ВЕСНА ПОПОСКА
Двата најсериозни предизвици во справувањето со хибридните закани се потешкотиите да се воспостави каузална и јурисдикциска врска, односно да се докаже одговорност и да се процесира кривично гонење во меѓународен, и особено сајбер контекст
Руската инвазија врз Украина потврди дека слободата и либералните вредности имаат видливи и невидливи непријатели. Признати во Концептот на бистратешка команда на НАТО од 2010 година, хибридните закани се дефинирани како „оние што ги поставуваат непријателите, со способност истовремено да користат адаптивни конвенционални и неконвенционални средства во остварувањето на своите цели“.
Терминот „хибридни закани“ се употребува како „чадор“ со кој се опфаќа широк спектар на појавни форми на безбедносни закани кои можат да доаѓаат од држави, но и од други субјекти. Двата најсериозни предизвици во справувањето со хибридните закани се потешкотиите да се воспостави каузална и јурисдикциска врска, односно да се докаже одговорност и да се процесира кривично гонење во меѓународен, и особено сајбер контекст. Информациската војна која се води паралелно со реалната иако е помалку очигледна, има потенцијал да креира далекусежни последици преку освојувањето на симпатиите и поддршката на јавното мислење кое го креираат малициозните центри на моќ, во насока на потокопување на институционалната доверба, радикализација, поларизација, креирање на страв и паника, и на крајот од денот- одмрзнување на смрзнатите конфликти насекаде низ светот, на полузаборавени жаришта.
Информациската војна не е новост, исто како и употребата на пропагандата како воено средство. Впрочем, сеќавањата за препознавањето на медиумски куќи како легитмна воена цел, не се толку избледени од колективната меморија. Но, во морето од вести од сите страни на светот, креирани од новинари, граѓани, но и фабрики на тролови тешко е да се препознае вистината исто како што е тешко да се сетите што сè прочитавте вчера.
Иако една лажна вест навидум може да изгледа наивно а нејзината објава може да се припише на низа либерални принципи на прв поглед, ширењето на дезиформациите не залудно е карактерзирано како воена операција од специјален карактер – бидејќи полека но сигурно, од една полувистина кон друга невистина, се креира наратив кој може да звучи ослободувачки, а да предизвика општествена капитулација долгорочно, во туѓ национален интерес. Затоа, транзиционите општества се првата цел на тоталитарните системи – институциите се сè уште кревки а идентитетските прашања отворени или лесни за отварање, ако се долие соодветното масло на огнот кој тлеел некаде во длабочината – дури и не толку длабоко.
За воља на вистината, не се само транзиционите општества мета на дезинформациите, туку и сите оние кои се или се стремат да се придружат на либералните западни вредности. Вистината е новата железна завеса која полека но сигурно, надвиснала не само над Европа, туку и над сите континенти. Во ерата кога дезинформациите станаа политичка стратегија, исклучително е тешко да се препознае вистината, и за гласачите, и за новинарите. Во последните години, неколку спектакуларни обиди за изборно вмешување ги окупираа вестите ширум светот. Едно е, сепак, заедничко за сите. Нивниот дизајн, како и тајмингот на изборно вмешување покажаа решеност за целосно нарушен изборниот процес. Ескалацијата на израелско-палестинскиот конфликт, како и конфликтот во Нагорно-Карабах, не беа апсолутна случајност во контекст на развојот на војната во Украина и фронтот на поддршка кој околу неа се обедини.
И не толку далеку од нас, случајот со велешките тинејџери и нивната вмешаност во изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, стана глобална фасцинација. Оваа 2024 година, е изборна на поголемиот дел од земјината топка: од претседателски избори во САД и Франција, до парламентраните и претседателски избори кај нас, како и за составот на новиот Европски парламент и Советот за безбедност на ООН. На листата на земји на кои им претстојат избори се и Бразил и Канада, Азерјбеџан и Индија, како и претседателски избори во Пакистан, каде веќе се спроведоа парламентарни. Во Белорусија, опозицијата ги бојкотираше изборите за парламентот и локалните совети. Изборните резултати во Тајван беа очекувани, но предизвикаа незадоволство кај официјален Пекинг. Од поблиското соседство, Хрватска и Босна и Херцеговина исто така ги очекуваат избори. Изборните периоди се најмногу преплавени со дезинформации. Токму затоа, повеќе од секогаш, мора да сме свесни и будни, како граѓани и како публика, што споделуваме и што конзумираме. Сервисите за проверка на факти исто така играат многу важна улога, а истражувачкото новинарство ќе игра клучна улога во повеќе тековни процеси.
Саморегулацијата беше „спасот“ за електронските медиуми бидејќи интернетот не беше создаден за да биде регулиран. Сепак, таа е недоволна за да се справи со напливот на злоупотреби или искривувања на реалната слика, во свет во кој речиси секој има неколку само свои вистини. Алгоритмите на социјалните мрежи само го зајакуваат и прошируваат балонот на ограничената свесност, опкружувајќи не со впечаток дека не постои друга реалност освен сопствената, и дека светот во кој живееме е исклучиво црно-бел.
Секоја дополнителна регулација од друга страна, ќе нè соочи со потенцијално „чилирање“ односно ќе има потенцијален „ефект на ладење“ кон медиумските слободи.
(Проф. Весна Попоска е универзитетска професорка и независна аналитичарка. – текстот е објавен во Civil.mk)