НИКИЦА КОРУБИН
Овој историски, политички и општествен контекст, вели само едно: одлуката е толку тешка, колку што е свеста за подобра иднина. Кога знаеме што сакаме и каде одиме, секоја одлука е остварување на целта, еднакви можности за сите со еднакви правила за сите. Европски стандарди, кои означуваат дефинитивен цивилизациски исчекор. Најпрво за себе, а потоа за сите останати
Концептот на права, но и на обврски е темелот на граѓанското општество. Барајќи ги правата, треба да ги завршиме нашите обврски. Бидејќи одговорноста е клучна, не само во време на големи одлуки, туку како чин на разбирање што тоа всушност демократијата претставува. А, оваа одлука е репер не само за нашата одговорност, туку и за нашата способност да ја направиме разликата меѓу реалност без иднина и реалност со иднина. Да разбереме без предрасуди, дека шансите самите ги креираме, ама контекстот не може да го бираме. А, овој историски, политички и општествен контекст, вели само едно: одлуката е толку тешка, колку што е свеста за подобра иднина. Кога знаеме што сакаме и каде одиме, секоја одлука е остварување на целта, еднакви можности за сите со еднакви правила за сите. Европски стандарди, кои означуваат дефинитивен цивилизациски исчекор. Најпрво за себе, а потоа за сите останати.
Се е до перспективата на гледање на нештата. Доколку желбата е на потребното ниво, кое подразбира решавање, а не игнорирање на проблемот. Најголемата заблуда сите овие години, во однос на спорот со името со Грција; е дека е тоа наметнат и нивен проблем, а не наш. А, тој е всушност прифатен проблем од наша страна и заеднички со Грција. Чинот на зачленување во најголемата светска организација, Обединетите Нации, под привремена референца, со поставениот услов, решавање на спорот со името е всушност прифаќање на одговорноста од наша страна за заедничко решавање на тој спор. Без разлика на мотивот на едната страна, спорот има две страни. И се додека мислевме дека избегнувањето и манипулирањето со истиот е најлесниот начин да не се донесе тешката одлука, се до тогаш го губевме и времето и животот на цела генерација на наши граѓани. Заборавајќи дека политиката е одговорност и обврска на носење на тешки одлуки, го ставивме во заложништво целото општество и го доведовме до работ на постоењето. Политичката, општествена и културолошка незрелост, го претвори спорот за името во совршена алатка за манипулација со чувствата на граѓаните, кои константно се држеа во состојба на заблуда, неинформираност и манипулација. За сметка на систематското разградување на државата и на примитивизацијата на општеството. И наместо постепено решение, создадовме фиктивна, непостоечка нерешливост на проблемот, кој видовме дека со добра воља, доволна храброст и умешност, и разбирање на историскиот контекст, може да доведе до прифатливо решение, кое ќе означува можност за конечно посветување на суштината: нормален и функционален систем, кој ќе означува висок степен на цивилизираност. За сите, а не за некого.
И сите дилеми стануваат предмет на отворена дебата и дискусија. Нема затворени и забранети споменувања, нема ексклузивитет на наводниот патриотизам, нема самоповикано дефинирање на тоа што е добро, а што е лошо; што е исправно, а што е погрешно. Секој има право да постави прашање, но и секој има обврска да го прифати одговорот. Со аргументи и без предрасуди и стравови. А, одговорноста е широка категорија, и ја носи секој носител на јавна функција, секој професор, секој новинар, секој вистински и лажен интелктуалец, секој оној кој го има влијанието во општеството по било кој основ. Да едуцира, а не да манипулира, да ја стави општата корист, пред личната, да биде политичко битие, бидејќи политиката не е власта на партијата, туку општествената свест за организиран систем на правила, кои носат права и бараат обврски. Затоа што ниту едно индивидуално изразување не може да ја покаже својата сила, во колектив на неуки и примитивни граѓани. Сега, знаењето ни е попотребно од било кога. Рационалното, објективно и богато знаење, за сите, кое е всушнсост за нас самите.
Што е тоа идентитет? И кој тоа може да го загрози? Идентитетот не е апсолутна категорија. Тој не е дефиниција што некој сака лаички да ја даде. А, не е ниту најслабата нишка, кој може било кој да ја промени. Тој е се што е создадено, како култура, уметност и цивилизација, од нас и пред нас. Тој е јазикот кој го говориме, но како писмени и образовани, свесни и разумни индивидуалци. Тој е односот кој го имаме, кон нашето културно наследство, како го третираме и како го чуваме. Тој е односот кон државата и општеството, колку ја сметаме за своја, за која треба нешто и да дадеме, а не постојано нешто да очекуваме. Тоа е јавниот простор, кој наместо заедничко добро го сметаме за нужно зло. Тој е односот кон различностите, кон другиот, кон неговите потреби и права. Идентитетот сме ние самите, што ние сакаме, што ние сметаме дека е вредно и скапоцено, што ние правиме да биде подобро, похумано, поцивилизирано; што ние разбираме и како ние влијаеме на светот околу нас. Идентитетот колку што е колективна, толку е и лична категорија. И какви луѓе ќе бидеме, толку свест ќе имаме, како во дадената констелација, да го извлечеме најдоброто од себе. И затоа, повикот за загрозеноста на идентитетот на сите, многу лесно може да означува, лична загрозеност на замислената и реализирана корист.
Тешките одлуки ги носиме ретко. Покрај интелектот, често пати ни помага и инстинктот. Не, оној за преживување, туку оној за живеење. На квалитететен и исполнет живот. Бидејќи идејата за преживување, всушност означува сиромаштија на духот. А, колку е тој посиромашен, толку е поподложен на лаги и манипулации, на брутално искористување на слабоста во име на туѓата лукративност. Затоа, ни е потребно сето знаење и умеење, сето искуство и доблест, да го слушнеме разумот во себе и да ја извлечеме мудроста која вели дека иднината е во заедништвото, а не во изолацијата, онаму каде што секогаш сме биле, историски, политички, идејно. Затоа што сме умееле и сакале, и затоа што сме создавале брилијантна цивлизација, како влог во заедничка култура и заедничко постоење. Инстинктот да ја извлечеме колективната меморија, како е тоа да се биде дел од цивилизираниот свет. Како партнер, а не како жртва. Велат дека уметниците создаваат едно големо дело во животот, а само генијалните уметници може да создадат две. Нашата генијалност се состои во тоа да го создадеме ова едно големо дело, ЗА себе, за нас самите; за да може на следните генерации да им ја оставиме шансата, самите да го создадат нивното голем дело. Да бидеме конечно ние креаторите, а не посматрачите, на најубавата историја што ќе ја испишеме. Историјата за европска држава.