски фејкери им преостанува ваквиот мизерен и кукавички начин да водат кампања за нешто во што тие веруваат дека е точно.
Во третата група припаѓаат интелектуалците кои ги шират доследно и свесно неточните информации на горенаведените фејкери и злонамерно ги манипулираат граѓаните кои можеби се помалку упатени или помалку информирани а имаат голема верба во ваквите интелектуалци. Свесноста со која тие манипулираат со дезинформациите и шират очигледни „фејк-њуз” статии оди далеку понатаму од ширењето на критичката мисла или поттикнувањето на здрава дебата за Договорот. Бидејќи не може да се дебатира за факти. Може да се дебатира за добрите или помалку добрите страни на договорот меѓутоа за да има таква дебата, фактите мора да се признаваат. Меѓу најважните факти се и следните: македонскиот идентитет и јазик се признаваат на светско ниво, референцата ФИРОМ на која бевме толку алергични станува минато, и најважниот факт, дека не можеме ни во НАТО ни во ЕУ без тој Договор.
Четвртата група се луѓето кои се уште се влечат по судови заради тоа што палеа некоја слика од демолираната канцеларија на Иванов вечерта на 12 Април 2016 година, а сега се колнат на неговите зборови и повикуваат тој никогаш да не стави потпис на некои од најважните укази кој тој според Уставот на ова земја е должен да ги потпише.
Е сега да им кажам нешто на сите што имаат намера да го бојкотираат овој процес, а посебно на првата гореспомената група на бојкотанти: со овој бојкот ќе станете исти со тие што најмногу ги мразите, од душа ги мразите: “клетите шиптари”, кои пак имаат многу подолго искуство со бојкоти во споредба со вас. Всушност, ќе станете исти како што тие беа во минатото, кога бојкотираа важни настани и градеа такво искуство на бојкот од кое вие може да научите многу.
Знаете сите дека на 1991 кога се одржа референдумот за независност на Република Македонија Албанците бојкотираа и не гласаа туку наместо тоа ја прогласија Илирида. Без разлика кои беа причините за таквиот бојкот и дали може да се најде образложение во фактот што во новата држава што се создаде, претходно стекнатите права на Албанците беа со Устав минимизирани или целосно укинати, тоа е еден од најдобрите примери дека бојкотот никогаш не е решение за ниту еден проблем. Македонија беше прогласена за независна а албанската заедница во неа го доби епитетот на заедница која не може да се однесува државнички. Така што, драги бојкотанти, првата лекција што треба да ја научите од нас, „клетите шитпари” е дека кога бојкотот нема да ви успее а државата ќе просперира, вие секогаш ќе останете дамкосани како заедницата која се залагаше земјата да не оди напред.
Вториот важен настан кој Албанците го бојкотираа беа претседателските избори од 2014 година. Повеќето Албанци во Македонија на тој ден го послушаа Али Ахмети кој повика на бојкот на овие избори со тезата дека немало консензуален кандидат за претседател кој би бил подобен за Албанците да го гласаат, која теза за повеќето Албанци звучеше баш онака “патриотски”. Пред неколку дена прочитав еден твит кој вели дека заради тоа што Македонците биле многу лоши, Господ им го пратил Иванов за претседател. Не, драги мои, колку и да е смешен твитот, сепак е неточен. Иванов е претседател на оваа држава само заради фактот што Албанците бојкотираа во 2014 година а не заради тоа што Господ така сакал. Иванов се прогласи за победник на тие избори со само 4% гласа повеќе од Пендаровски. А Албанците таа година убаво ја научија лекцијата дека кога бојкотот им успева, наместо Пендаровски за претседател ќе мора да го трпат Иванов, и тоа со втор мандат, уште пет години, за тој после да не им го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците и да стане главен фраер дури и меѓу тие што палеа негови слики пред година две. Време е и вие, бојкотанти да разберете, дека ако бојкотот ви успее ќе имаме во државата нешто слично на искуството Иванов да претседава цели 10 години. Ќе имаме алијанси со земјите кои тој ги посетуваше минативе години, наместо да влеземе во НАТО каде што земји како Албанија, Грција, Бугарија, Германија, САД итн. ќе бидат гарантори на нашиот територијален суверенитет и безбедност.
Имаше и трет настан кој Албанците можеа да го бојкотираат. Тоа беа парламентарните избори од 2016 година кога истите тие што повикуваа на бојкот на претходно споменатите претседателски избори ги уверуваа Албанците дека СЈО, помилувањата и целиот скандал со прислушувањето беше работа меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и дека таа работа не ги засега Албанците. Меѓутоа тој пат Албанците разбраа дека бојкотот не ги решава работите и преминаа во проактивно однесување гласајќи прв пат во историјата за една македонска партија, соборувајќи го Груевски, нешто што никој не можеше да го замисли (дури ни самиот Али Ахмети) а камо ли да верува дека ќе се случи. Да бојкотираа Албанците тој ден ние уште ќе го имавме Груевски за премиер. За среќа, Албанците одлучија државнички да се однесуваат и ја спасија земјата од еден режим.
Какво државничко однесување ќе покажете вие, драги бојкотанти, кога на 30 септември ќе ја бојкотирате иднината на сите нас што живееме тука, и иднината на вашите деца што со бугарски пасош бараат подобра живеачка во земјите членки на НАТО и ЕУ?
Така што, драги бојкотанти, изборот е ваш, не ви се мешам. Само должност ми е да ве опоменам дека со вашиот бојкот ќе станете исти како тие за кои цело време барате гасни комори: вашите драги “клети шиптари”.