ШАШЕ БОЈАН ШАШЕВСКИ
Во Македонија тендерите за избор на фирми за рушење си поминуваат „онака“, паѓаат „договори“, но, реално, ништо не знаеме за рушачките работи. Па, властите многу лесно може да манипулираат и да нема јавен притисок. Добиваме единствено одговори дека „многу е скапо рушењето“
Објектот кај Мавровка треба да се руши! Но, како што пишуваше колегата Срѓан од РСЕ, во Македонија стана правило дивоградбите на „некој битен“ да не се уриваат. Прво одат преговори, договори, молби, жалби, додека објектот што се гради не го постигне посакуваниот габарит. Потоа се остава работите малку да се оладат и медиумскиот притисок да спласне, за со тек на време тие дивоградби да се „припитомат“. На крај да станат легални, иако се нелегални. Иако не треба да стојат таму каде стојат. Значи, треба да се рушат. Тоа е кристално јасно. Апсолвирано.
Значи, рушењето треба да биде нормален процес, алатка во урбанистичкото планирање и подобрување на квалитетот на живот на луѓето во заедницата. Значи, да се реобмислува јавниот простор преку паралелен процес на рушење и градење.
Но, Македонија се уште нема ефективна пракса за рушење. Нема официјално тело, асоцијација која би ги поврзувала и претставувала оние што вршат услуги за уривање на објекти. Рушењето обично го прават градежни фирми со своја машинерија, но дури и некои поголеми компании не вршат такви услуги, немаат конкретен ценовник. Изоставува јавноста да биде информирана кои се цените, стандардите, начините на рушење. Магла!
На ниво на Европа постојат специјализирани фирми во оваа област, под закрила на Европската асоцијација за уривање (European demolition association), која постои од 1978 и е платформа за 90-ина национални асоцијации и компании од индустијата за уривање. Значи, застапници на процесите на уривање. https://www.europeandemolition.org/members
Пример, Србија ја има SDA (Serbian demolition association), Русија ја има UDCA (Union of demolition companies and associations), Шпанија ја има AEDED (Asociacion española de demolicion, descontaminación, corte y perforación) итн.
Кога истражував на темава пред година ипол, Ернесто Пелача од италијанската фирма „Соми“ (Somi Impiani Demolizioni), задолжен за економска евалуација на проекти за уривање, рече дека неговиот работодавец не користи експлозив во ваквиот бизнис, туку сите уривања ги извршуваат со механички алатки (багери со чекани, ножици, со т.н. „канџи“ и сл.). Веднаш ми ги кажа цените (за разлика од македонските компании).
Пример, за уривање на згради, без одредени пречки и/или ограничувања, до висина до 10-12 метри, италијанската референтна цена е околу 8 до 10 евра/метар кубен. За да може да споредуваме италијанска со македонска цена, еден италијански работник чини околу 31 евро на час, а машините/алатките се околу 50 евра на час. За високи згради трошоците растат зависно од користената машинерија. Отстранување на отпадот е исклучено од цената, зависи од материјалите и инсталациите (бетон, тули, дрво, пластика, кабли итн.)
Зошто го кажувам ова? Повторувам – затоа што во Македонија тендерите за избор на фирми за рушење си поминуваат „онака“, паѓаат „договори“, но, реално, ништо не знаеме за рушачките работи. Па, властите многу лесно може да манипулираат и да нема јавен притисок. Добиваме единствено одговори дека „многу е скапо рушењето“, дека „не е економски или просторно изводливо“, па пак доаѓаме на тоа дека објектот, иако очигледна дивоградба, ќе остане да постои во просторот, заедно со пазарџиски договори за „мир во куќа“ и кревање раменици за надлежности. И, толку.
Меѓувремено, знаете што се случува во Дебар Маало, Маџир Маало, Кисела Вода, Стар Аеродром, Тафталиџе, Водно, Чаир, Сарај, Гази Баба, Мавровка… Да не зборувам што има по останати предели низ Македонија, во шерифските подрачја, но и во Охрид кој е под капата на УНЕСКО. Срам!
Меѓувремено го почувствуваме и #БитноСеГради, како некој ПР момент, слоган со кој низ јавниот дискурс се манипулираат луѓето дека „градиме“ е некакво (нај)важно политичко остварување во паланката. „О, градителу, подигнувачу на згради! Ти што создааш Нешто во Ништото!“.
Па, наместо функционалност и реално обмислено планирање на просторот и потребите на заедницата да биде заедница, со тој наратив се хранат политичките моќници, општини и урбаната мафија, создавајќи прекрасен механизам, спрега од која „нема назад“, туку „само напред“.
Хаос низ Дебар Маало, мало „модерно“ објектче пред ГТЦ, потоа и мултиплицирани ДУП-ови што уриваат функционални населби, а на луѓето им се нудат два-три станови плус за да можат нивните деца да бидат обезбедени и живеат во смрдливо „урбанизирано“ подрачје.
Во македонското Собрание од 2007 до 2015 година се направија над 100 измени на клучните закони за градење. Just to name a few – Законот за градење, за градежно земјиште и просторно планирање. Се воведоа нови плански документации кои беа спротивни на Уставот.
Јавните дебати и анкети при изработката на ДУП-овие во голем дел се одвиваат скришно и нетранспарентно (чест на исклучоците!). Луѓето обично дознаваат откако изведувачот ќе добие Одобрение за градење и ќе почне на „никнува“ зградурина во комшилук. Па, и стари, и нови комшии без паркинг, без воздух, без вода, без квалитетен живот. Бричење!
Треба да се спомене и кампањскиот Закон за постапување со бесправно изградени објекти. Роковите за легализација беа продолжувани повеќе пати…. Озаконување само со Геодетски елаборат, без проект за објектот. Значи, масовна појава на легализирање дивоградби, мешавина со лошо планирање или на непланирање и беззаконие. Па, испаѓа дека пола држава ни е нелегална. Односно, се’ е легално, и ништо не е легално! Апсурд.
Видовме и добредојде и за „СК2014“! Тој од проценетите 80, стигна докај 700 милиони евра, а од промовираните 40, стигна до 140-ина објекти. Истовремено се рушеа стандарди, јавни простори, паркови, се рефасадираа претпознатливите признаени објекти, се местеа конкурсите… Сега, практично, се движиме кон амнестија на злосторот на „Скопје 2014“.
А, тој е накрцан со дивоградби, покрај криминалниот кич и урбанистичкото и архитектонско дивеење. Нацркан е со искривени вредности, па, ако ги оставиме како такви, „СК2014“ ќе биде „пример“ за идните генерации – нема да знаат што е исправно, а што не е. Ќе им биде сеедно. Ќе се „припитомат“ да гледаат и криминал, неказнивост и дивоградби.
Затоа, повторувам по којзнае кој пат… Државата треба да почне да руши и да го организира просторот. Сериозно. Брзо. Транспарентно. Јавните простори треба да бидат ресурс, а не роба за продавање, наддавање и пазарење!
Ајде, рушење! Објектот кај Мавровка повикува!