ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Се надевав дека Македонија има потенцијал за посолидна колективна, социјална интелигенција, но после молк за ваков екоцид, каде ли веќе може да се пронајде доволно здрава основа за да се надградува општата социјална интелигенција, не само аспектот на еколошката, во смисла на егалитарна вплетеност на рој пчели или матрица од неврони на колективно тело? Наместо – бавно, незаинтересирано стадо?
Заврна дожд врз Галичица и го згасна пожарот. Реакциите се: „Фала на Господ”, а не „Фала на облаците”, „Фала на природата”. Не е исто за човечкиот ум да се каже „природа” или „Господ”. Додека на природата ѝ е сеедно како ја нарекуваме, ние со изборот на зборот го насочуваме сензибилитетот кон егалитарност, кооперативност, или, пак, спротивно, кон хиерархија во која ние сме малите пиони на „оној еден кој никој не го гледа” (ова е сфаќањето за Господ од страна на еден премиер кој се дружи со автократи). Ако речеме „Фала природо”, можеби ќе ни дојде побрзо до разумот дека сме едно со неа, дека тие шуми се реално дел од нас, организми кои соработуваат со животните и луѓето како посебни органи во комплексниот организам на природата. Не мора да бидеме чувствителни сосем како во првиот дел од стиховите на Вилијам Блејк, „Дрвото кое некого го тера на солзи радосници, во очите на други е само зелен предмет што пречи на патот”, но дајте да не бидеме еколошки тапа нација како вториот дел од овие стихови.
Оваа година пожарите се национална хаварија, трагедија од 7% изгорена територија – претежно шуми… Показател дека она што треба да претставуваат институциите како кооперативни органи за функцијата на еден организам/ колектив/ нација, рапидно снемале човечки и материјален капацитет да бидат тоа. Ако лани вкупно изгореле нецели 3 илјади хектари шума, како е можно ова лето да изгорат над 171 илјади хектари? Ако имало напаѓачи – потпалувачи, како ова лето одеднаш се намножија толку, како вируси? Од 3 илјади скок на 171 илјади хектари?! Каде откажала колективната социјална и, воедно, еко – интелигенција и притоа, како толку одеднаш единството со природата стана не-тема? Каде откажал најконзервативниот принцип – на одбрана? Чувствува ли некој министер морална одговорност за оставањето на оваа катастрофа толку да се рашири, толку малку луѓе да се справуваат, од кои премногу од нив, секоја им чест – доброволци? Или, има лукративни интереси закачени со нокти во власта, кои, како што на секој вирус му е од интерес да зарази што повеќе клетки, ним им е од интерес да изгорат што повеќе дрвја? Опожарено дрво се барало на пазарот!? Или дрвја аут, централи ин?
Секако дека е за сомнеж, не само според распространетоста на пожарите на 7% од територијата, туку и што од тоа излезе од јасно појасно дека Нашата држава се враќа во стариот калап на послушно стадо, незаинтересирано за себе како колектив, без никаква врска макар со стандардните конзервативни вредности, а камоли либерални, егалитарни или социјал-солидарни. Ужасно, измамениот ништо не го интересира надвор од видното поле на волната што си ја носи, истата којашто пастирите им ја стрижат. Па макар изгорело сѐ освен неговата куќа. И нема да е првпат, истава „внатрешна”, „револуционерна” организација не понесе одговорност ни за поплавите со жртви во Стајковци. И тогаш проблемот беше заради човечки фактор, но и земјата беше еродирана заради – погодете што – немаше дрвја, оправдувањето им беше – „еднаш во илјада години” имало ваква поплава!
Се надевав дека Македонија има потенцијал за посолидна колективна, социјална интелигенција, но после молк за ваков екоцид, каде ли веќе може да се пронајде доволно здрава основа за да се надградува општата социјална интелигенција, не само аспектот на еколошката, во смисла на егалитарна вплетеност на рој пчели или матрица од неврони на колективно тело? Наместо – бавно, незаинтересирано стадо? Бидејќи еколошката интелигенција е, и производ, и извор на колективната социјална интелигенција. Не за да се пофалиме на некого, туку за опстанок на колективот, кој, пак, е предуслов за опстанок на индивидуата на најконзервативниот можен начин: Своја на своето!
Пред десетина години имавме незаборавен Chainsaw Massacre на дрвја во Скопје, просто од намера да се запечати „кој е газдата”. Тоа се истите тие што преферираат остра хиерархија, но така што тие да бидат најгоре во неа. А сите ние останати, што е можно подалеку подолу, без глас, без влијание на одлуките врз нас. Односно, силеџиската изјава на диктатурата беше, всушност, изработена од – дрвја! Тегавењето и додворувањето кон народот претходно беше и преку неработен Ден на дрвото, на кој воглавно, само – не се работеше! Жалните врби и палмите, безгрижно силувани во несоодветен хабитат, виткани во најлони, а некои и никогаш засадени, умреа како измачени суштества, краткотрајно служејќи на маската на автократијата. Истата гарнитура на која еден необразован, насилен гад – убиец, братоубиец, учителоубиец од минатото – Ќосето, ѝ беше најважен да го оспоменичи, и тоа, со ножиштето в рака, сугестивно насилнички во близина на судските објекти!
Ако изјавата на Шарената беше социјална во основа, симболизирана со фрлање бои врз карикатуралниот кич 2014 – самиот по себе чиста спротивност на органската вредност на дрвјата, наредната логична револуција останува само да биде постмодерна регенерација изразена преку садење дрвја, на пример, како симболика на колективната социјална интелигенција против авторитарноста, т.е. како моќна изјава за тоа кој вистински овде мора да има глас што се слуша.
Но, тоа, како и за пожарите, во догледно време ќе остане само на неколку закрпи од грст доброволци и совесни професионалци од институциите, кои разбираат (специфично за пожарите во случајов, но исто е и со урбанистичките планови, особено за Скопје, на пример), што, всушност, значи да гори шума и какви опасности доаѓаат од тоа. Нивната порака многу тешко го пробива погрешниот код на саможивост, инсталиран и ширен деценија и плус во груевизмот, а и потоа, како грешка, вирус во системот. Неколку години се успеа да се тргне полека во правец во кој условите на колективот се подобруваа, за и тој самиот да се подобри. Преку претежнувањето на социјалните и економските политики од корист за сите и аспирацијата за уште подобри услови со желба за постепено заздравување на системот со помош на ЕУ и стратешките партнери – по патот на приклучување кон Европската Унија, ми се чини дека трошка се разбуди социјалната кохезија. Дури и кога непотребно се остави маслиновите медиуми вештачки да ја одржуваат формата на калапот за масовна потчинетост, во сиромаштво на духот и умот.
Секој потег на власта во последните десетина недели изгледа како дел од механизам на чудно државно-приватно картелско работење, најотворено, без срам.
И, после многу вртлози и бранувања, лагите на „внатрешните” „револуџионерни” надвладеаа. Ја вратија навиката на саможивост како во времето кога ја сееја насила преку вештачкото социјално осиромашување, во стравотен недостаток на ресурси за народот, додека тогашната „внатрешна” „револуционерна” беше најбогатата партија во Европа – до ден денес во посед на баснословниот бел дворец. Партијата што дава сендвич и ќотек (27.04., 24.12… , цела 2001… ) за секој процент моќ. Сега, сите измамени, со зинати усти и бели очи се џарат во лагите што ги проголтале. Затоа што самите си ги прекршиле сите три правила на еко-социјалната интелигенција:
- Знај го и цени го СОПСТВЕНОТО ВЛИЈАНИЕ во колективот;
- Цени ги подобрувањата, СФАТИ ЈА НАСОКАТА НА КОЛЕКТИВНОТО ПОДОБРУВАЊЕ и
- Цени ги знаењата на другите, сфати како се применливи во твојот колектив, и сподели го тоа во колективот.
Сите три се прекршија. Првите две – на безумен начин, прелажани од пропаганда за безвредноста на секого за самиот себе, како и од алчноста со соблазнителен слоган „не е доволно”. За третото, најтешкото, во колективот што упорно е претпоследен на ПИСА тестовите како и според вредноста на IQ во Европа, интерсџиите гледаат само како во останатиот дел од колективот да остане и се рашири неразликувањето на вистината во морето лаги, како да не се памти, како да не се научи и како да се споделува ѓубре, пропагирајќи ја грешката што го растурива колективот. „Залагањата” за подобро образование на „внатрешната” „револуционерна” се популистичка фарса штетна за децата, враќајќи ги децении назад, животно здодевајќи им со нездравите наставни програми од историја и географија. Дајте родители прекинете да се правите наудрени, тоа е токму така за децата – се мачат напамет да проголтаат работи кои можат да бидат многу поинтересни. Така е осакатен и материјалот по математика, кадешто е извршена ампутација на множествата и релациите – основите на логичката мисла.
Секој потег на власта во последните десетина недели изгледа како дел од механизам на чудно државно-приватно картелско работење, најотворено, без срам. Како вчера да била 2016. Не дека и од други не беа некои работи во урбаното живеење така ала-картелски извршувани, но сега невоздржано се инсталира тоа како правилно, ефикасно, иницијативно. Бришењето на независноста на инспекторатите уште веднаш, заедно со зголемувањето на бројот на министерства (и функционери) се наметна по брза постапка, ноќе. Нема веќе редовно зголемување плати, колективните договори се под прашалник оти „нѐ полажале” (срамните зборови на министерката за серии), но кичот на Скопје 2014 морал да продолжи. Ни пет, ни шест, ни го пикаат шпионскиот Орбан-тел под носот. Претседателката, пак, од своето катче, непотребно го негативизира зборот „американизација”, се смешка на сопствената досетка дека „републиката е во пламен”, го гуши колективот со избегнувањето да изговори Македонија, и така натаму. Треба да сме задоволни дека барем не е Фикус 2. Не може да бараме да се покаже од ранг на Пендаровски, на пример со потпишувањето на Указот за картелско-овозможувачките измени на Законот за урбанистичко планирање. (И пак дрвјата се, изгледа, лошите, без да се спомене).
Може да ги набројуваме сите овие дивергенции, но индукцијата од нив сите заедно е – експлозија на дел од кошницата. Некои веќе песимистички мислат дека сите елементи на оваа низа конвергираат кон распад на колективот, но можеби конвергираат кон распад на пропагаторот на грешки низ колективот? А можеби и, оваа нација е сепак пожилава од оваа експлозија од недоветности, барем Скопје. Гледајте како жилаво си чека на автобуските постојки долго, долго време, тивко си ја поднесува лагата за бесплатниот јавен превоз, за да биде нем сведок на распадот на истиот. Бара сенка под дрво додека чека, ама најчесто – нема. И сѐ помалку ќе има, го знае тоа. Го поднесе и овој фетиш на непријателство кон дрвјата и незборување за тоа. Не, не сум нефер сега. Премногу штета, па имаме право да се сомневаме, да бараме одговори и да не веруваме на збор, иако премногумина „жилаво” молчат.
(racin.mk)