ЉУБОМИР ФРЧКОСКИ
Не секој што излегува на предна врата е во право и не секој што бега на задна врата е во криво!
Лажната борба за одржување на СЈО, кога всушност сите биле да му се стави „клуч на врата“… СЈО се користело единствено да се урне ВМРО-ДПМНЕ од власт… На Катица Јанева не и биле предметите од Гевгелија па да може да ги предаде во Јавното обвинителство и тоа е незаконски… – сите до едно, овие тврдења се погрешни и немаат поблиска врска со правото и законот, имено се политички или егзибиционалистички, што и да е.
Бранејки ја формата и институцијата СЈО со лажно-храбрата формула – да преживее или барем да се обиделе да ја преживеат… оваа група експерти се бори всушност за можноста на ДПМНЕ да го блокира СЈО и сите предмети кои ги води тоа. Ако се брани статус-квото за СЈО сега, со теза дека мора да се избере нов обвинител (а очигледно не може) и мора да продолжи само тој да гони – тоа значи им се дава сета можност и моќ на ДПМНЕ во праламентот да уценува и блокира (нивниот лидер јавно порача дека нема да има двотретинско мнозинство за законот за Јавното обвинителство со кој се решава и СЈО).
Која е последицата од оваа блокада? Не само СЈО што нема да се избере до 15 септември кога е рокот за изминување на неговиот мандат‚ туку предметите кои се суштина на работата на СЈО и воедно главна цел на ДПМНЕ, ќе престанат, ќе се затворат. Затоа со таа намера и во тој тајминг ДПМНЕ одлучно блокира секоја расправа за новиот закон за ЈО каде се решава и судбината на СЈО.
Чиј е тоа интерес? На македонската јавност, на меѓународна јавност или само и единствено на ДПМНЕ?!?!
СЈО е создадено заради предметите и прогонот на криминалот кој треба да заврши на суд и во затвор, а не обратно. Никому не би требало преживеано СЈО без предмети и со нова агенда која кој знае каква би била и во што различна од обновеното обвинителство во иднина. Нас ни се важни предметите на СЈО и СЈО само ако нив упешно ги процесира – имено нивниот резултат во прогонот на криминалот и воспоставувањето на правдата. Ако предметтите се загрозени од блокирањето на СЈО, легитимно е да се најдат легални начини тие да преживеат и се процесираат без проблем. Формата на сегашното СЈО ако не може тоа да го стори поради блокада во Парламентот од опозицијата, не е од интерес да постои и по секоја цена да се поддржува.
Како што ги брани позициите на ДПМНЕ во можноста да блокира до бескрај (со наводно храбрата агенда „се борам СЈО да преживее“ и жалопојка по предметите), така оваа група експерти се обидува да ја поништи можноста предметите воопшто да се пренесат на друго обвинителство, имено инсистира тие да пропаднат со изминување на мандатот на СЈО и К. Јанева на 15 септември. Се обидува да ја оспори одлуката за пренос на предметите на СЈО со кои се гони споменатиот криминал – во Јавното обвинителство и вели дека одлуката на Јанева е незаконска.
Имено, овие лица велат дека таа има само право дел од предметите, поединечни предмети да предаде на друг обвинител (таа ги добила предметите да ги гони, а не предава на друг) и посебно не во вакви вонредни услови? Од каде вакво толкување извлекле експертите никој не знае? Да им укажеме на овие лица она што би требало да го знаат, имено, дека во Законот за СЈО, Делот 6, членот 6, точка 5 се вели: Републичкиот Јавен обвинител не може да превземе случај или истрага на СЈО без нејзина писмена согласност. Тоа значи дека Републичкиот Јавен Обвинител може да превземе случаи и сите случаи ако има писмена согласност од Катица, бре!
Ниту поединечно, ниту еден, ниту повеќе, ниту бутур имено може, и сите токму топ-тан – зависи од нејзината и само нејзината проценка и воља изразена со писмена согласност. Никакви нормални или вонредни околности кои експертите ги измислуваат како услови не постојат, јасна е надлежноста и оперативно можна се додека Специјалната обвинителка е во функција.
Ламентирањето дека тоа не било логично и било апсурдно не се никакви правни толкувања.
Постојат авторитативни или институционални, системски, деонтолошки и телеолошки толкувања на правниот текст. Првите од аспект на јазикот на текстот на законот и институцијата која го донела (тие не се наклонети на нив бидејќи законскиот текст е јасно спротивен на нивните тези). Потоа системски од аспект на системот на правото и неговата кохерентност – тие исто така се нефункционални за нив бидејки логиката на системот е функционирање на институциите во прогон на криминалот а не нивна блокада, а доказ за тоа (непобитен и клучен) е дека судовите ја прифаќаат надлежноста и оперативната функционалност на Специјалната обвинителка (независно што е во притвор) бидејќи ги прифакаат нејзините полномошници (обвинителите на СЈО) да ги застапуваат предметите на СЈО пред судовите кои постапки течат секој ден пред наши очи.
Од аспект на деонтолошкото толкување или оценка за вредностите добро/лошо и од телеолошкото толкување за целите кои сакаат да се постигнат со некој закон – не можат да извлечат поен бидејќи и тие единствено одат во правец на процесирање на криминалот и осуда на сторените дела и сторители и постигнување на целта и вредностите со кои е создаден законот и институцијата. Ништо не може да се толкува во правец на блокада, немање излез, ситење, завиткано во квази правно знаење. Но забавна беше, херменевтичка – деонтолошка поента на оној Давидивиќ (ланци и прстење): не му било логично и апсурдно било?! Абе, бегај бре!
Дебатата во паламудскиот правен круг ја сумираше шаолин мајсторот, Тупанче, од шаолинскиот манастир во Далјан, со фатфа: Временската отсечка… факторот време е против нас… У јеботе… струка си е струка, нема што!
Но да сумираме и ние: ако обвинителката е во функција (иако во притвор), функција што е докажана со протек на судските постапки во кои застапници на СЈО се нејзините полномошници, тогаш таа може да ги префрли предметите на ЈО во постапка предвидена со Законот.
Што е последица од оваа, во основа спасоносна идеја? Таа ги спасува сите постапки на СЈО против криминалот кои ги водеа. Индиректно помага за деблокирање на преговорите за законот за ЈО, ДПМНЕ нема мотив да го блокира бидејќи постапките кои беа за него најголем проблем отидоа во ЈО и ќе се водат без пречки, а приказните дека ќе се одлоговлечеле или дека ке се угаснеле (?) се, претпоставувате, глупости и нагаѓања на оние кои ја изгубиле битката за вистинско гаснење на постапките преку гаснење на СЈО без алтернатива.