Од невладиниот сектор алармираат дека Црквата има демократско право да протестира ама има и оговорност за тоа што и како комуницираат со јавноста
„Возљубени, секој од нас, но и сите заедно, имаме света должност она што сме го примиле и наследиле од нашите предци и како посебност и како сечовечко наследство и предание да го продолжиме и да го оставиме на поколенијата по нас“, вели поглаварот Стефан во специјалното видеообраќање со кое го најавува протестот в четврток
Членката на организацискиот одбор на „Скопје прајд“, Ирена Цветковиќ, и пратеничката во Собранието, Санела Шкријељ, во гостување во „360 степени“ коментираа дека станува збор за демократско право, но реагираа на тоа што МПЦ ОА останала глува и не дала поддршка на барањата на други загрозени групи. Како пример, Цветковиќ го посочи протестот на лицата со попреченост кои кампуваа пред Владата, на кој, како што вели, не видела ниту еден верски лидер.
Видеоповикот, кој е со времетраење од една минута и 18 секунди, завршува со денот (четврток), датумот (29 јуни), часот (18 часот) и локацијата (соборниот храм „Свети Климент Охридски“), каде што е закажан протест со пораката „Имаме должност“.
Информацијата за одржување на протестот дојде по седница на Синодот на МПЦ ОА, одржана истиот ден – 20 јуни.
„На денешната редовна седница, Светиот Синод на МПЦ ОА изразува особено жалење и загриженост што релевантните институции го игнорирале Соопштението од сите верски заедници, кои претставуваат 95 отсто од населението, и не ги прифатиле сугестиите во однос на предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост. Напротив, продолжуваат со постапката во скратена форма за сите собраниски филтри, за целосно носење на овие Закони, за кои уште еднаш апелираме да се повлечат од процедура, бидејќи тие претставуваат сериозна закана за општеството особено за неговата основна клетка – семејството“, соопштија пред една недела од САС МПЦ ОА.
Интересни видувања и коментари за најавениот протест на МПЦ ОА искажаа активистката и членка на организацискиот одбор на „Скопје прајд“, Ирена Цветковиќ, и пратеничката во Собранието од мнозинството и членка на интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ-луѓето, Санела Шкријељ, во гостувањето во петочното издание на емисијата „360 степени“.
Двете се со став дека станува збор за демократско право, но потсетуваат и реагираат на тоа што МПЦ ОА останала глува и не дала поддршка на барањата на други загрозени групи во општеството. Како пример, Цветковиќ го посочи протестот на лицата со попреченост кои кампуваа пред Владата, на кој, како што вели, не видела ниту еден од верските лидери да излезе со поддршка.
„Демократско право како и на секој да излегува на протест. Како некоја која е сограѓанка на луѓето коишто ќе одат на тој протест, јас само би кажала се надевам дека со иста жар и посветеност ќе се борат и за други прашања и ќе ги потсетам дека пред само неколку недели, две ако не се лажам, лицата со попреченост кампуваа пред Владата. Јас седев со нив три вечери и не видов ниту еден од верските лидери да дојде и да даде поддршка, а слушнав хорор-приказни за тоа како е да се живее со попреченост и со примања од 5 000 денари месечно.И во таа смисла ги повикувам веќе наредниот ден да излезат и на друга тема“, вели Цветковиќ за „360 степени“.
Пратеничката Шкријељ реагираше на невистинитите информации кои се лиферуваат во јавноста дека двата предлог-закони се носат по скратена постапка, потсетувајќи дека еден од нив, оној за родова еднаквост уште не е донесен на Влада, додека другиот за матична евиденција е во Собрание во редовна постапка, но оти сè уште не ги поминал парламентарните филтри.
„И јас би рекла дека тоа е демократско право, меѓутоа сметам дека сите општествени чинители имаат одговорност во тоа што комуницираат и како комуницираат со јавноста. Јас го видов соопштението и морам да реагирам на нешто што беше наведено, а тоа е дека има обид двата закона по скратена постапка да се поминат низ собраниските филтри и морам да кажам дека е неточно. Морам да кажам дека предлог-законот за родова еднаквост воопшто не е во процедура, а другиот закон (за матична евиденција) е пуштен во редовна постапка токму за да ги спречиме таквите инсинуации дека некој се обидува набрзина да помине нешто. Исто така, ќе се придружам на тој апел дека треба со подеднаква жар да ги браниме сите, особено ранливите групи во нашето општество и да се застапуваме за унапредување на правата буквално на сите, а не само на тие што одговараат на нашата идеологија“,
вели Шкријељ.