Објавата дека има леукемија не го загрижува само семејството, туку и партиите кои се во коалиција со него а секако и вработените во неговите компании. Тука е и клубот „Монца“
ДАВИДЕ ГИЉОНЕ- ПОЛ КИРБИ
Децата на Берлускони го посетија во болница во Милано. А колегите на италијанскиот политичар Силвио Берлускони изразија надеж дека тој ќе се врати на работа откако ќе биде примен на интензивна нега поради тешкотии со дишењето.
Здравствените извештаи наведуваат дека неговата состојба е „стабилна, но бара претпазливост“, а најновите извештаи откриваат дека тој боледува од леукемија.
Поранешниот четиримандатен премиер на Италија и медиумски магнат се’ уште ја предводи партијата „Форца Италија“, а на минатогодишните избори беше избран за член на Горниот дом на парламентот. Но, неговото здравје е нарушено.
Тој беше опериран во 2016 година, а четири години подоцна и пневмонија откако се зарази со корона вирусот.
Оттогаш, 86-годишникот неколку пати бил лекуван во болница.
„Се обидуваме да бидеме оптимисти“, изјави Антонио Тајани, министер за надворешни работи на Италија и еден од најистакнатите членови на партијата на Берлускони.
Берлускони во средата беше примен на одделот за интензивна нега на Одделот за кардиологија на болницата Сан Рафаеле во Милано, само шест дена откако беше отпуштен од четиридневните здравствени контроли. Тајани им рече на новинарите дека лидерот на неговата партија има „проблем што не е решен“. Искусниот политичар е на интензивна терапија за зголемување на протокот на кислород во крвта, изјавија болнички извори за агенцијата Анса.
Италијанскиот весник „Кориере дела сера“ објави дека му била дијагностицирана леукемија, што го потврди и Ројтерс. „Тој е стабилен. Тој е карпа, ќе се извлече и овој пат“, рече Паоло Берлускони, помладиот брат на Силвио, откако го посети во болница во Милано Неговото враќање во болница загрижи многумина во Италија, вклучително и политичари од различни партии, кои му посакаа брзо закрепнување.
„Напред Италија“ е партија која е дел од десничарската влада на премиерката Џорџа Мелони. Таа изрази надеж за брзо закрепнување и ги сподели зборовите „Напред Силвио“ на Твитер, алудирајќи на името на неговата партија.
Берлускони пристигна во болницата во придружба на неговата свршеница Марта Фасцина, пратеничка од неговата партија, а во текот на денот го посетија неговите деца.
Берлускони останува една од најпротивречните фигури во италијанската политика.
Оваа година тој беше ослободен од обвинението за подмитување девојки за да лажат дека наводно присуствувале на неговите злогласни забави „бунга бунга“.
Сепак, медиумите блиски и на левицата и на десницата му оддадоа почит на харизматичниот, но и контраверзен политичар и медиумски тајкун. Некои од нив му посакаа добро здравје, додека други го истакнаа потенцијалното влијание на неговата состојба врз политичката ситуација во земјата.
„Сите се со Силвио“ – ова беше насловот во Ил Џорнале, сопственост на семејството Берлускони, изразувајќи поддршка и солидарност. Весникот Либеро, близок до десницата, објави во наслов „Напред, Силвио“, како порака од Ѓорѓе Мелони, додека весникот „Република“ го опиша како „бестрашен витез“.
Овој римски медиум, кој е близок до центарот и левата страна на политичкиот спектар, со децении жестоко ги критикува неговите политички потези и внимателно ги следи скандалите во кои се најде Берлускони.
Иако луѓето околу него се обидуваа да ја ублажат сериозноста на неговата состојба, болеста на поранешниот премиер покрена многу прашања за иднината на неговата политичка партија.
Таа моментално е дел од владејачката коалиција, но нејзината поддршка опадна во изминатите години, а здравствените проблеми на нејзиниот лидер може дополнително да ја ослабат нејзината позиција.
Во своето обраќање пред новинарите, Тајани рече дека партијата има само еден лидер.
„Сега се надеваме дека тој ќе се врати да ја води партијата“, рече тој.
Лошата здравствена состојба на Силвио Берлускони доведе и до прашања за судбината на неговата деловна империја, која вклучува неколку телевизиски канали и издавачки компании, што го прави еден од највлијателните луѓе на италијанската медиумска сцена.
Неговото семејство е и малцински сопственик на фудбалскиот клуб Монца, кој за петте години колку што е семејството Берлускони во клубот, успеа да се искачи од третата лига на италијанскиот клупски фудбал до највисокиот (Серија А).
„Целото црвено-бело семејство ти испраќа топли желби, драг претседателе“, напиша на Твитер Адријано Галијани, претседателот на Монца и долгогодишен соработник на Берлускони од времето на раководењето со Милан, италијанскиот фудбалски гигант.