Спогодбата меѓу Македонија и Грција е добра независно од фактот дека е услов за прием во НАТО и услов за отпочнување преговори со ЕУ
ВАЛЕНТИНО ДИМИТРОВСКИ
Спогодбата меѓу Република Македонија и Република Грција носи наслов „КОНЕЧНА СПОГОДБА ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 (1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ. Со Спогодбата се предвидува решавање на разликите околу термините „Македонија“ и „македонски“, кои долго време ги оптоваруваат меѓусебните односи, потоа престанување на важноста на Привремената спогодба (FYROM) и на крајот се проектира воспоставување стратешко партнерство меѓу двете држави.
Анализата на клучните термини и нивното дефинирање во Спогодбата треба да се соочи со дилемите во јавниот дискурс околу оправданоста на нејзиното донесување и прифаќање, како и да одговори на забелешките на оние кои ја негираат во одредени делови или во целина. Анализата еднакво треба да одговори на оние што ја оспоруваат, како и на оние што ја прифаќаат заради придобивките што се значителни, но имаат извесна горчина во чувствата дека нешто се губи со истата. Воедно, анализата треба да се води од содржината на самата Спогодба и да се однесува исклучиво на Спогодбата, независно и без барање оправдување од непосредните причини за нејзиното донесување и прифаќање, а тоа е условеноста за прием во НАТО и отпочнување преговори со Европската Унија.
Значењето на оваа Спогодба треба да произлезе од прифатливоста на нејзините содржини и решенија, без да се бара оправдување и алиби од недвосмислената поврзаност и условеност со НАТО и ЕУ. Доколку Спогодбата не се оправда самата себе, доколку во неа има одредени рецидиви кои би ја оптоварувале нашата иднина, истата нема да го издржи испитот на времето. Иако Спогодбата има регионални и пошироки меѓународни импликации, таа претставува билатерален документ со кој две соседни држави сакаат да го решат долгогодишниот спор околу разликите за двата клучни термини што се рефлектираат на еден широк спектар на употреба, „Македонија“ и „македонски“. Анализата таксативно ќе се задржи на клучните точки околу овие термини за кои се искажани повеќе дилеми, забелешки или оспорувања.
Забелешката дека во преамбулата на Спогодбата се именува Првата страна, Грција, а нашата држава само како Втора страна, е беспредметна бидејќи не може да се очекува од Првата страна да го прифати постојното именување на Втората страна кое за неа е спорно. Документот што се носи, Спогодбата, се однесува токму на решавање на разликите околу тоа. Подолу во Спогодбата Првата страна, Грција, прифаќа именување на нашата држава согласно разрешените разлики и постигнатата согласност, имено, Република Северна Македонија.
Решението за името во член 1 став 3 точка а) во Спогодбата, Република Северна Македонија, е решение кое што разграничува на кој дел од историско-географскиот термин „Македонија“ и припаѓа нашата држава. Придавката „Северна“ во модифицираното име прецизно го лоцира нашиот државен субјект и ги отстранува евентуалните забелешки дека имплицира значенско „протегање“ на целокупната територија на историско-географскиот топоним Македонија, но ги појаснува и дилемите кај неутралните и недоволно упатените набљудувачи однадвор за која Македонија станува збор. Дел од нив ги мешаат термините Република Македонија, историско-географската област Македонија и северната област Македонија во Република Грција.
Името Република Северна Македонија е прецизно и објективно, затоа што го отсликува она што нашата држава е, ја сведува нашата држава на она што е. Воедно, името на државата во суштина не се менува . Името е во именката „Македонија“, а придавката „Северна“ е појаснување со кое што се објективира именувањето на државата и се разграничува од останатите региони во опкружувањето кои се делови од пошироката историско-географската област Македонија. Употребата и примената на модифицираното име erga omnes го стандардизира нашето именување еднаш за секогаш ( го отфрла FYROM), ги отстранува дилемите и евентуалните проблеми од двојната формула (едно име за домашна, а друго за меѓународна употреба) и го профилира решението како цивилизациска вредност, ослободено од какви било негативни рецидиви (политички, идеолошки, семантички, културни и сл.), што промовира еманципирано однесување во поширокото регионално и континентално опкружување. Впрочем, името и именувањето доминантно се однесува на тоа како другите нè доживуваат нас. Името е она по што ние сме јасно препознаени и препознатливи за другите. Затоа, надворешното име (кое што не беше суштински оспорувано од сите или од повеќето) треба да биде и наша легитимација за дома, наша единствена легитимација.
Особено е важно и далекусежно решението за нашиот официјален јазик, македонскиот јазик, иако истиот е признат уште на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година. Она што решениево го прави историско е што таксативно го признава и парафира страната која тоа досега флагрантно го негирала. Сега македонскиот јазик конечно и целосно е забетониран во културната и политичката матрица на двете држави со меѓудржавен договор, со тенденција за целосно и безрезервно меѓународно етаблирање. Појаснувањето од членот 7 став 3 и 4 од Спогодбата само го лоцира македонскиот јазик онаму каде што припаѓа, во јужнословенската група на јазици. Како таков, македонскиот јазик нема никаква врска со античката хеленска цивилизација, историја, култура и културно наследство на Грција.
Не помалку значајни се решенијата за термините „Македонија“ и „македонски“, при што се признава дека се однесуваат на различен историски и културен контекст за едната и за другата страна. За грчката страна овие термини ја означуваат областа и народот во нејзиниот северен регион (што не е спорно), како и нивните одлики, како хеленска цивилизација, историја, култура и културно наследство на тој регион од антиката до денес (што, исто така, не е спорно). За нашата страна овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики со сопствена историја, култура и наследство што се различни од оние на грчката страна. Со ова се прави културно и цивилизациско разграничување без никаква загуба или каква било негативност за двете страни. Ова решение (како и останатите во Спогодбата) е исклучително значајно за нашата страна. Со тоа не само што се дефинира значенското разграничување на овие термини, туку и се отстранува фантазматската и шизофрена антиквизирачка парадигма во нашата култура и општество, без никаква основа наметната во последните 2/3 децении. За оние недоволно разубедените по ова прашање упатуваме на стандардните светски енциклопедии, вклучитеклно и на руската.
Принципот на разграничување во Спогодбата се применува и во други области, што е логично, прифатливо и одржливо решение. Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата нормално дека ќе произлезе од модифицираното име, НМ или НМК, а за останатите намени останува МК и МКД, како што е официјално определено со Меѓународната организација за стандардизација (ИСО). Еднаква модификација со официјалното име е прифатлива и во називите на службените органи и други јавни институции. И досегашната примена на придавката, македонски/а, во називите на овие институции го означуваше државниот, а не етничкиот модус. Истите не се однесуваа само на етничките Македонци, туку на сите во државата. Останатите употреби на придавката надвор од горенаведеното ќе се применуваат согласно востановеното разграничување во значењето на термините.
Во духот на соседското разбирање и примена на меѓународните стандарди е и решението за почитување на препораките на Конференцијата на ОН за стандардизација на употребата на официјалните географски имиња и топоними на двете страни. Почитувањето на меѓународните стандарди во сферата на малцинските права е решение што не треба да предизвика негативно чувство и страв од запоставување на нашите сонародници во Грција. Примената на правните практики својствени за ЕУ би биле доволна гаранција за евентуалните уставни корекции по ова прашање. Ако на ова се додаде постигнатото идентитетско разграничување во Спогодбата што ќе овозможи поприфатливо идентификување на нашите сонародници во Грција, како и можноста за користење на сите форуми и механизми за малцинските права во ЕУ во иднина, тогаш со сигурност може да се претпостави дека овие уставни корекции ќе бидат многу поуспешни отколку постојното решение со кое досега ништо не е постигнато.
Бурни реакции во јавноста предизвика одредбата во Спогодбата за формирање заеднички интердисциплинарни комитет на експерти за историски и образовни прашања што ќе го третира објективното научно толкување на историските настани, засновано на автентични докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди. Утврдените евентуални неправилности кај двете страни ќе бидат предмет на ревизија во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа. Ова решение, како и сличното содржано во Договорот за добрососедство со Република Бугарија, предизвика бурни реакции и несватливи стравувања. Ако овој Комитет биде формиран на реципроцитетна основа и фундиран на научни методолошки стандарди, неговата работа може да биде само од огромна важност за доближување на историографските модели на толкување и воспоставување квалитетен и модерен научен и севкупен интелектуален дијалог меѓу културните и научните заедници во двете земји. Доколку заеднички и взаемно се утврдат грешни, тенденциозни или лажни интерпретации за минатото во двете земји, нивното исправање и култивирање е од интерес за двете страни.
Како што е назначено, структурата и духот на Спогодбата се темели врз принципот на поливалентно разграничување во значењето и употребата на клучните идентитетски термини и со почитување на правото на различно толкување на истите, согласно различните историски и културни контексти во двете држави. Овој единствено можен принципиелен модел на решавање на долгогодишниот спор од осамостојувањето на нашата држава, но и со рецидиви од крајот на 19 век наваму, се базира на доследна неексклузивност во толкувањето на термините и нивната примена.
Принципот на неекслузивност подразбира не само дека двете страни можат еднакво да ги применуваат овие термини, туку и дека употребата на едната и на другата страна стриктно ќе го почитува ограничувањето на именската и придавската форма согласно нејзиниот историски и културен контекст, во рамките на сопствениот идентитетски корпус. Оттаму, географското објективирање коешто во именувањето на државата недвосмислено се позиционира во однос на останатите делови на историско-географскиот регион „Македонија“. Оттаму, исто така, идентитетското уточнување на јазикот и останатите историски, културни и цивилизациски контексти како доминантно словенски, различни од оние на нашиот јужен сосед. Ова темелно нè позиционира како препознатлив субјект во регионот, како историски така и актуелно политички. Со решенијата за употреба на клучните термини во Спогодбата, а што се однесуваат на нашата страна, се потврдува прецизно и објективно само она што сме и какви што сме. Имајќи предвид дека со ваквата Спогодба Република Македонија не губи ништо, туку само добива и се легитимира пред светот како сериозен и релевантен субјект, сметаме дека чувството на горчина што се јавува во врска со Спогодбата треба да се однесува исклучиво на тоа што истата можела и требала да биде склучена уште на почетокот од 90-тите години од минатиот век, веднаш по осамостојувањето. Доколку тогаш се имаше критична маса од историски и еманципаторски капацитет во нашето општество, со ваквото решение ќе беа избегнати многу негативни процеси во изминативе речиси три децении. Не е на одмет и прашањето зошто овој проблем со рецидиви од крајот на 19 век не беше надминат уште во 1944/45 година при создавањето на Република Македонија. Во тогашниот специфичен идеолошки контекст овој модел на решавање ќе беше многу полесно остварлив. Иако, Република Македонија тогаш не беше конституирана како меѓународен правно-политички субјект и одредените резерви кај нашиот јужен сосед елегантно биле одбивани како внатрешно прашање на новата држава, ФНРЈ.
На крајот, оваа Спогодба има и едно неповторливо историско значење, зашто со неа на софистициран начин конечно се затвора последното поглавје од таканареченото „Македонско прашање“ од крајот на 19 век. Тоа прашање тогаш било дефинирано како сериозна политичка состојба третирана од европската дипломатија, во предвечерието на тогаш скорешното разрешување на Османлиското владеење со историско-географската област Македонија (административно до 1912 година – Румелија) и проблемите што потоа ќе настанат, со оглед на мултиетничкиот и мултирелигиозниот карактер на населението во таа област.