Професорката се најде на 14-то место на светската листа на највлијателни жени во филозофијата во изминатите десет години, според Academic Influence
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/12/katerina-kolozoca-1024x464.jpg)
Листата е составена од 25 имиња на највидните жени во филозофијата од САД, Австралија, Франција, Велика Британија, Финска, Белгија, Германија, Шведска, Велика Британија и Турција. Редоследот на земјите е наведен според редоследот во листата. Северна Македонија, благодарение на проф. д-р Колозова е застапена веднаш по Франција. Се разбира, рангирањето не е според земји, туку според личностите.
Најбројни се мислителките и универзитетски професорки од САД, како Ненси Фрејзер, Керол Гилиган, Марта Нусбаум, Дона Харавеј, Сали Хаслангер и други. Потоа следат Кејт Мане од Австралија, француската мислителка со бугарско потекло Јулија Кристева, Елиза Аалтола од Финска, Лус Иригаре од Белгија, Сузан Ниман од Германија, Катрин Малабу од Франција, Сара Даниус од Шведска, Мери Миџли од Велика Британија, Шејла Бенхабиб од Турција, и други.
Во текстот за највлијателните 25 жени во филозофијата, за проф. д-р Колозова пишува:
„Катерина Колозова е македонски академик, автор и филозоф. Таа е директор и професор по родови студии и филозофија на Институтот за општествени и хуманистички науки, Скопје и професорка на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, Северна Македонија. Таа е поврзана со шпекулативниот реализам и пишувала за не-филозофијата на Франсоа Ларуел и делата на Карл Маркс. Таа е членка на Организацијата Non-Philosophique Internationale, со седиште во Париз, Франција, од основањето.“
Како и кај сите, под краткиот текст, наведен е и линкот ДОЗНАЈТЕ ПОВЕЌЕ од истата веб страница. ЦивилМедиа повеќе пати објавува текстови од и за проф. Колозова, меѓу кои, во овој контекст, е портретот објавен во 2020 година.
Проф. д-р Катерина Колозова докторирала на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Институт за филозофија, на 28 годишна возраст на тема од областа на философската антропологија, која е изработена во програмска соработка со EHESS-Paris. Прв пат е избрана за доцент на постдипломските студии по комуникации на ИСППИ-УКИМ, а потоа предава како постојан или визитинг професор на повеќе високообразовни институции во Македонија и регионот (Белград, Софија, Сараево).
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/12/izvadok-od-top-listata-na-moderni-filozofi.jpg)
Во моментов е професор на Институтот за општествени и хуманистички науки, приватна непрофитна научна установа акредитирана за студии од втор циклус. Едновремено е и дел од редовниот кадар на Департманот за критички политички студии на Факултетот за медиуми и комуникации во Белград, каде предава современа политичка филозофија. На истиот факултет претходно предавала и филозофски предмети за комуниколози (како „студии на реалноста“) и родови студии.
Феминизмот и родовите студии се дел од темите кои постојано ги пронижуваат нејзините истражувања и наставни ангажмани, како и нивните пошироки аспекти: теории на субјективитет, идентитет, и сл. Во 2009 била визитинг професор со истражувачки ангажман на Универзитетот Беркли-Калифорнија под супервизија на Џудит Батлер. Во 2019 беше визитинг професор истражувач на Универзитетот Колумбија од Њујорк, Школата за студии на јавни политики, во нивниот глобален центар во Париз.
Нејзините монографии се издадени од Columbia University Press, Bloomsbury Academic – London (UK), Punctum Books – New York (Brooklyn), а делови од поглавја на приредени книги објавила со Edinburgh University Press, Oxford University Press, Bloomsbury Academic, како и статии за журнали на Sage, Taylor and Francis, Palgrave Macmillan и бројни други.
Долги години работи на врската меѓу ригорозната наука и студиите на политики, посветена на претворањето на филозофските и научните увиди во практики на управување кои може да се применат, со фокус на т.н. „model of grand policies“, кој подразбира структурни и долгорочни преобразби и реформи во едно општество, кои не се сведуваат само на промислување на легислативата туку и културните и други општествени политики.
Работи со бројни странски млади научници, па така во август 2018, Универзитетот во Тубинген организираше Меѓународна Академија со К. Колозова (International Summer Academy with Prof. Katerina Kolozova).
Поврзаноста на филозофските области во кои д-р Катерина Колозова постигнува светска слава, со низа други области од суштинска важност за развојот на општеството и политичките системи може да се забележи и во интересот на низа автори од областа на правото. Така, автори од областа на студиите на правото ги дискутираат тезите на филозофското дело на Колозова Cut of the Real: Subjectivity in Poststructuralist Philosophy : The American Journal of Comparative Law, Volume 65 (Oxford University Press), Issue suppl_1, July 2017, Pages 1–132, 76.
Трудот на д-р Колозова од областа на филозофијата на правото (Потеклото на законот) објавен од Angelaki: Journal of the Theoretical Humanities (Routledge-UK), 19:2, 99-111 е цитиран од повеќе автори, како на пример Tony Fry во Unstaging War, Confronting Conflict and Peace (Springer, 2019) или Religion and European Philosophy: Key Thinkers from Kant to Žižek edited by Philip Goodchild, Hollis Phelps (Routledge 2017) и други.
(користени материјали објавени во civil media)