Новата радио станица имала пред се технички проблеми што почнале да се средуваат до средината на 50-тите
Веднаш по војната започнала доградбата и реновирањето на зградата на радиото. Се довршило и оспособило поголемото студио кое претходно не било во функција. Во постојниот простор биле оформени две студија од по 38 m2 и 45 m2 и режија од 15 m2.
Тежок проблем бил и фондот на музиката, бидејќи, најголемиот дел од плочите биле уништени. Токму поради тоа, освен говорните текстови што биле читани во живо и музичките изведувачи, заедно со ансамблите кои доаѓале во терминот на емитување, свиреле „во живо”.
За сигнал (авизо) на новата радиостаница едногласно била избрана борбената мелодија „А бре Македонче”. За да се емитува сигналот бил конструиран метален тас на кој биле закачени 6 жици и перца коишто при движење на тасот го емитувале сигналот. Конструираниот уред честопати се расипувал, и дури во 1958 година била снимена грамофонска фолија со сигналот.
Означувањето на точното време било со гонг на којшто се удирало со чеканче на крајот прекриено со филц. Најавата била: „Со ударот во гонг означивме толку и толку часот”. Тој гонг и денеска се наоѓа во просториите на радиото.
Целокупната програма на радиото во 1945 /46 година изнесувала 8,5 часа дневно, од кои 3,5 часа биле говорна програма, а во неделите 10,5 часа. Неа ја опслужувале 39 вработени новинари, музичари, техничари и друг помошен персонал.
Треба да се нагласи дека поради доброто познавање на албанскиот јазик од страна на Владо Малески, веднаш започнала и 15-минутна емисија на албански јазик. Исто така, се подготвувале и се читале вести и соопштенија и на турски јазик
Вестите од Југославија и од светот се добивале преку агенцијата Танјуг од Белград. Најпрво преку Морзеов апарат, па на слушалки ги дешифрирал Борче Борисовски и другите телеграфисти сместени на најгорниот кат на зградата на тогашната редакција на „Нова Македонија”. Тоа било бавна и мачна работа при добивањето и објавувањето на вестите. Подоцна, оваа служба се модернизирала со набавка на таканаречените Хел-апарати, со кои на ленти се отчукувале вестите добиени по воздушен пат. Мошне забележливо подобрување настанало со набавка на телепринтерските апарати, коишто работеле и по воздух и по телефонска жица како медиуми за пренос, така што сигурноста и точноста биле обезбедени.
Иако со оскудна опрема за терен, во програмата на Радио Скопје до крајот на 1949 година биле реализирани 220 преноси од настани и спортски натпревари. Така, на пример, забележано е дека Коле Чашуле ја имал таа чест на 12 јуни 1946 година да го пренесува скопското дерби помеѓу фудбалските тимови „Македонија” и „Победа”.
Во 1945 година, среднобрановиот предавател (200 W) се преместува во приспособената радиопредавателна зграда во Маџари. Во текот на целата таа година, и покрај големиот ангажман што го имале техничарите околу озвучувањето на многубројните манифестации што се одржувале во Скопје, работеле и на доградба на засилувачки степен за постојниот предавател. Во 1946 година, идејата конечно се реализирала и бил пуштен во редовна работа предавател со моќност од 2,5 KW. Во исто време била донесена одлука за набавка на професионален предавател и бил склучен договор со фирмата “ТОМСОН-ХЈУСТОН” од Париз. Веднаш било пристапено кон изградба на зграда за сместување на предавателот (кој габаритно бил мошне гломазен), трафостаница за негово напојување со електрична енергија и нов антенски систем затоа што работната фреквенција на предавателот била 1511 KHz (198,5 m бранова должина). Конечно на 29.11.1947 година, овој предавател бил пуштен во работа со моќност од 20 KW, со што најголем дел од територијата на републиката бил покриен со квалитетен сигнал.
Просторните услови само за кратко ги задоволиле програмските потреби на Радио Скопје. Затоа било пристапено кон изработка на проект за проширување на зградата. Во 1948 година започнала изградбата, а во 1950 година бил пуштен во погон новиот дел. Со тоа, големото студио било проширено на 200 m2 и станало студио за снимање на музичка програма, опремено со 150 седишта, па во него се изведувале и јавни концерти и приредби.
Биле изградени уште три студија и режии за забавна и народна музика и за драмска програма. На зградата бил дограден уште еден кат со 18-ина канцеларии за редакциски простор, новинарски деск, библиотека и сала за претплатничката служба. Овие просторни услови главно ги задоволувале тогашните потреби, па Радио Скопје во овој објект на улицата Марксова бр. 17 (просторот каде што денес се наоѓа Соборниот храм) работело сè до земјотресот, на 26 јули 1963 година.
Авторот на написот, како член на Детската радиодрама од 1960 година, лично ги памети овие студија во кои се правеа прекрасни радиодрамски и детски емисии. Тоа беа акустички обработени студија со перфорирани акустички елементи коишто овозможуваа навистина добра акустика за програмските потреби. Заради заштита од надворешната бучава, прозорците имаа и дрвени капаци од внатрешната страна, кои по потреба се затвораа.
Првите магнетофони во радиото според сите укажувања почнале да се користат некаде во илјада деветстотини и педесетите години (1954/55). Тоа бил многу значаен момент во развојот на радиото, бидејќи, оттогаш можело изведбите „во живо” да се заменат со претходно снимени материјали и, уште повеќе, снимените материјали да останат како сведоштво за идните генерации. Така, на пример, според изјавата на Михаил Бошковски – Мице, во една емисија за радиото, тој кажува дека првата снимка на еден од најстарите и најпознати македонски евергрини „Кажи зошто ме остави”, во изведба на Никола Автовски – Боби, е снимена на 15 февруари 1955 година во Студиото 1, токму на таков магнетофон со жица. Снимател бил техничарот Димко Зафировски. Овие податоци биле интерпретирани од Слободан Николовски – Боде, директен учесник во реализацијата на овој проект. Исто така, некои од постарите вработени во техниката на радиото често ги спомнуваа тие жичени магнетофони. Долго време мислевме дека нема остатоци од нив како музејски експонат. Со колегата инж. Живко Маневски од љубопитност честопати сме ги барале и во Нерези, а особено по преселбата во Новиот РТВ дом. Ги баравме во помошните простории (кои ние ги нарекувавме „фурди”), каде се чуваа технолошки застарените или дефектни уреди, а кои ги користевме за резервни делови. Но, немавме успех, сѐ до пред моето заминување во пензија. Еден ден во близина на Драмското студио, во една помошна просторија, најдовме два уреда кои, на прв поглед, не можевме да ги дефинираме што се. Колегата Љупчо Дебарлиев ги исчисти и ги светна како нови. На нив пишуваше Webster Chicago . Кога малку се замисливме сфативме дека тоа може да се единствено фамозните жичани магнетофони кои толку долго ги баравме. Тон-мајсторот Ѓорѓи Христовски – Жорж, кој е инаку одличен мајстор на фотографија, ги сними за да ги имаме и на слика. Погледавме на интернет и дознавме дека навистина тоа биле најмногу користени жичани магнетофони во САД во периодот 1948/49 година, произведени од компанијата Вебстер (Webster) од Чикаго и чинеле 150 US $. Како стигнале во Радио Скопје е друго прашање.
Подоцна овие магнетофони биле заменети со такви што користеле магнетна лента како медиум за меморирање. Во Македонското радио постојат бројни магнетофони како музејски експонати од компаниите Филипс,Телефункен, Награ итн.
(продолжува во следниот број)