НАНО РУЖИН
Државата повеќе не поседува апсолутен монопол врз информациите и снимките туку како нови актери на медиумската војна се наметнаа сите оние кои поседуваат смартфон
Во 1915, во екот на Првата светска војна, сатиричниот магазин на германски јазик „Kривата патка“ ја отпочнал новата епоха на пропагандната војна кога ги прикажала војниците на Антантата слаби, грди, изнемоштени, страшливи,повредени и инвалидизирани губитиници на војната. Наспроти тоа жртвите и страдањата на германските војници биле минимизирани и представени како персонификација на пруската храброст и достоинство, со шармантен и строг изглед, со ореол на апсолутни победници. Историските лекции за однесувањето на државите за време на воените судири подучуваат дека военото водство и хиерархија постојано настојувале да го контролираат наративот и пропагандата околу воените дејствија и да создаваат поволни претстави за состојбата на теренот. Овој ривалитет се одвивал паралелно со оној на бојното поле, во рововите, во воздух или на водените површини. Постапно медиумската војна или војната на информациите зазела истакнато место во воените стратегии на сите големи сили како ефикасно психолошко и тактичко оружје на секој судир. Според комуникологот Арно Мерциер „постојат две форми на пропаганда. Една е онаа насочена кон сопствениот народ за да се добие неговата поддршка и да се мотивира отпорот кон агресорот а другата е контра-пропагандата против непријателот, но и апел кон меѓународната поддршка“. Во секоја војна, конфронтација или битка се поставувала дилемата: во која мера завојуваните страни ја кажувале вистината? Во периодот кога глобализмот почнува да ги создава првите никулци, точното информирање на јавноста, прераснува во значаен влог како за државите кои го следеле судирот така и за јавноста. Кон средината на 19-от век биле испраќани новинари, набљудувачи, мисионери како Вилијам Расел од Тајмс кој известувал за време на Кримската војна(1855) а потоа и од сецесионистичката војна во Америка (1861-1865).
Со развитокот на медиумската технологија, меѓународното јавно мислење имаше можност дирекно да ги следи судирите и историските настани. Вистински медиумски шок предизвика револуцијата против диктаторот Чаушеску во Романија, а една година подоцна (1990/91) и дирекниот пренос од првата војна во Заливот. За прв пат гледачите можеа да следат „во живо“ вистинска воена операција на тв-екраните. Новинарот Питер Арнет од хотелот во Багдад дирекно ги презентираше настаните на каналот CNN чии снимки и информации ги следеше целиот свет. Во „живо“ беше пренесувано и бомбардирањето на Белград (1999), интервенцијата на американските маринци во Ирак (2003) како и лажната приказна на ослободувањето на војникот Џесика Линч, наводно заробена од страна на ирачките сили, иако таа по сообраќајката со својот џип, била спасена благодарение на трансфузијата на ирачкиот доктор, што потоа лично го признала пред Конгресот. Претходно Државниот секретар Колин Паул пред Советот за безбедност на САД ја прикажа малата ампула, со „Антракс“- оружје за масовна деструкција, која наводно ја произведувал режимот на Садам Хусеин како закана за целиот свет. Тоа беше еден од мотивите за американската агресија во Ирак но и школски fake news од страна на администрацијата на Џорџ В. Буш.
За разлика од двете светски војни, и судирите од почетокот на 21-от век, денес масовните медиуми се уште помоќни. Единствената разлика е што државата повеќе не поседува апсолутен монопол врз информациите и снимките туку како нови актери на медиумската војна се наметнаа сите оние кои поседуваат смартфон . Војната во Украина покажа дека напоредно со руските и украинските медиуми, граѓаните кои снимале со своите интелигентни мобилфони ги пренесуваа сликите на социјалните мрежи. Токму тие „обични луѓе“ преку постирањето на сликите го имортализираа нивниот очај и придонесоа во успехот на украинската пропаганда во медиумската војна. Тоа се документи во реално време без било каква монтажа.
Сликите и видеата овозможија да се изгради соодветен опинион за настаните и за руската инвазија во Украина. Токму овие снимки придонесоа илјадници лица да излезат на улиците ширум светот и да протестираат против војната, да се собираат големи суми на пари за помош на несреќните граѓани на Украина и да можат да се засолнат во државите на ЕУ. Се покажа дека социјалните медиуми се најефикасното оружје против руската инвазија. Instagram, Twitter и Tik-Tok играат улога на осветлувач на мрачните страни на војната и за само неколку денови го обединија Западот против Путин, и му наметнаа санкции кои влегуваат и во аналите на нашата цивилизација.
Мозаикот на сликите кои често содржат и многу лажни вести доаѓаат од двете страни. На почетокот од украинска страна врз социјалните мрежи беше емитувана храбрата решеност на 13 украински граничари да го одбранат малото Змиско острово наспроти рускиот воен брод. „Оди по ѓаволите руски броду“ биле последните зборови на еден од граничарите-бранители.Украинските медиуми информираа дека овие тринаесет маченици загинале храбро, слично како приказната за Џесика Линч што не беше точно, бидејки тие се предале. Сепак многу поголем ефект врз чувствата на Европјаните оставаат младите, студентите, довчерашните спортисти, уметници, артисти кои ја следат обуката за ракување со оружје решени се да ја бранат татковината или оние стотици жени кои подготвуваат „коктел Молотов“ наменети за руските тенкови.
Аналитичарите се единствени во констатцијата дека, медиумската војна ја доби Украина, бидејки масите бегалци, стари лица, деца и жени кои се најголеми жртви на војната, како и нивните татковци, мажи, синови, браќа кои се решени да го бранат Киев и останатите градови-маченици на руската инвазија допираат до срцата на целиот свет. Главна звезда на медиумската војна е некогашниот шоу-мајстор, претседателот Зеленски. Кој можеше да претпостави дека Володимир Зеленски кој во 2016 свиреше на пиано со „своите атрибути“ облечен во секси-кожни панталони, човекот кого го сметаа за „ слуга на украинските олигарски“, актер во сомнителните трансакции на Pandora Papers, ке прерасне во инкарнација на украинскиот Давид против тоталитарниот руски Голијат. Во Европа го споредуваат со Че Гевара на 21-от век, во Париз според Бернард-Леви, Зеленски е новиот Гаврош, и во исто време и украинскиот Аљенде и Черчил на кого му се поклонуваат и американските конгресмени и европските пратеници и лидери. Тој покажа дека ги зел командите на агресираната држава и гордо изјавува „Јас сум тука со вас Украинци и ние нема да го положиме оружјето, и јас ќе загинам со вас“. Тој ја изедначува судбината на Украина со судбината на Европа потсеќајки на хитлеровиот територијален аншлус, ставајки ја на сцена дијалектиката помеѓу Доброто и Злото. „Ако Украина не издржи ниту Европа нема да издржи. Подржете ја нашата слобода бидејки таа победа не е само против руските војници, туку тоа ќе е победа на Доброто против Злото“. „Нема сомнеж дека Зеленски ја игра својата најдобра улоа, улогата на неговиот живот и судбина“ пишува Пиер Атрет од парискиот портал Булевар Волтер. Меѓутоа, Зеленски понекогаш и претерува, барајки да се затвори небото над Украина или да ја прогласат Русија за терористичка држава, знае дека тоа би предизвикало Трета светска војна, но познвачите велат„ нема друг избор“. Големи се и реакциите на германските пратеници кога во говорот пред Бундестагот, потсети на холокаустот на Третиот Рајх што предизвика отворени критики кон Зеленски. Во историјата Зеленски ќе остане како симбол на храброста на украинскиот народ кој му се спротистави на далеку помоќниот непријател Путин.
Наспроти опуштениот Зеленски облечен во сиво-маслинеста воена униформа, со брада „а ла Че Гевара“, Путин оддава импресија на постар краватосан лидер, забарикадиран во Кремљ, уредно исчешлан, намирисан и дотеран, седнат зад бирото кое од естетски аспект не се издвојува од старата советска модна естетика (old fashion) кој истовремено трпеше закани и критики, дури и третман на воен злосторник, психопат, диктатор од страна и на Бајден и на мнозинството европски лидери. Плановите на Путин беа јасни. „Украина мора да се демилитаризира“ и „денацизира“, што во овие балкански простори наидува и на извесни симпатии меѓу постарата генерација. Но колку е во право кога неонацистичкиот батаљон Азов го идентификува со цела една држава, останува да се анализира. Путин им се обрати на украинските војници да го положат оружјето и заеднички да се изборат за поинаква Украина . Русија нема потреба од „окупација на Украина“. Оваа операција не е воена операција, смета рускиот лидер . Според колумната на Гуеворг Мирзаран отпечатена во неделникот „Експерт“, тој пишува: “..на Запад веќе оваа операција ја сметаат како војна против Украина…Во Украина нема војна..“. Тезата ја зајакнува со цитатот на постојаниот руски претставник во СБ на ООН, Васили Небензиа кој изјавил“ во случајот со Украина не можеме да зборуваме за војна туку за една специјална операција..“ . Потоа Мирзаран заклучува, „ Русија не се бори против украинскиот народ туку против оние кои ја конфискуваа власта во Киев..оние што осум години водат непријателска политика кон Русите и Украинците и ги бомбардираат градовите и селата во Доњетск и Луганск“. Во Комсомолска Правда популарниот дневен весник уште од времето на комунизмот, авторот Дмитри Стечин, истакнува дека „по специјалната операција на руската армија, за прв пат во последниве осум години, украинската артилерија не ги бомбардирала населбите во Доњецк“.
Меѓутоа Руската кампања изобилуваше со слабости, што е и разбирливо кога ја имате улогата на агресор а Путин настојуваше да го обедини народот со неговата „специјална воена операција“.Соочен со медиумскиот неуспех, Путин организира масовен митинг за да покаже дека рускиот народ стои зад него, а неистомислениците ги нарече инсекти и скакулци меѓу кои и неколку илјади уапсени пацифисти. Сите овие јалови активности не создадоа поголемо влијание врз меѓународното јавно милсење и евидентно е дека на социјалните и електронските мрежи, Украина на Зеленски ја добила медиумската војна.
На просечниот западен граѓанин таквата состојба му создава впечаток дека Украина ке победи и во теренската војна. Разбирливо, руската офанзива се забави, иако според аналитичарот на Daily Mail, Bill Roggio „моменталното застанување на руската армија е само мала пауза во реорганизацијата и подобрувањето на нивната логистика“. Во западните медиуми, бројни новинарски извештаи сведочат за огромни воени губитоци и жртви на руската армија, на нејзините тенкови, оклопни возила, артилерија и авиони и речиси општ крах на путиновата армија. Меѓутоа изгледа дека руската воена машинерија се’ уште функционира ефикасно и разорувачки.
За да ја демонстрира сопствената супериорност, руската војска на 18 март за прв пат го употреби хиперсоничниот балистички проектил Кинжал (Бодеж), кој е пет пати побрз од брзината на звукот, што може да означи пресврт во војната со Украина.Овој вид проектили се толку брзи што неможе да ги неутрализира ниту најсовремената американска противракетна заштита. Употребата на овој проектил е и порака до Западот за воената надмоќност на Путин кога е во прашање Евро-Азија. Засега операциите на руската армија се насочени кон четири цели: главниот град Киев, вториот најголем град на север Каркив (Харков) пределот западно од Донбас и југот вклучувајки ги пристаништата на Црното и Азовското море. Една од големите дилеми на експертите е: кога ќе може да се очекува завршетокот на воените операции? Украинците играат на факторот време, надевајки се дека ќе се исцрпат руските сили и ке се изборат за подобри преговарачки позиции. И Русите играат на факторот време бидејки планираат да ги заобиколат стратешките цели во Украина и да постигнат максималистички услови во преговорите со Украина. Времето ќе покаже дали времето работело за едните или за другите. Засега никој не отстапува од војната. Зад ова прашање се крие уште едно. „Дали Путин ке умее да запре и до каде“? Одговорот на ова прашање го знае само тој.