ОГНЕН ЈАНЕСКИ
Не мора да се секирате што Стојанче Ангелов и уште 5.000 лица вриштеа пред МРТВ кога се криеше вистината од страна на јавниот сервис, или кога за овој национален радиодифузер не постоеше никаков студентски марш, или средношколски марш, или какви и да се автономни зони на Универзитетот, кои се случуваа баш спроти зградата на МРТВ
Видете вака Влада на Република Македонија, ич не мора да ги воскреснувате, прибирате, ангажирате или оставате главните пуленски кадри на ВМРО-ДПМНЕ да работат на реформите во оваа држава. Некако, преку многу разни чекори, посочувате на тоа дека можете и самите да го врвите истиот пат во системот кој оваа партија го воспостави низ изминатите 11 години. За волја на вистината, не е дека немате разлики и подобрување, но, благодарение на транспарентноста, на површина излегуваат ниските страсти на поединци. Сепак, нам граѓаните – стравот лозјето ни го чува, па затоа:
Ич не мора да се секирате за Македонската Радио-Телевизија и реформите кои мора да се направат во неа, зашто – ете, супер си функционираше додека не објавуваше ниту секвенци од т.н. „бомби на опозицијата“ (кога впрочем бевте во опозиција). Не мора да се секирате што Стојанче Ангелов и уште 5.000 лица вриштеа пред МРТВ кога се криеше вистината од страна на јавниот сервис, или кога за овој национален радиодифузер не постоеше никаков студентски марш, или средношколски марш, или какви и да се автономни зони на Универзитетот, кои се случуваа баш спроти зградата на МРТВ. А и што ќе се секирате, барем ќе знаете дека ќе има каде да бидете згрижени како гости во емисии, ако почнете (а имаше неколку случаи досега) да одбивате да гостувате по другите телевизии.
Понатаму, ве молам, не деранжирајте се ич поради начинот на распределба на средствата за годишната програма на Министерството за култура. Глупости – та зарем се поважни и позначајни Стефановски, Тавитјан и Бојаџиев од тинејџерот Максути, кој има таква импозантна кариера зад себе?
Се разбира, порано кога Јанкулоска ќе речеше: „Согласно законот…“ така и беше, нели? Па така и сега, согласно законот е во ред членови и претседатели на комисиите за доделување на народните пари да си доделуваат меѓу себе финансиски поддршки. Што има тука да се размислува за моралот и етиката? Кокаланов, ти си смотан што имаш морал и етика.
Дополнително, што има да се грижите за реформите во судството? Прекрасно е! Секому според заслугите – како во комунизмот. Земете тоа тефтерчето на Гоца, полабавко ќе ви биде одлучувањето кој да прави реформи.
За гаењето на новите генерации и за спроведувањето на сеопфатната стратегија во образованието, побарајте си го Тодоров, иако сигурно Филипче ќе си го земе за посебен советник во здравството. Експерт си е експерт – зарем не? Особено во делот на деталното познавање на мајките и на тие што ќе бидат, по однос на вина.
Впрочем. баш поради толкавото познавање, што ќе ни се сеопфатно сексуално образование, родово образование и слични ми ти тракатанци? Сешто.
За луѓево што ги изнесоа „бомбите“ на виделина, видете да не има некоја работа за хигиеничари. Да не седат по дома туку-така.
Со идентитетот до каде сме? Еве, го слушам #Ж има што да каже на темата, и тоа кога му гори под нозе во судница, па земете ги со Антонијо, нека се позанимаваат со прашањето.
За пратениците нема потреба да се зборува, зашто секако честопати тастерите автоматски им се приспособени сами да гласаат за нив. Баш така лабаво. Исто и со изборниот систем – супер си е ваков каков што е. All good baby!
И да, продолжете со максимата „За време на владеењето на ДПМНЕ…“ – тоа е сосема ново нешто. Баш не сме го виделе досега во слична форма претходно, како на пример: „Кога СДСМ беше на власт…“
Само лабаво дечки, без брзање – покроце, секој ќе си се врати каде што си бил. Ама да нема каење после. Џабе тапаните по свадбите.
P.S. Еве, јас и понатаму сум бил соросоид, пе*ер, ситнач на отпорот, ѓубре, платеник, предавник, кој порано беше прогонуван, а сега сатанизиран. Ама, пак, да ви кажам искрено – мене вистина ми е полабаво, отколку вам, туку вие кон каде терате? Никој не рече дека ќе биде лесно, но, и никој не очекуваше да се избере полесниот пат во одредени сфери. Пат, кој веќе го знаевме. Пат, кој не сакаме да го одиме.
(Од ФБ статусот на авторот)