Сеизмолозите работат и за викендите а на терен, до мерните станици низ земјата, одат со сопствени возила. Две мерни станици, во Валандово и во Охрид, и резервната во подрумските простории во Скопје, се во сопственост на Опсерваторијата. Другите, вкупно 13 на број, се од Универзитетот од Бохум, кои се на привремено користење и по завршување на проектот треба да се вратат
Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), има техничка опрема, но луѓето што треба да работат со неа и добар дел од останатиот персонал, се со договор на дело. Тоа било причината двајца студенти со инженерски прстен – највисоко признание во струката да го напуштат ИЗИИС
Во разорниот земјотрес што на 26 јули ‘63 г. му се случи на главниот град животот го загубија 1 070 луѓе, 3 000 беа повредени, а светот се мобилизираше за од прав да го воздигне Скопје во град на солидарноста.
Шеесет години подоцна, само стрелките на часовникот на старата скопска железничка станица потсетуваат на мигот од кобното утро, кога и престанаа да работат. Градот повторно се издигна, но дали и што научи од трагедијата? 360 степени провери во ваква состојба се клучните институции надлежни за ова проблематика.
Сеизмолошката опсерваторија во Скопје од 1957 година непрекинато ја следи сеизмичноста или подложноста на земјотреси на тлото на државата. Грижливо ги чува сеизмометрите од првата и втората генерација, како и најновиот, кој oд овде ја мери сеизмичноста во главниот град.
„Ова е сеизмометарот, меѓутоа е заштитен да нема температурни влијанија, најмали температурни осцилации, а ова е инструментот, дигиталниот запишувач, којшто е придружен со соодветна опрема од ЏПС, модеми за интернет и уред за ресетирање на системот, во случај да настане некој прекин од која било причина, системот да може сам да се ресетира и да продолжи да работи“, вели Драгана Черних – Анастасовска, раководителка на Сеизмолошката опсерваторија.
Истовремено, во друга подрумска просторија, активен е и паралелен систем кој ја мери сеизмичноста на Скопје и исто така има дигитален запишувач. Овој е донација, но сега во сопственост на Опсерваторијaта, додека претходниот е привремено позајмен и ќе треба да се врати на донаторите.
Подрумот на Опсерваторијата е погоден за изолирање на инструментите од секаков шум, но овде се мириса на старо. Се чуваат и, така кажано, музејски експонати, но до нив се стигнува преку под кој како да претрпел силен земјотрес.
Бидејќи вложувањата во Сеизмолошката опсерваторија биле минимални, воглавно биле за набавка на нови инструменти, ова некако било поттурнувано настрана, меѓутоа се надевам дека со новата студија за реновирање на Опсерваторијата, Министерството ќе излезе во пресрет и дека оваа состојба ќе се подобри“, вели Черних – Анастасовска, раковоидител на Опсерваторијата..
А, за подобрување се многу нешта. Во Опсерваторијата има максимален ентузијазам за работа, но минимален број сеизмолози, вкупно 6, од кои тројца се нови кадри. Имаат уште само еден советник за сеизмолошки инструменти. Oд овде непрекинато ги следат и анализираат сеизмички податоци од земјава и од странство. И додека снимавме, пристигна информација за земјотрес.
„Ова е Тонга, Австралија, во 8 и 32 пристигнале сеизмичките бранови во Скопје, иначе времето на земјотресот е 8 и 11, значи му требало 20 минути на сеизмичкиот бран да дојде до Македонија…“,велат од Сеизмолошката опсерваторија.
Две мерни станици, во Валандово и во Охрид, и резервната во подрумските простории во Скопје, се во сопственост на Опсерваторијата. Другите, вкупно 13 на број, се од Универзитетот од Бохум, од Институтот за геофизички истражувања, кои се на привремено користење и по завршување на проектот треба да се вратат.
Овие станици се инсталирани во март месец и ќе бидат три години за територијата на Македонија, подоцна ќе бидат повлечени од Институтот. Ние би сакале овој период да го искористиме да се набават наши, македонски инструменти, коишто ќе ги заменат овие инструменти од Универзитетот во Бохум. Во спротивно, ќе останеме со нешто многу малку што е недоволно за да се добијат податоци за сите истражувања што ги прави сеизмолошката опсерваторија, во смисла на одредување на параметрите на сеизмичноста на територијата“, објаснува Черних – Анастасовска.
Сеизмолошката опсерваторија хиерархиски припаѓа под Природно-математичкиот факултет, односно надлежно министерство е она за образование и наука. Свој буџет нема, па за секоја ситница мора да бараат пари од МОН преку Факултетот, а им требаат не само за патни трошоци туку и за дефекти на инструментите и за постојано осовременување на компјутерската опрема.
„Опсерваторијата се реновираше во 1997 година, а сега заврши една студија како би требало да се реновира и што би требало се да се реновира. Министерството за образование ни вети дека ќе излезе во пресрет, па да се надеваме дека, можеби не комплетно, меѓутоа во одредени фази, би можело да се реализира обновувањето на сеизмолошката опсерваторија“,вели Черних – Анастасовска.
Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), пак, е основан само две години по разорниот скопски земјотрес. Зградата е заштитен објект
ИЗИИС е автономна единица на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Има научна дејност, а го оценува и квалитетот на градбите во Скопје, како и на виталните објекти во сите краеви на државата, вклучително мостови, брани итн. Директорот Влатко Шешов веднаш не покани во лабораторијата за прво да се пофали со софистицираната опрема.
„Ова се НДТ, апаратура за недеструктивни тестови на згради, на материјали градежни. Сега современите текови не водат на тоа ние да не оштетуваме некои конструктивни елементи, едноставно ние со ова правиме ренген на посотојните конструктивни елементи од зградата. Еве, ги пратиме современите текови, за земјотреси на тешко пристапен терен, или состојба на брана, имаме дрон со соодветен софтвер кој не обезбедува со потребните инструменти.А, ИЗИИС кубури со кадар од сите профили. Од ангажираните во овој момент, 36 се редовно вработени, а 23 работат со договор на дело. Институтот може да биде финансиски самоодржлив, но парите што ги прибира се слеваат во државниот буџет, па мора да моли за вработувања во Владата.
„Осумнаесет души ни отидоја од Институтот во последните 2 или 3 години.
Вработување пред 4 или 5 години имавме на помлади асистенти. Почнува да се јавува и кај нашите вработени револт, покриваат и архива и сметководство и ако треба чувар на капија. Доведени сме во ситуација да не можеме кадровски да издржиме на барањата. Нас ни отидоја двајца студенти со инженерски прстен, тоа е највисоко достигнување, односно награда за студенти од инженерските области. Па, како не ги вработивме, е како не ги вработивме? Поднесуваме барања ни ги одбиваат, без никакви причини. Јас не барам овде сто вработени, ама барем тие млади кадри што ги негуваме да останат“, вели Шешов.
Иако Институтот води сметка за квалитетот на градбите во државата, експертите не може да гарантираат дека секој објект би издржал земјотрес со поголема јачина.
„Придонесот на ИЗИС во последните 9-10 години е токму тоа во членот 4а од Законот за градење каде сите проекти поминуваат низ контрола на Институтот и двапати одиме на градби. Меѓутоа, пак, ова меѓутоа постои, ние имаме и ситуации на нелегална градба, таму ние не можеме ништо да гарантираме, имавме проекти коишто се провлекуваат низ лавиринтите на системот, коишто не поминуваат низ овие контроли, значи не поминуваат, треба да сме свесни, за тоа има органи во државата, којашто треба тие работи да си ги испита“, вели Шешов.
Скопје ги освежи сеќавањата на потресите, за среќа со помала јачина, во 2016 година, кога дел од населението се евакуираше во парковите и пред зградите. Шешов вели дека од 1963, сепак, нешто сме научиле.
„Апсолутно имаме напреднато, како во проектирање така и во поглед на изведба. Самите факти говорат, имавме 2016 послаб земјотрес, негде магнитуда околу 5 во Скопје, меѓутоа, немавме никакви оштетувања. Многу мали, неконструктивни оштетувања. Тоа беше една мала, но значајна потврда на тоа што сме го постигнале во градежништвото овие 50 години“, смета Шешов.
Разорни земјотреси се ретки, но може да се повторат.
Според истражувањата на сеизмолошката опсерваторија, повратниот период за скопското епицентрално подрачје е 500 години, за да се случи земјотрес како што беше скопскиот ‘63. Тоа е периодот на повторување, меѓутоа не значи дека имало сега пред 60, па дека сега треба да чекаме петстотини години, меѓутоа тоа е периодот каде што треба да се појави таков земјотрес“, вели Черних – Анастасовска.
(360 степени)