Европската Комисија се подготвува за следење на судските предмети во Македонијa. За ова РСМ дала согласност. Воедно, во Грција се формира парламентарно тело за негување на пријателство со земјава
Европската унија се подготвува за мониторинг на судските процеси кои ја опфаќаат високата корупција и организираниот криминал во Македонија, што ќе помогне во подготовката за спроведување на најавуваниот ветинг во правосудството, подобрувањето на правдата и враќањето на довербата кај граѓаните, објави „360 Степени“, пред некој ден.
„ЕУ односно ЕК реши да го финансира проектот кој ќе почне годинава и ќе трае околу 3 години. Проектот за целиот регион ќе чини 6 милиони евра. ОБСЕ ќе го имплементира, разговараме со ОБСЕ зашто тие имаат искуство во набљудувањето судски случаи, што значи дека ОБСЕ ќе биде партнерот што ќе го врши мониторингот“, вели евроамбасадорот во Скопје, Самуел Жбогар.
Тој вели дека деталите се договараат во моментот помеѓу Европската Комисија и ОБСЕ и дека се уште е рано да се сподели бројката на предмети што ќе бидат опфатени, како и дека проектот ќе почне годинава без да се прецизира датумот на почетокот.
Од Министерството за правда потврдуваат и велат дека станува збор за регионална иницијатива, поради што ќе треба да се почекаат и останатите држaви од соседството. Од таму велат дека Македонија веќе дала согласност за овој процес.
„Се надеваме дека овој проект прво ќе му помогне на судството самото да се подобри и да го подобри испорачувањето на правдата, се надеваме дека ќе ја зголеми довербата на граѓаните во судството и нам ќе ни помогне во подобро проценување како да му помогнеме на судството подобро од тоа што го правеле надлежните или ние самите“, додава Жбогар, кој вели дека сепак ќе се внимава да не се наруши принципот на немешање во независноста на судството.
Во исто време, додека кај нас траеја дебатите за таблата во министерсото на Мизрахи, грчкиот Парламент започна процес процес за формирање на Група за пријателство со С. Македонија, а до пратениците веќе бил испратен допис за учество во групата на доброволна основа, дознава дописничката на МИА од Атина. Станува збор за избор на пратеници од грчка страна кои, заедно со нивните колеги од македонското Собрание, потоа ќе бидат дел од заедничка Група за пријателство меѓу двете земји. на Македонија – Грција.
Пракса е во ваквите парламентарни групи да учествуваат пратеници од сите партии што се дел од грчкиот Парламент. Составот на Групата, според најавите, ќе биде познат наскоро, при што, не е исклучена можноста тоа да се случи и во текот на оваа работна недела.
Како што стои на официјалниот сајт на грчкиот Парламент, парламентарните групи за пријателство „се формираат по писмено барање на пратениците и со одлука на Претседателот на Парламентот“. Во нив, по можност, членуваат „пратеници од сите пратенички групи“, а „предмет на парламентарните групи за пријателство е зајакнување на парламентарната дипломатија на меѓународно билатерално ниво“.
Бурнус: Групата за пријателство е чекор плус за доверба и соработка меѓу двете земји
Пратеникот од СИРИЗА, Јанис Бурнус, кој беше дел од грчката делегација во Скопје, предводена од поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, коментира дека оваа разврска е исклучително важна и позитивна, „особено ако се земе предвид дека доаѓа од влада која до изборите се бореше против Договорот од Преспа“ и открива дека лично тој ќе се пријави да биде дел од групата.
„Би сакал да бидам дел од Групата за пријателство, особено ако земеме предвид дека со Алексис Ципрас како премиер, кога го посетивме Скопје и Собранието, се сретнавме со луѓе кои веќе имаа формирано група за контакт со Грција и нè прашуваа кога ќе се формира истата таква во грчкиот Парламент. Тоа е разврска која ја чекавме, тоа е уште еден чекор во градењето доверба и соработката на двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа“, вели Бурнус.
Во однос на тоа какви се неговите очекувања за составот на групата, пратеникот од СИРИЗА, изразува надеж дека ќе има претставници од сите партии, со исклучок на т.н. „Грчко решение“ која е радикално десничарски ориентирана.
„Овде ќе се покаже кои се позициите и намерите на секоја партија. За она што можам да ве уверам е дека од СИРИЗА ќе постои богато учество затоа што политички ќе го одбраниме историскиот избор што го направивме со Договорот од Преспа. Се надевам дека, со исклучок на „Грчко решение“ која е радикално десничарска и популистичка партија, ќе има членови од останатите партии, па дури се надевам и од „Нова демократија“. По победата на изборите, рекоа дека ќе го почитуваат договорот“, додава пратеникот од СИРИЗА за МИА.
Меѓу 77-те земји со кои грчкиот Парламент има воспоставено соработка на таков начин се сите земји од регионот (и оние кои што се членки на ЕУ и оние кои што се кандидати), поголемиот број европски држави, дел од арапските земји, но и САД, Кина и Русија. Секоја од Групите има претседател, потпретседател, секретар и членови.