ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
ВМРО-ДПМНЕ е директна штетна интервенцијаза идентитетот на Македонија и како целина, и врз секоја индивидуа поодделно. Стрелката на времето е кон иднината, а тие ни ја вртат на спротивната страна
– Како работи Хајзенберговиот компензатор? – го прашале новинарите Мајкл Окуда, научниот соработник и графички дизајнер за научно-фанатастичната серија Ѕвездени патеки.
– Многу добро, благодарам! – одговорил Окуда.
Се разбира, Хајзенберговиот компензатор е измислица како делче од исто така измислената направа „транспортер“, за целите на франшизата. Гледачите замислуваат дека се извршува телепортација кога ќе ги видат карактеристичните светки, линии и транспарентни луѓе кои потоа се појавуваат на друго место. Обожавателите на серијата го поставиле проблемот: Што се случува со луѓето при процесот на телепортација, дали пренесените луѓе се истите луѓе од платформата за телепортација или, пак, луѓето на платформата се убиваат со разложување на најситни честички, па потоа се креираат нивни копии на дестинацијата? Објаснувањето било дека транспортерот го запамтува распоредот на локации и брзини на движење на најситните честички од телото, па по тој распоред се проектираат на целта. Но, гледачите забележале дека запамтување на точен распоред во однос на двете – и на локации, и на брзини на квантни честички е невозможно, тоа е нарушување на Хајзенберговиот принцип, па затоа Окуда го воведува „Хајзенберговиот компензатор“ како научно-фантастично премостување на таа реална невозможност.
Проблемот на обожавателите на Ѕвездените патеки, во принцип, е истиот антички проблем со бродот на Тезеј – дали ако ги замените сите делчиња со други тоа ќе биде истиот брод? А ако ги зачувате старите делчиња и го реизградите идентично, тогаш кој е оригиналниот брод? Сите комбинации се разгледувани – ако новите делчиња се од други материјали, но формата е задржана, ако конструкцијата на бродот од старите делчиња не е сосем идентична, ако старите делчиња само стојат спакувани (дали материјалот е најважен), ако има и додадени делчиња на стариот брод, правење голема временска пауза до реизградба од старите делчиња (временски континуитет), до субатомско ниво на конститутиенти, само за да се одговори дали двата, ниеден или кој од двата (или n-те, можно) e бродот на Тезеј.
Дилемава е, всушност, проблем на идентитетот, oд античка Грција, преку Томас Хобс во предминатиот век, до денес. Начинот и нивото на детали во кои се навлегува денес дури и за измислена работа како транспортерот од Ѕвездените патеки, значи дека тлее анксиозност заради прашањето на идентитетот. Но,тешко дека се работи за загриженост за телесните својства. Сознанието за биолошкиот факт дека на секои 7 до 10 години нема веќе клетка од нашето тело кое е иста не нѐ вознемирува, не го гледаме тоа како некакво менување на идентитетот. Со огромно количество посета на државните и приватните клиники (па и машинизирани козметички салони), тешко дека некој смета дека му се менува идентитетот со вградувањето на разни видови протези во телото или со отстранувањето или дополнувањето ткива, па макар биле тие и на лицето.
Не е особено почувствително, на пример, менувањето на презимето, кое може да претставува извесна ознака за животна промена, на пример, заради венчавка, за поврзаност со партнерот. Или тоталната промена сосе преселба, како важен заштитен сведок. Но, жената, најчестиот менувач на презимето заради венчавка, не е само објект на поврзаност со партнерот, ниту пак сведокот е само своето сведочење, така што тие не го чувствуваат тоа како „промена на идентитетот“. Матичниот број технички обезбедува флуентност на ознаката, но, јасно, ни тој не е суштинска идентификација, туку само надворешен податок за нас, наменет за базата податоци на еден колектив (државата).
И покрај многувековниот гностички, спиритуален акцент на темата идентитет – преку „душа“ или нејзините аналози „интелигенција“, „свест“, итн., сепак немаме одговор за проблемот ни во тој лексикон. Ваков одговор ќе ни послужеше и како алатка против сегашните ужаснувања од вештачката интелигенција, особено заради можностите за длабоки имитации на идентитетски својства, токму на бестелесното, виртуелно, „меко“ ниво. Религиите веќе два-три века сѐ послабо и послабо го нудат фластер-чувството на стабилност во анксиозноста за идентитетот, веројатно токму од моментот кога расите, етницитетите и другите категоризирања на колективи, денес обележани и осудени како основи за дискриминација, почнале да се засилуваат заради интензивирањето на комуникацијата меѓу луѓето (разликите стануваат позабележливи). Верските институции, пак, само додатно го усложнуваат проблемот и го дестабилизираат дури и фластер-чувството низ догми и обреди некомпатибилни со човековите вредности: Дефинираат гревови кои тоа суштински не се, а потоа ги „прочистуваат“ луѓето од тагата која самите им ја генерирале. Вистински маѓепсан круг, кои некои сѐ уште го вртат, но сѐ повеќе луѓе ја препознаваат шемата и ја одбиваат или ја препокриваат со њуејџизми.
Во категоризирањето од основите на дискриминација читаме не само обиди на колективите за самодефинирање преку одреден „квалитет“ (во смисла карактеристика), туку и самиот факт што денес се викаат дискриминации укажува дека веќе многу добро сме разбрале оти одговорот на прашањето за идентитетот не е меѓу тие категории. Од обидите за самодефинирање преку вакви „чисти“ (во смисла хомогени) категории изникнува и квазиавторитативниот термин „самоопределување“. Тој, всушност се обраќа на индивидуа, за да ѝ „овозможи“ припадност во колективот со тој „квалитет“, повторно како фластер-чувство за стабилизација на сопствениот идентитет. Значи, категориите од основите на дискриминација, сосе нивните поединечни поларни спротивности (пол, раса, етницитет, националност, вера, возраст, попреченост/непопреченост итн.) се неуспешни обиди да се „самоопределиме“, поточно да нѐ „самоопределат“ некои други.
Всушност, уште повеќе, тоа што ги препознаваме како основи за дискриминација ни укажува дека е бесмислен апсурд прво да се фиксира колектив со една-две такви хомогени карактеристики, па потоа на единката да ѝ се нуди, односно наметнува да си го дефинира идентитетот со значка од тие 1-2 „квалитети“: Индивидуата е цел дијапазон од означени, а под видливиот врв, бескрајно море од неозначени карактеристики, во внатрешна флуентна интеракција едни со други. Тие се променливи, и сами од себе, и заради интеракција со други единки. Така, секој аспект на индивидуата е динамички, па затоа не може туку-така да се колабира во фиксен или, пак, да се бираат црешки од аспектите. Сепак, на голем дел од конзервативните заедници не им е тешко, како Мајкл Окуда, фиктивно да си воведат “Хајзенбергов компензатор“ за колабирање на индивидуалноста низ само еден до два аспекти од основите за дискриминација, со таа разлика што Окуда знае дека измислувањето на невозможна направа му е премостување на апсурд.
Конзервативните колективи, слични на нашите отсрце-симпатизери на ВМРО, вештачки ги ДНК-зираат категориите како што се вероисповеста и/или етницитетот, бидејќи ДНК полесно може да се замисли како опиплива материјална единица за идентитет, за разлика од преситните квантни честички, или прекрупните клетки или делови од телото. Но, ДНК-зирањето сѐ уште пати од проектирање, колабирање во еден до два квалитети, „значкосување“ би го нарекла тоа, но овојпат тоа е врз концептот на ДНК како носител на информација. Небаре луѓето се црви или пониско, ако сме конзистентни во ДНК-зирањето. Затоа и не зачудува нивната опседнатост со симболи, тие им се значки, бар-код, не само за распознавање, туку и за дезинтеграција на бесконечно многу други, автентични индивидуални квалитети кои не им се конгруентни со значката од 1-2 хомогени „квалитети“.
Дека конзервативните колективи од ваков тип имаат дефект, заостанување во сфаќањето на индивидуалниот и колективниот идентитет, според мене има индиции во една интернационална анкета правена со степени на сигурност во изборот, која 45 истражувачи од различни земји ја спровеле на околу две и пол илјади луѓе, исто така од најразлични земји, на тема – токму загатката за бродот на Тезеј (The Ship of Theseus Puzzle, David Rose et al.) Во статистичката анализа забележале интересна поделба: Во конзервативните, технолошки понеразвиените заедници се покажува наклонување кон изборот дека стариот брод (макар и само како делови) е оригиналниот, додека во индустријализираните, технолошки напредни средини, опцијата дека бродот со заменети делови е оригиналниот брод е далеку почесто избирана. За напредните средини, бродот е функционална работа, всушност, задржувањето на неговиот облик и инсистирање на здрави компоненти во него значи задржување на неговата функција. Да забележиме дека овој анкетен наод не служи овде за кружен аргумент меѓу конзервативните норми и технолошката неразвиеност, туку е индикативен конкурент за следство од двете страни , т.е. за еквиваленција меѓу конзервативноста и технолошката неразвиеност. Така, наодот (како индиција, секако) станува и конкурент за негативен одговор на прашањето дали конзервативните „значки“ во нашиот идентитет го водат колективот кон развој.
Можеби затоа е забележливо дека многу од декларираните конзервативни партии во напредниот свет се напрегаат во пропагирањето на ограничената низа „чисти“ вредности. Напорно е да се пропагира невозможност како „Хајзенбергов компензатор“ како да е вистина. Тој вид на напрегање е Сизифов – на пример, обидете се да ги искажете сите реални броеви само набројувајќи неколку фиксни бројчиња! Затоа, во држави каде што напредокот на колективот се сфаќа сериозно од сите, конзервативните партии најчесто се ориентираат кон таканаречените „конзервативни“ идеолошки аспекти во економијата. Но, тоа е само премостување на апсурдот на конзервативноста, како што е и идејата на Окуда, всушност, во економската наука нема место за конзервативности во неекономска смисла, со 1-2 „чисти“ категории, затоа што токму економијата најсеопфатно одговара на прашањето на идентитетот на колективот – преку анализа на тоа што е дадено и најфункционално можно проектирање иднина за максимален бенефит на колективот. И од неа нема мрдање, бидејќи е мошне егзактна и практична. Значи, да забележиме дека економската наука всушност дава многу добра дефиниција на идентитетот на колективот – преку иднината! – Кој е овој колектив? -Тој, чија проекција за иднината (конкретен алгоритам!) со цел максимален бенефит за себе и за своите единки, при тековно постоечките ресурси и можности во него, во таа иднина се исполнила.
Што значи, самата декларација „конзервативна партија“ (или политичар, или идеологија) како пропагатор на „конзервативни“ вредности (надвор од економското значење) е еден заостанат апсурд небаре од пред-античко време, а не функционален концепт кој би служел за доброто на индивидуата и на колективот, бидејќи е во конфронтација со функцијата на идентитетот разбран преку иднината. Нефункционалноста на концептот на конзервативноста не е неутрална, таа е оневозможувачка за колективот да ја извршува функцијата за добробитта на индивидуата, а со тоа и за самиот колектив меѓу други, бидејќи го одзема факторот на можностите.
Кај нас дополнително, ВМРО-ДПМНЕ тековно сѐ уште одзема од можностите како опозиција, но како власт одземаше и од ресурсите – себични испумпувања стотици милиони евра од РЕК Битола 2009-2016, од провизиите за патиштата, од Скопје 2014 и веројатно од секој тендер и приватник („спонзорирањето“ од прислушнуваните разговори, ок, да нагласиме – прислушнуваните 20000 луѓе!), просечна пензија во 2013 била 11540 денари, минималец од 8050 денари и просечна плата од 310 евра во 2012 г., и не, инфлацијата не ги изела, сосе инфлација денес минималецот е всушност дупло поголем, а просечната плата е за пола реално поголема, дури и едно зрнце како што е сега поврат на ДДВ, ВМРО-ДПМНЕ тогаш мораше да го колвне. Грдиот кич од стиропорни фасади и невешти споменици тогаш беше, и губење ресурси за државни клиники, и туберкулозно воспаление на македонскиот идентитет, а со Преспанскиот договор тој кич остана како калцифициран остаток во подоздравеното тело на Македонија. Субратарој – псевдоинвестициите беа македонски идентитетски срамови пред светот, а сега има вистински директни инвестиции – секој може да ги види позитивните движења на страната на НБРМ, на пример за 2022 г. се 753.8 милиони евра и се континуирани – насловот на Investment monitor од крајот на септември 2022 е “How does North Macedonia punch above its weight when it comes to attracting FDI?” со рангирање на второ место, пред Хрватска и далеку пред Финска, на пример. Тоа денес оди со толку вработувања што е преполовен процентот на невработеност од 2016-та, најмногу со ТИРЗ: Гересхајмер, Малхотра, Чагатај Кабло, Мурат Тиџарет, Џемдаг Лајтнинг, Доган Oтомотив, Балканлар Пластик, Дура Аутомотив Системс, Речи и сонс, Теламон, Вик и Кеслер, Саген, Баумер, Зенит, Кранфилд Фаундри, ОДВ Електрик, Дијатек, Макдиа… Се избегнуваат овие позитивности во големите медиуми и со тоа секој ден си го покажуваат сѐ уште непреболениот Стокхолмов синдром кон ВМРО-ДПМНЕ, со извртеното известување за добрите вести како да се лоши. Но, медиумите и судската власт се средуваат во Собранието, каде што ВМРО-ДПМНЕ ги стапнале на вратот овие и не пуштаат. Ниските до дно индекси на слободи во 2014-2016 г., почнувајќи од 2017-та само растат, слободата на медиумите на Репортери без граници во 2014 г. падна до дно – 123-то место во светот со претепани, тужени и затварани новинари, а сега е 57. место. Газењето со тежок опинок на сите нивоа на образование и здравство потпрекина по 2017 г., но со големи пречки и тешко заздравува, газењето по социјални категории и преферирање листи од поединци прекина, а опсегот и сумите за помош се значително поголеми. Ова што се случува сега е пополнување на црвеното салдо кое ВМРО-ДПМНЕ своерачно му го направи на македонскиот колективен идентитет и уште длаби во него.
ВМРО-ДПМНЕ воопшто не знае што зборува кога вели „идентитет“ или „Македонец“. Тој „Македонец“ од нивната „значка“ е суштество со дури и помалку од македонски етницитет, а камоли државност. „Македонец“ за ВМРО-ДПМНЕ е само припадник или симпатизер на партијата, а ефективно, признавач единствено на нивните ограничувања на сѐ друго што не се тие самите и Сизифов забранувач на бесконечноста на индивидуалноста. Така и ќе завршат, како Сизиф – во етерот ќе останат да редат само купишта празни зборови без трунка вистинска проекција за иднината. Ќе ги бараат старите изгниени штици и расипан мотор на бродот Македонија и ќе нѐ тераат на таков брод да залутаме којзнае каде, само не во ЕУ. Да сме што подалеку од фундаменталните вредности, секаде каде што сѐ уште држат нога на нечиите вратови. Ќе го слушаме само звукот на празните тенџериња на шефот и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, од ехото на дупката во партискиот буџет без Белата палата.
ВМРО-ДПМНЕ е директна штетна интервенција во идентитетот на Македонија, и како целина, и врз секоја индивидуа поодделно. Стрелката на времето е кон иднината, а тие ни ја вртат на спротивната страна. Не постои нешто како „зачувување идентитет“, тоа е само штетен оксиморон во однос на функционирањето во иднината, и на колективно, и на индивидуално ниво. Имено,никој не може да влезе во истата река од вчера, но ВМРО-ДПМНЕ залудно го бара тоа од нас и цел свет. Некој да не го има доктор Брауновиот симпатичен трокрак флуксен кондензатор при рака, случајно?