Немуслиманите, иако не уживалe политички права и биле граѓани од втор ред, сепак имала извесен самостоен организиран живот, барем во почетокот на доминацијата на империјата, во чии рамки продолжиле да опстојуваат, вели македонскиот историчар- турколог д-р Драги Ѓоргиев
ВИКТОР ЦВЕТАНОВСКИ
Господине Ѓоргиев, Вие подолго време го истражувате периодот на османлиското владеење на Балканот. Какви се вашите сознанија за тој систем и колку има вистина во тврдењата дека Османлиската империјата била зандана за балканските народи или, пак, тоа се стереотипи наследени од минатото?
– За османлиското владење денес се’ уште постојат стериотипи и кај обичните луѓе и во македонската историографија. Тоа не карактеристично само за нас. Такви стереотипи има и кај сите историографии на Балканот. И бугарската, и српската, и грчката историографија поминале период на национал-романтизам, кој во почетокот бил во функција на градење на нацијата, кога морало да има непријател против кого се бореле, а тој непријател биле Османлиите. Ако се погледне наназад ќе се види дека сите национални херои, сите песни што се испеани, сите легенди што се создадени се поврзани со Турците. Пандан на нашиот херој е Турчинот или Црна Арапина, ако се вратиме уште поназад во времето на крале Марко. А сите песни и сеќавања не одат подалеку од 150-200 години наназад. Тоа е периодот кога на Балканот доаѓа до продирање на националните идеи на Француската револуција, кога почнува да се буди националното чувство и да се создава митот за нацијата преку јазикот и верата на нашите претци од средниот век, па дури и од антиката, дека сме имале држава, дека сме имале еден златен период, па сега сме пропаднале во дупка во која не држеле Османлиите. За жал, и денес кај нас и во соседните држави има историчари кои оперираат со термините турско ропство, кои ги потенцираат само некои негативни настани кои што се случиле во 19 век и почетокот на 20 век, кога балканските народи креваат востанија за ослободување. И тука завршува нивното интересирање.
Македонската јавност речиси не знае ништо за тоа какво било владеењето на Османлиите во првите векови по доаѓањето на Блаканот?
– Кога се зборува за Османлиската империја треба да се има предвид дека таа е еден политички феномен кој трае шест века. Значи, империјата од 15, 16 и 17 век не е иста со онаа од 19 век. Тоа се две сосема различни политички културни содржини. Секако, ние не треба да се оградиме од тоа дека во тоа повеќевековно владеење имало и немили настани и притисоци од власта. Точно е дека христијаните и сите други немуслимани биле граѓани од втор ред. Факт е дека таа била теократска држава во која исламот бил доминантна вера, а муслиманите привилегирани. Меѓутоа, немуслиманите, иако не уживалe политички права и биле граѓани од втор ред, сепак имала извесен самостоен организиран живот, барем во почетокот на доминацијата на империјата, во чии рамки продолжиле да опстојуваат. Еден романски историчар е во право кога вели дека Османлиската империја е Византија по Византија.
Како бил организран тој таканаречен милет систем што го воспоставиле Османлиите, кој очигледно бил многу поразличен од сите дотогашни системи на државни уредувања во Европа?
– Со познатиот милет систем воспоставен во рамките на Османлиската империја немуслиманите имаат верски и културни права. Тој е успешен систем кој ги обединува народите кои влегле во составот на државата. Од тие причини еден долг период, можеби 400 години, христијаните и другите немуслимански народи живееле во империјата без да почувствуваат некоја потреба да се бунтуваат против султанот. Тие немале потреба од тоа затоа што организацијата на османлиската држава била многу поразлична од организацијата на западните држави. Селаните на Балканот не се судриле со османлиска аристократија. Во османлискиот почетен период селата и селаните биле дадени на везири и аги или обични војници- јаничари кои можеле да живеат во Истанбул, а определените даноци да им ги собираат нивни луѓе. Селаните немале тутор кој секој ден би им стоел над главата, да ги контролира и малтретира. Таа е една од основните причини што огромната христијанска маса, која била доминантна во однос на муслиманскиот елемент, не ни помислувала да се спротивстави на тоа владеење. Сигурно, не било се’ така идеално. Има случаи на селаните да им земаат поголеми даноци, меѓутоа, еден подолг период тој систем функционирал без поголеми нарушувања. Тогаш кога империјата почнала да ги губи војните и териториите и економски да опаѓа се зголемиле и притисоците врз рајата.
Постои мислење дека Османлиите вршела насилна исламизација. Дали има вистина во тоа?
– Тврдењата дека Осмалиите вршеле насилна исламизација е силен негативен стереотип создаден од балканската историографија. Не може да се најде ниту еден документ од кој може да се види дека државата стоела зад некоја систематска стратегија за исламизирање. Султан Мехмед Фатих освојувајќи го Константинопол ја посетил Аја Софија и кога забележал како еден војник го крши прагот на црквата ја извадил сабјата и почнал да го удира викајќи му дека тоа е божји храм и никој нема право да го руши. Верувам дека тоа не е легенда, туку е вистина. Тој, подоцна, навистина, Аја Софија ја претворил во џамија, но затоа пак кога ја освоил Босна на тамошните свештеници им издал ферман дека никој не смее да се меша во нивните манастири и имоти. Кога шпанскиот крал ги избркал Евреите од Иберискиот Полуостров затоа што не сакале да станат христијани, султанот ги прифатил и им ги дал сите права. Има многу позитивни примери од османлиското владеење од кои ние денес можеме многу да научиме.
Своевремено се тврдеше дека за нашето назадување е виновно петвековното турско ропство и дека нашите револуционери биле мачени и судени на стогодишни робии и праќани сургун, во Анадолија?
– Факт е дека земјите кои биле под Австро-Унгарија се понапредни отколку земјите што биле под Османлиската империја. Меѓутоа, исто така, не е чесно да се каже се’ што не чини кај нас е резултат на тоа што пет века сме биле под Османлиите. Не можат да бидат негативни сите вредности што тоа општество ги создало во петвековното заедничко живеење на овие простори и да бидат толку лоши за да извршат негативно влијание на нашиот натамошен развој. Милет системот создаден во рамките на Отоманската империја со кој им се овозможуваат културни и верски права на сите немуслимански заедници е систем кој денес во современа форма можеби функционира во САД.
Докумените, псебно за револуционерниот период, покажуваат дека не било се’ така како што е зачувано во македонската меморија и македонските песни. Навистина, имало судени револуционери на повеќе години, но многу малку од нив останувале долго време во затворите. Ако го погледнеме илинденскиот период, ќе видеме дека во 1904 година имало амнестија на политичките затвореници, а во 1908 уште една. Значи, на секој 3-4 години султанот давал амнестии и така речи сите се ослободувани, што не значи дека немало мачења и умирања по затворите.
Како можат да се надминат постојните стериотипи за владеењето на Османлиската империја и конечно да се каже вистината за неа?
– Во последната генерација учебници по историја кај нас негативната слика за османлиското владеење се менува. Во нив е избегната познатата терминологија ’турско ропство’, ’турски јарем’, ’насилно потурчување’ и слично. Една од основните работи кои треба да се направи е да се избегнува таа погрдна терминологија. Османлиската империја е феномен кој опстојувал шест века и успеал да создаде своја специфична култура. Затоа нашето гледање на таа империја само од негативен аспект е штетно и за нас самите. Осмалиското наследство кај нас е многу поприсутно отколку античкото. Сите балкански држави успеваат многу брзо да прекинат со политичкото наследство на Османлиите, но не и со културното и со демографското наследство кое треба да го негуваме. Најпрво треба да ги пренапишиме учебниците, а потоа и нашата историографија. Зошто ние во нашите учебници и во историографијата да не го потенцираме тоа дека луѓето кои живееле во тоа време имале и свои права, можеле да одат во црква и да зборуваат на својот мајчин јазик, можеле да формираат и свои училишта, да ги учат своите деца на мајчин јазик.
Во турските архиви сигурно има повеќе документи и за ВМРО и нејзината дејност. Во кои македонски револуционери Османлиите гледале најголеми непријатели?
– Во документите најмногу се споменува Борис Сарафов. За се’ што се случувало лошо во тогашните три вилаети во Македонија, според османлиските власти, бил виновен тој. Гоце Дечлев е многу малку присутен во документите. Тие точно не го знаат дури ни неговото вистинско презиме. На едно место го именуваат со Белчев на друго со Делчев. Тоа очигледно било резултат на неговата голема конспирација во дејствувањето, но и на неговата прерана смрт. За разлика од него, Сарафов знаел многу често јавно да истапува и да се фали по дворовите и низ Европа. Исто така, во документите е многу присутен и Иван Гарванов, кој бил професор во гимназијата и постојано следен од полицијата, која се сомневала дека учествува во некаква антиосманлиска организација.
Британскиот професор и публицист Ноел Малком смета дека во повеќето балкански земји, гледањето на осмалиското владеење речиси секогаш било негативно и дека Османлиите се опишувале како азиски варвари кои на сите освоени територии ја уништувале напредната национална култура, го гушеле секое чувство на национален идентитет и вршеле неиздржлив притисок на локалните христијански цркви и покажувале фанатична оданост на принципите на шеријатот, светиот исламски закон. Таквите гледања, според него, се целосна лага.
„Точно е дека последните два века на отоманското владеење имало многу случаи на злоупотреба на власта, насилство и угнетување. Меѓутоа, би било крајно анахроно состојбите од последниот период да се пресликуваат во минатото и целиот ’османлиски систем’ од неговата најрана фаза, да се окарактеризира како хаотичен и тирански“, пишува Малком подвлекувајќи притоа дека отоманстакото владеење на Балканот во раните години претставувало добро организиран систем на власт, а животните услови кои ги генерирал биле во многу што поповолни отколку во останатите делови на Европа.
Тој подвлекува дека отоманската империја ги чувала и развивала многу административни, општествени, церемонијални и други карактеристики на животот што го затекнала во освоените христијански земји и дека нејзините тогашни закони биле подобри од тие што ги затекнале.
На локалната православна црква и било допуштено да ги служи своите миси. Според него, најважната карактеристика на османлиското царство не се однесувала на верата, туку на војната. Внатрешната динамика на османлиската држава се засновувала на воена експанзија и таа водела посебна сметка за две работи – за воената способност на луѓето и за парите со кои ќе ги плати. Додека тие потреби биле задоволувани, сите други аспекти на човечкиот живот биле помалку важни. Тоа довело до основна поделба на луѓето на две класи, на тие што ги воделе нејзините војни и на тие што ги плаќале. Во воениот период на царството оваа поделба била многу поважна отколку на поделбата на муслимани и немуслимани. Луѓето кои што ја сочинувале воено-административната машинерија на султанот се викале аскер, војничка класа, во која влегувале сите оние кои ги извршувале надлежностите што им ги дал султанот , како што се судиите, службениците, и муслиманското свештенсво. И сите тие биле ослободени да плаќаат порез.
Класата што плаќала порез се викала раја од арапски збор кој значи ’стадо’, израз кој бил користен само за селаните христијани, иако неговото значење било пошироко и немало никаква врска со верската припадност.
Британскиот професор истакнува дека јаничарите биле најзначаен дел на војската на османлиското царство. Секој седум години, а во периоди на честите војни и почесто, државни службеници ги обиколувале селата на Балканот и присилно регрутирале млади момчиња. Според еден документ од 16 век се земало по едно дете на секои четириесет куќи. Потоа ги носеле во Истанбул и во Анадолија и таму ги терале да го прифатат исламот, ги учеле на турски и обучувале за војници или за службеници во царското домаќинство. „Бидејќи домаќинството истовремено било и царска администрација, а сите официјални царски влади, биле службеници на султанот, тоа, всушност, претставувало пат за напредување до највисоките позиции во државата. Многу велики везири на Османлиското царство и други членови на Диванот (Државниот совет на султанот) своите кариери ги започнале на овој начин“, подвлекува британскиот историчар.
Истовремено Малком нагласува дека со доаѓањето на Османлиите на Балканот феудалниот статус на селаните бил подобар од претходниот и дека тие водела повеќе сметка за нив отколку претходната власт. Како поткрепа на тоа тој го посочува еден закон за скопскат област од 1560 година кој пропишувал: „Тие кои што делат правда не треба да се мешаат во работата на рајата и не треба да ја мачат. Треба да се остават да поседуваат земја ако сакаат, се’ до својата смрт. А по нивната смрт, нивните синови нека го заземат нивното место..“ Поволностите што ги давал османлискиот систем биле очигледни, па во време на петнаесеттиот и шеснаесеттиот век, многу селани од неосвоените краишта се преселиле на Отоманската територија.
Текстот е за прв пат објавен во август 2007 година