АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Кога бугарската страна тврди дека зад формата македонски јазик и нација се крие содржината бугарски јазик и нација, таа само адаптира, за свои потреби, една теорија на Јосиф Сталин кој, во серија статии во 1952 во московска „Правда,“ објаснуваше дека нема никаква, органска врска меѓу формата и содржината
Ангел Димитрив, едно време бугарскаи амбасадор во Македонија, стана познат во македонската јавност по неколу дрски статии во тогашен „Дневник“ во кои, без некој дипломатски такт и финеси, објаснуваше дека Македонија била „географска одреница.“ Според тоа, ни не можела да биде „етномим,“ име за народ кој живее во таа Македонија. Сега Димитров е шеф на владина Комисија задолжена да испегла неудобни „междусобици“ меѓу Бугарите и Македонците кои ги оптоваруваат (трујат?) нивните односи.
Негов партнер во тие преговори кој ги брани македонските позиции е историчарот Драган Геогиев (арабист или турколог по специјалност) кој се разликува од брзиот и категоричен Ангелов по неговата замислена сталоженост. Таа ви вели дека тој малку верува оти, тие две комисии, би можеле барем за нешто да се договорот. А зошто малку верува? Ќе се обидам тука да укажам на оние причини кои сите ги знаат, а не знам од кои и какви побуди избегнуваат да ги формулираат и да ги соопштат јавно.
Првата, главна причина од која се изведуваат сите други е добро позната: од 1948 година па наваму: државната политика на Бугарија, солидно поддржана од бугарската наука за јазик и историја, не признава македонска нација и јазик. Не успеа од таа традиционална доктрина да се одлепи дури ни некогашниот дисидент Жељу Желев, прв демократски претседател на Бугарија. Најмногу што можеше да каже беше: не се признаваат нации, се признаваат само држави. За јазикот не кажа ништо, ама се подразбира: ако не признаваш нација, како можеш да признаеш јазик? Зошто? Затоа што посебна нација подразбира и посебен јазик, како што посебен јазик подразбира и посебна нација.
Ајде, сега, да го примиме здраво за готово тоа што веќе полни 70 години го тврди бугарската државна политика и наука за јазикот за да можеме барем донекаде појасно да одговориме на две прашања: со кого и за што преговара македонската, односно со кого и за што преговара бугарската комисија? Се задржувам прво на второто прашање затоа што е полесно.
Бугарската комисија предводена од легендарниот А. Димитров како прва и основна цел си поставила да се отстрани антибугаризмот од макдонските учебници по историја (и веројатно, по јазик), а кој се огледал во тоа што видни имиња од бугарската историја, како на пр., Гоце Делчев, се прогласувале за Македонци. Јас сè уште не сум чул од шефот на нашата комисија да побара, по ист начин, да постапи и бугарската страна: да се исфли антимакедонизмот од учебниците по историја (и јазик) во Бугарија. Веќе тоа е доволно да каже дека македонската страна во тие преговори е подредена. А пак кога имате преговори меѓу две нерамноправни страни, вие сте тука да прифатите сè што бара од вас стрната која навидум преговара, а на дело – диктира.
Сега одговарам на прашањето: со кога преговара бугарската, односно макдонската страна кога се уважува службената доктрина на соседна Бугарија според која не постојат македонски јазик и нација. Ако е точно дека тие две работи не постојат, ако е, исто така, точно дека државата Македонија е форма за содржината Бугари како што, веќе, 70 години тврди бугарската државна политика и наука за јазикот, тогаш е не помалку точно дека: а) нема органска врска меѓу некоја форма и содржина; б) таа врска е „арбитрарна“, како тврдеше таткото на модерната лингвистите Ф. д. Сосир, а не „нужна“ како што потоа кажа лингвистиката на Е. Бенвенист; в) од што логично следува: дека и бугарската комисија преговара само „по форма“ со друга страна, а „по содржина“ самата со себеси, како што и македонската преговара самата со себеси кога прифатила, со самиот чин на преговори, дека не постојат македонски јазик и нација.
Кога некој преговара сам со – себеси? Тогаш кога е на дело некој вид скизоморфија кажано со речникот на струкуралната антроплогија на Ж. Диран; тогаш кога внатрешниот лик – интимното „јас“ на тој човек е во отворен судир со неговиот надворешен лик или социјалното „јас.“ Нема, натаму, да ја развивам таа тема, иако го заслужува тоа. Ќе укажам само уште на следното: кога бугарската страна тврди дека зад формата македонски јазик и нација се крие содржината бугарски јазик и нација, таа само адаптира, за свои потреби, една теорија на Јосиф Сталин кој, во серија статии во 1952 во московска „Правда,“ објаснуваше дека нема никаква, органска врска меѓу формата и содржината.
Конечно, може ли да дојде до некој исход од тие преговори? Бугарската страна верува дека може. Ако Македонците голтнаа жива, крастава жаба во преговорите со Грција, зошто да биде поинаку со Бугарија? Останува да се види: може ли нашиот стомак да свари две живи жаби за толку кусо време?