Изненадувачки е долгиот век наопстојување на снимиките забележаннина магнетофонска лента во ранте 50-ти години
Еве уште една случка врзана за магнетофоните. Барајќи ленти за дгитализација со колешката од фонотеката, Верче Душковска, најдовме една многу стара лента. Во секоја лента постои картонче со „Податоци за снимката”. Ова картонче беше со инвентарен број 621 и имаше набележано четири музички нумери: 1. Јанинка платно белеше – 2,45 мин.; 2. Испаднал Мурат војвода – 4 мин.; 3. Ајде Фанче – 4 мин.; 4. Јазе си го сакам мамо – 4,0 мин. Исполнители Васка Илиева, Никола Бадев и Мирвет Беловска. На задната страна во “Податоци за емитување” стојат четири графи: датум (на емитување), репродуцирано од магнетофон, репродуцирал, забелешка. Запишано е дека првото емитување било на 27.8.1955 година, што значи дека и снимките биле најверојатно направени таа година или порано. Што е уште поинтересно, во втората графа стои дека е репродуцирано од магнетофон тип ТОЛАНА на 13.8.1956 година.
Ваков магнетофон никогаш не бил спомнат дотогаш. Проверката на интернет покажа дека такви навистина постоеле. како француски производ, и се произведувале од 1952 до 1954 година. Потврдата дојде и од Јордан Цаневски – Дане, музички тон-мајстор, тогаш во пензија, кој се сеќаваше точно на овој тип магнетофон во старото радио на Марксова 17. Во обидот да се постави на магнетофон, лентата едноставно се растури. Требаа неколку часови труд за таа да се постави на магнетофон и да се репродуцира. Репродукцијата покажа дека се работи за брзина од 76 cm /s. На општо задоволство, снимките беа сосема добро зачувани, освен првата која имаше дефект на едно место. Сега овие нумери се префрлени во дигитален формат и се сместени во серверот за емитување на Македонското радио. А ние сме побогати со уште едно сознание за тоа дека сме имале и магнетофон од типот ТОЛАНА.
Магнетните ленти се покажаа како многу издржлив медиум ако се чуваат под одредени услови. Во фонотеката на Македонското радио и денеска постојат употребливи ленти снимени во 1956 година. За изненадување е нивниот квалитет после толку години.
Во 1949 година изработен е европски план за распределба на фреквенциите и моќноста на предавателите (Копенхаген 1949). На Радио Скопје му била доделена фреквенција од 810 КHz и дозволена моќност на предавателот од 135 КW. Биле потребни повеќе години да се соберат сили и да се реализира набавка и пуштање во употреба на таков предавател (1956 година), и со тоа да се излезе надвор од границите на Република Македонија (слика 10).
Програмите на Радио Скопје сè до 1962 година бележеле видлив подем. На 15 април 1962 година бил пуштен во редовна работа и нов среднобранов предавател во Маџари со моќност од 200 W со што започнала и Скопската програма 202. Но, 1962 и 1963 се години кои што се паметат по две големи природни катастрофи што го погодиле главниот град Скопје, а со тоа и радиото. Најпрво, поплава. Зградата на радиото била во делот каде што надојдената вода од поплавата била релативно најдлабока и успеала да навлезе во визбените простории. Таму бил сместен богатиот фонд на плочи и магнетни ленти, потоа магацинот со резервните делови за студиската и предавателната техника и многубројните програмски архивски материјали и податоци. Малубројната екипа што се нашле во зградата во тие часови и оние што некако успеале да пристигнат, со натчовечки напори, подавајќи од рака на рака, го сместиле на сигурно место сето она што успеало да се спаси. Радиото не емитувало програма повеќе од два дена, а од фонотеката било можно да се користат само сувите или просушените ленти и плочи. Сè уште раните од поплавата не биле залечени, а уште поголема трагедија го погодува Скопје – катастрофален земјотрес. За време на силниот земјотрес, на 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, тешко е оштетена зградата на радиото и е прекинато емитувањето на програмата.
(користени се материјали пуштени на сајтот emitter.mk – продолжува во следниот број)